Тошковски: Истрагата за смртта на двегодишното дете сè уште трае, се испитуваат и наводите за полициска бруталност
Истрагата за трагичниот настан во кој двегодишно дете го загуби животот од заскитан куршум за време на новогодишната ноќ сè уште е во тек, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Министерот потврди дека досегашните вештачења утврдиле оти смртта на детето е последица на заскитан куршум, а не на директен напад. Тој нагласи дека полицијата ги презема сите чекори за пронаоѓање на сторителот, иако призна дека ваквите случаи се исклучително тешки за детектирање и откривање сторител.
„Она што досега е официјализирано е дека станува збор за куршум потврден од надлежните органи. Не станува збор за куршум директно насочен кон детето, туку за залутан куршум. Преземаме сè за да утврдиме конкретен сторител, но во ваква ситуација ова се доста тешки случаи за детектирање и откривање сторител“,рече Тошковски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција на која беше со министерот за здравство Азир Алиу.
Во однос на обвинувањата од родителите на починатото дете за полициска бруталност истата вечер, Тошковски појасни дека полицијата интервенирала во Градската болница во Скопје по повик од болничкиот персонал.
Според информациите што ги добил Тошковски, и полициските службеници затекнале агресивно и недолично однесување од страна на поголема група луѓе во просториите на болницата.
Полициските службеници од СВР Скопје утврдиле дека јавниот ред и мир се навистина нарушени, по што примениле полициски овластувања.
Министерот потврди дека е запознаен со поплаките на семејството за начинот на кој постапувала полицијата. Тој најави дека надлежните органи во МВР веќе спроведуваат истрага за да се утврди дали полицајците ги пречекориле своите овластувања.
„По извршената истрага од страна на надлежните органи во МВР, ќе ги соопштиме сите детали и ќе утврдиме дали имало или немало такви чекори. Факт е дека службениците интервенирале затоа што биле повикани од персоналот на болницата“,додаде Тошковски.
Двегодишното дете што беше тешко повредено од огнено оружје за време на новогодишната ноќ им подлегна на повредите на Клиниката за неврохирургија во Скопје, а Обвинителството издаде наредба за обдукција на телото.
Од Министерството за здравство рекоа дека првично детето е примено на Ургентниот центар, а потоа поради констатирани сериозни повреди на главата е пренесено на Клиниката за неврохирургија, на Одделот за интензивна нега.
И покрај максималните напори на медицинскиот тим, како што велат од ресорното министерство, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Не помина интерпелацијата на Тошковски
Попладнево во Собранието пратениците дебатираа за интерпелација…
РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ОЧИ МУ КАЖАА…
Родителите на загинатите му кажаа на Тошковски…
Продолжува судењето за убиството на Вања и…
Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжува судењето…
Позитива на денот: Озан се родил на…
Во прегратките на своите родители, вчера по…
Петровска: Внатрешната контрола во МВР нарачана од…
„Овој случај не беше одолговлекуван, ниту се…