Собранието ги избра Адмир Шабани и Дритон Сулејмани за заменик-министри

t

Во рамки на 90. седница, Собрание на Република Северна Македонија со 71 глас „за“ и 11 „против“ го избра Адмир Шабани за заменик-министер за одбрана и Дритон Сулејмани за заменик-министер за образование и наука.

Премиерот Христијан Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, рече дека станува збор за дел од поширок процес на зајакнување на институциите и враќање на довербата, нагласувајќи дека Владата поставува луѓе со знаење, интегритет и чувство за одговорност.

Во расправата, Халил Снопче од Алијанса за Албанците ја критикуваше работата на Владата, посочувајќи на високата потрошувачка кошничка, цените на енергијата, состојбата во правосудството и меѓуетничките односи. Мицкоски возврати дека државата бележи напредок според извештајот на Transparency International и најави засилена борба против криминалот.

Критики за кадровските решенија упати и пратеничката Даниела Николова од Социјалдемократски сојуз на Македонија, која оцени дека станува збор за политички, а не стручни избори, особено во чувствителните ресори одбрана и образование. Од друга страна, пратенички од Движење Беса изразија поддршка, оценувајќи дека избраните кандидати се професионалци кои ќе придонесат во своите области.

По гласањето, седницата беше прекината, а продолжението ќе биде дополнително закажано.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ