СКРМ со постапка до Меѓународната организација на трудот, Министерството за култура ги отфрла обвинувањата на СКРМ: „Преговори имало, фактите го покажуваат тоа“
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот (МОТ), оценувајќи дека биле исцрпени сите можности за мирно решавање на спорот околу Колективниот договор за култура.
Од СКРМ велат дека на овој чекор се одлучиле откако, како што наведуваат, повеќе од една година немало суштински дијалог со Министерството за култура и туризам, а паралелно се води и постапка пред Уставниот суд поврзана со Колективниот договор.
Во соопштението синдикатот наведува дека поради, според нив, непочитување на правата утврдени со Колективниот договор, биле поднесени околу 800 тужби против институциите. Посочуваат и дека по консултациите со претставници на МОТ добиле препорака претставката да ја поднесат до Комитетот за слобода на здружување, а воедно побарале и медијација во спорот.
Од СКРМ тврдат дека неофицијално биле изразени сериозни забелешки за односот кон колективното договарање и предупредуваат дека евентуалното укинување на Колективниот договор би можело негативно да се одрази врз меѓународниот углед на државата.
Синдикатот наведува дека по интервенцијата на премиерот Христијан Мицкоски биле обновени разговорите меѓу Министерството за култура и туризам, СКРМ и СОНК, но оценува дека досегашниот тек на преговорите не довел до заемно прифатливо решение.
Во соопштението се нагласува дека СКРМ останува подготвен за преговори, но нема да прифати, како што наведуваат, ултиматуми и ќе продолжи да се залага за заштита на работничките права, достоинството на вработените во културата и почитување на колективното договарање.
Во врска со преговорите, министерот за култура и туризам Зоран Љутков претходно изјави дека Министерството останува отворено за разговори, но дека решението на Уставниот суд претставува „црвена линија“ која мора да се почитува во понатамошниот процес на усогласување.
Потсетување: Уставниот суд во мај годинава поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, постапувајќи по иницијатива поднесена од граѓанин. Со решението за поведување постапка Судот не донесе конечна одлука за укинување на договорот, туку отвори постапка во која ќе ја оценува неговата усогласеност со Уставот и законите. Конечната одлука на Судот сè уште не е донесена.
Министерството за култура и туризам реагира на обвинувањата од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), оценувајќи ги како неточни и тенденциозни тврдењата дека ресорот не седнал на преговарачка маса со синдикатите и дека не покажал интерес за решавање на спорот околу Колективниот договор за културата.
Од Министерството посочуваат дека пред една година била формирана работна група со претставници од двата репрезентативни синдикати – СКРМ и СОНК, токму со цел разгледување на прашањата поврзани со Колективниот договор.
Според нив, работната група одржала два состаноци, по што, како што наведуваат, од страна на синдикатите биле прекинати понатамошните разговори. Министерството тврди дека за средбите постојат официјални записници.
Во реакцијата се наведува дека по постапката пред Уставниот суд, Министерството веднаш иницирало нови разговори со синдикатите. Средба била одржана на 15 април, на која присуствувале министерот за култура и туризам Зоран Љутков, претставници на Министерството, синдикатите и нивен правен застапник.
Од ресорот велат дека разговорите продолжиле и по објавувањето на решението на Уставниот суд, при што последната средба се одржала на 12 јуни. Тогаш, според Министерството, било договорено синдикатите да се консултираат со членството и да достават предлози, а нов состанок е закажан за 2 јули.
„Сосема е неосновано да се гради наратив дека Министерството за култура и туризам не преговара. Фактите покажуваат дека постои процес на дијалог“, се наведува во реакцијата.
Министерството категорично ги отфрла и тврдењата дека се обидува да го укине Колективниот договор или дека врши влијание врз постапката пред Уставниот суд.
„Министерството не е подносител на иницијативата, нема законска надлежност да укинува колективни договори и не се меша во работата на Уставниот суд“, посочуваат од таму.
Во однос на најавата на СКРМ за обраќање до Меѓународната организација на трудот, Министерството информира дека е подготвено да одговори на сите барања и дека останува отворено за соработка.
Од ресорот повторуваат дека се посветени на социјалниот дијалог и изнаоѓање решение за вработените во културата, додавајќи дека јавната комуникација треба да се темели на факти, а не на, како што велат, шпекулации и политички квалификации.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СКРМ со постапка до Меѓународната организација на…
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ)…
Ивица Јаковлевски во Солун поканет од еден…
Голема чест и признание за Ивица Јаковлевски,…
Бројот на жртви од земјотресот во Венецуела…
Бројот на жртви од двата силни земјотреси…
Ангелов: Движењето во шума не се забранува,…
Одлуката за воведување ограничувања за движење во…
Одреден притвор за Македонецот кој уби 45…
Со едногласна заедничка одлука на истражниот судија…