Трамп ги обвини нафтените компании дека „заработуваат многу поради неговата војна во Иран“
Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон најголемите нафтени компании во САД, повикувајќи ги да ги намалат цените на горивата и да им помогнат на граѓаните, откако, според него, оствариле огромни профити за време на конфликтот со Иран- пишува Гардијан.
Неговите изјави доаѓаат во период кога цената на суровата нафта Брент падна за повеќе од четири проценти, на околу 84 долари за барел, поради надежите за дипломатско решение на кризата. И покрај тоа, цените на нафтата остануваат значително повисоки отколку пред избувнувањето на војната, а бензинот во САД чини повеќе од четири долари за галон, во споредба со околу три долари пред конфликтот.
Според анкета на „Си-би-ес њуз“, околу половина од Американците велат дека високите цени на горивата сериозно го оптоваруваат нивниот буџет, додека осум од десет испитаници сметаат дека администрацијата на Трамп не прави доволно за да ги намали трошоците за живот.
Трамп изрази уверување дека цените на нафтата значително ќе се намалат по завршувањето на конфликтот со Иран, но истовремено ги обвини компаниите „Шеврон“ и „ЕксонМобил“ дека профитирале од кризата.
-Тие заработија премногу пари. Шеврон – премногу. ЕксонМобил – исто така. Премногу пари- изјави Трамп во Овалната соба за време на потпишувањето на извршна наредба.
Тој порача дека компаниите кои оствариле повеќекратно поголема заработка треба дел од тие средства да им ги вратат на потрошувачите преку пониски цени на горивата.
-Кога ќе видите компанија што заработила 12 пати повеќе од претходната година, дел од тоа треба да им се врати на граѓаните. Треба да ги намалат малопродажните цени. Ќе го кажам тоа гласно и јасно – не сум задоволен- нагласи американскиот претседател.
Слични критики кон нафтените компании во минатото упати и поранешниот претседател Џо Бајден, кој за време на високата инфлација ги обвинуваше енергетските гиганти за рекордни профити.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп го критикуваше и извршниот директор на „Шеврон“, Мајк Вирт, обвинувајќи го дека не ѝ оддал признание на неговата администрација за поддршката што, според него, ја добила американската нафтена индустрија.
Дополнително, Трамп посочи дека „Шеврон“ има корист од работењето во Венецуела, иако раководството на компанијата претходно тврдеше дека увозот на сурова нафта од таа земја придонесува за ограничување на растот на цените на горивата во САД.
Сепак, американската Администрација за енергетски информации (EIA) наведува дека нафтените компании не ги одредуваат директно малопродажните цени на бензинот. Според нивните податоци, цената на суровата нафта учествува со околу 51 процент во конечната цена на горивото, рафинирањето со околу 20 проценти, а маркетингот и дистрибуцијата со околу 11 проценти. Остатокот се однесува на даноци и други трошоци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп со порака до Иран: Време е…
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговото…
Трамп ја откажа посетата на американските претставници…
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата…
(Видео) Трамп: Тие ја нарекуваат војна, ние…
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече лидерот…
Сопругот на косовската претседателка предлага изградба на…
Сопругот на претседателката на Косово, Приндон Садриу,…
Путин по разговорот со Трамп одржа состанок…
Рускиот претседател Владимир Путин одржа состанок со…