Трамп бара начин да ја заврши војната, а да изгледа како да победил
Претседателот на САД, Доналд Трамп, беше во Овалната соба во текот на третата недела од војната со Иран, кога неговите најблиски помошници му донесоа лоши вести: војната што ја почна станува сè понепопуларна, пишува „Тајм“ во голем инсајдерски извештај од Белата куќа.
Долгогодишниот анкетар на Трамп, Тони Фабрицио, ги покажа резултатите од анкетите според кои поддршката за војната опаѓа, цените на горивата ја пробија границата од 4 долари за галон, берзите потонаа, а милиони Американци се подготвуваат за протести. Покрај тоа, беше потврдена смртта на 13 американски војници, а некои од важните јавни поддржувачи на Трамп почнаа да ја критикуваат војната, која нема јасен крај. Шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, и мала група соработници му рекоа дека колку подолго трае војната, толку повеќе ја загрозува неговата лична поддршка и перспективите на републиканците на ноемвриските конгресни избори.
Тоа беше незгоден удар за Трамп. „Тајм“ пишува дека во последните недел, претседателот често ги почнува утрата гледајќи видеа од воени успеси подготвени за него од воени претставници. Тој им кажал на своите колеги дека елиминирањето на иранската нуклеарна закана може да стане едно од клучните достигнувања на неговиот мандат. Но, Вајлс, според два извора од Белата куќа, стравувала дека неговите соработници му сервираат прикриена слика за војната и за домашната реакција, кажувајќи му што сака да чуе, а не што мора да чуе. Трамп ветуваше обнова на економијата и избегнување нови странски конфликти, а сега води војна за која не доби мандат и чија економска сметка допрва може да стигне. Повикувајќи се на изјави на двајца советници и двајца конгресмени кои разговарале со него минатата недела, „Тајм“ наведува дека тој сега бара излез од војната и сака да ја заврши операцијата пред долготрајниот конфликт дополнително да ги ослаби републиканците, но во исто време сака сè да изгледа како одлучна победа. Висок функционер на администрацијата изјави за „Тајм“ дека постои „тесен прозорец“ во кој Трамп се обидува да најде начин да прогласи победа, да ја заврши војната и да се надева дека економијата ќе се стабилизира пред политичката штета да стане трајна.
Трамп се обиде да го состави тоа во телевизиско обраќање до нацијата на 1 април. Тој ги пофали воените успеси и рече дека операцијата „се ближи кон крајот“, но во исто време објави дека САД ќе ја удрат Исламската Република „екстремно силно“ во следните две до три недели и се закани дека ќе ја уништат нејзината енергетска инфраструктура. Зад тој самоуверен тон, пишува „Тајм“, кај администрацијата постои зголемено чувство дека ситуацијата излегува од контрола. Меѓу оние што беа изненадени од обемот на одговорот на Иран беше министерот за одбрана Пит Хегсет. Но, „Тајм“ предупредува дека е сè помалку веројатно Трамп да ги постигне пошироките цели што ги објави на краток рок: трајно да го спречи Иран да добие нуклеарна бомба, да ја демонтира неговата балистичка програма, да ја собори тврдокорната теократска влада во Техеран и да ја замени со попрозападен режим. Иако тој во својот говор тврди дека победата е на дофат, крајот на војната останува нејасен: во исто време зборува за интензивирање на нападите и за гаснење на конфликтот. Се наведува дека во пресрет на војната, Белата куќа верувала дека има победничка формула: да го отвори конфликтот со толку силен прв удар што Иран ќе одговори на ограничен начин, доволно за домашната публика, но не доволно за да ја прошири војната. Но, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, имал поинаков план. Во последните шест месеци, тој го убедувал Трамп дека досегашните успеси против Иран мора да бидат претходница на конечна, подолга пресметка.
Според двајца високи американски функционери, планот за нападот бил подготвен речиси еден месец пред да биде извршен. Откако во медиумите протекоа информации за планот, Трамп не им верувал на соработниците, па на вечера на терасата на неговиот имот Мар-а-Лаго, ден пред нападот, во поширок состав прво дал лажни информации, а потоа се договарал само со неколку најблиски соработници. Меѓу нив не бил потпретседателот Џеј Ди Венс, кој останал во Вашингтон, а како што е веќе објавено, не ја поддржувал идејата за војна. Сега, пишува „Тајм“, Трамп е во класичен ќор-сокак: сака да ја заврши војната, но не без резултати што, всушност, би го спречиле Иран да добие нуклеарна бомба. Некои претставници за национална безбедност, во внатрешни дискусии, предупредија дека продолжениот напад може само да ги забрза нуклеарните амбиции на Иран. Во моментов, најважно од сè е прашањето како војната ќе влијае на изборите во ноември и на остатокот од мандатот на Трамп. Некои од неговите советници веќе слушнале нота за оставка во неговите зборови. Во приватни разговори, тој често повторува дека партијата на власт обично губи на конгресните избори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп бара начин да ја заврши војната,…
Претседателот на САД, Доналд Трамп, беше во…
Поранешен ирански министер: Техеран треба да ја…
Поранешниот ирански министер за надворешни работи Мохамед…
Германците незадоволни од владата, а канцеларот Мерц…
Рејтингот на германскиот канцелар Фридрих Мерц е…
Земјотрес од 4.7 степени ја стресе Македонија…
Денеска земјотрес со јачина од 4.7 степени…
(Видео) Телма:Солзи во очи, откако 100-тина вработени…
Наместо плати и регресот за годишен одмор,…