Трамп нарача истрага против него и неговата сопруга, вели гувернерот Њусом
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, вчера изјави дека Министерството за правда води истрага против него и неговата сопруга, и тврди дека Доналд Трамп го таргетира бидејќи размислува да се кандидира за претседател, објави „Еј-би-си њуз“.
Њусом не наведе детали за истрагата, но посочи дека е засегната и неговата сопруга, Џенифер Зибел Њусом.
„Последниве неколку дена, федерални агенти тропале на вратите на наши пријатели и на наши поранешни вработени. Не затоа што пронашле докази за кривично дело, туку затоа што се обидуваат да најдат“, изјави Њусом.
Неговиот кабинет соопшти дека, врз основа на информации што ги добиле за прашањата поставени на луѓе поврзани со Њусом, сметаат дека биле издадени големи поротни судски покани за банкарски и за финансиски записи. Од кабинетот наведоа дека истражителите поставувале прашања за конкретни трансакции што не би можеле да ги знаат без такви судски покани.
Кабинетот на Њусом соопшти дека не виделе никакви покани и дека би било незаконски банките да им откријат на клиентите дека добиле таква покана.
Њусом рече дека Министерството за правда пребарува секакви документи поврзани со него.
Тој исто така тврдеше дека неодамна дознал дека Трамп и администрацијата исто така ја таргетираат неговата сопруга за да дојдат до него.
„Само во последната недела дознав дека неговата кампања стигнала и до мојот дом: за да ме фати, оди по мојата сопруга Џен. Јавна службеничка. Жена која целиот свој живот го посветила на поддршка на жени и на девојки“, рече Њусом.
Администрацијата на Трамп претходно иницирала повеќе кривични истраги против политички противници, меѓу кои и поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, и државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.
Министерството за правда засега ја нема искоментирано истрагата.
Според извори, во 2025 година истражители во Калифорнија почнале да ги проверуваат даноците на сопругата на Њусом.
„Можете да ги барате моите документи, да ме истражувате, да ме малтретирате, да ме ставате на листи на непријатели, но оставете ја мојата сопруга надвор од вашата лична одмазда“, рече Њусом.
Џенифер Зибел Њусом е филмска продуцентка и раководи со две организации насочени кон родова еднаквост.
Истрагата наводно ја води канцеларијата на американскиот обвинител за Источниот округ на Калифорнија.
Иако Њусом сè уште не ја објавил кандидатурата за претседател во 2028 година, тој изјави дека е отворен за таква можност и се смета за потенцијален кандидат.
Трамп претходно исто така јавно го критикувал Њусом, а во 2025 година повикал и на негово апсење за време на протести во Лос Анџелес.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трамп нарача истрага против него и неговата…
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, вчера изјави…
ВЛЕН за ДУИ: Автопатот Скопје-Блаце не поминува…
Од ВЛЕН велат дека реакциите на опозицијата…
Зошто ОКТА не е под истрага за…
Мазутот во случајот „Мазут“ бил со соодветен…
УЈП: Може да скенирате, системот „МојДДВ“ е…
Управата за јавни приходи (УЈП) денеска соопшти…
Шведска усвои закон за мигранти — кој…
Шведскиот парламент гласаше за заострување на законите…