Трамп ја прели чашата: За ЕУ Вашингтон станува поголема закана од Пекинг

t

Настапот на Трамп во Давос го издиша балонот пред пукање со изјавата дека нема да воведе санкции против земјите кои му се спротивставија во неговиот поход кон Грендланд и дека решението за овој стратешки остров ќе се бара во рамките на НАТО. Дел од европските лидери кои учествуваа на овој престижен Форум во Швајцарија во официјалните изјави изразија задоволство од ваквиот пресврт на Трамп но затоа многумина други дипломати од делегациите на земјите членки на ЕУ како и поранешни високи функционери на НАТО и ЕУ не ја криеја својата огорченост од политиките на Трамп кои ја прелеаја чашата во трансатлантските односи. Не е изненадувачки што најлути на Трамп се дипломатите од европските држави кои во изминатите децении беа најголеми поборници за силни трансатлантски врски верувајќи во стратешкото партнерство со САД. Во изјави за кои бараа анонимност неколумина дипломати од ЕУ за различни медиуми рекоа дека се чувствуваат лично изневерени. Некои од нив студирале и работеле во САД или се залагале за поблиски трансатлантски врски.

„Нашиот американски сон е мртов“, рече дипломат на ЕУ од земја која беше меѓу најсилните поддржувачи на трансатлантските односи. „Доналд Трамп го уби тој сон“.

Накусо, европските лидери се чини дека по една година топло ладно од Вашингтон со многу навреди од Трамп кон Европа дојдоа до заклучок дека Американците не се доверлив партнер.

. Во текот на првата година од неговиот втор мандат, европските лидери веруваа дека со еден европски традицонален дипоматски куртоазен и воздржан речник ќе го стишаат еготрипот на еден еуфоричен американски претседател и дека на тој начин нивните најлоши стравови за земјата што ја заснова европската безбедност од 1945 година нема да се остварат.

Моментот на  префинетост и одмереност „заврши“ и „дојде време да се спротивставиме на Трамп“, изјави за радио Би-Би-Си Андерс Фог Расмусен, поранешен генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го сумираше расположението за време на нејзиниот говор во Давос .

„Светот трајно се промени“, рече таа. „Треба да се промениме со тоа“.

Трамп во Давос ги спушти тензиите но не го поправи расположението во ЕУ.

Чувството на страв и скептицизам останува, и самитот на ЕУ закажан за вечерва во Брисел како одговор на заканте на Трамп пред да дојде во Давос  сепак ќе продолжи. Влогот е многу поголем и ќе треба да се заземат позиции како подолгорочна стратегија во односите со САД кои се очигледно непредвидлив партнер ако воопшто веќе може да се разговара за партерство. ЕУ на денешниот самит сака да демонстрира решителност и заедништво со порака дека нема да зависи од промените на дневните расположенија на Трамп кон било кого.

Тоа ќе биде очигледно и во изјавите што лидерите веројатно ќе си ги дадат насамо, а потоа и јавно. Францускиот претседател Емануел Макрон го најави тоа во својот говор во Давос, велејќи дека Европа има „многу силни алатки“ и „мораме да ги користиме кога не не почитуваат и кога не се почитуваат правилата на играта“.

Дополнително европските лидери чекаат и подетални информации за што станува збор во договорот на Трамп со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во врска со Грендланд.

По завршувањето на последните неколку дена, сега треба да почекаме и да видиме какви суштински договори ќе се постигнат меѓу [генералниот секретар на НАТО] г-дин Руте и г-дин Трамп“, изјави германскиот вицеканцелар Ларс Клингбејл за германската телевизија ZDF.

Моментот кога американскиот претседател се закани со нови царини во саботата беше кога расколот „стана реален“, рече дипломат на ЕУ. ЕУ сега живее во таа реалност на раскол со САД. Во секој случај во речиси сите европски престолнини оваа недела се случува драматичен пресврт во однос кон расположението на Европејците кон САД кои дефинитивно на масата на Европскиот Совет ќе почнат да развиваат повеќе сценарија за иднината на односите меѓу ЕУ и САД во секоја смисла.

ЕУ ја создаде својата „трговска базука“ во 2023 година за да се справи со заканата од оние што ги смета за непријателски земји, особено Кина, за која се плашеше дека ги користи нивните пазари и нивните економии за да ја уценува ЕУ да ги исполни нивните барања. Идејата дека Брисел ќе го распореди против САД претходно беше незамислива.

„Доживуваме голем прекин на светскиот поредок“, рече висок пратеник од земја која во ЕУ се сметаше за клучен американски сојузник. Лидерите ќе разговараат за „де-ризик“ од САД, рече дипломатот – термин кој претходно беше резервиран за односите на ЕУ со Пекинг. „Довербата е изгубена“, изјави овој висок претсавник на земја членка на ЕУ.

Лидерите на земјите членки на ЕУ вечерва  исто така, ќе разговараат што да прават со „Одборот на мир“ на Трамп и како пошироко да ги рекалибрираат односите со Вашингтон.

Самитот закажан за 19.00 вечерва во Брисел  беше свикан од претседателот на Советот, Антонио Коста минатата недела, откако Трамп се закани дека ќе воведе царина од 10 отсто од 1 февруари на шест земји од ЕУ (плус Норвешка и Обединетото Кралство) кои јавно ја поддржаа Данска поради Гренланд.

На самитот се очекува да се разговара и за уште една драматична епизода на трансатланските односи содржана во новата Стратегија за национална безбедност на САД која беше оценета како објава на идеолошка војна против ЕУ, со наводите  дека САД  ќе ги зајакне „патриотските европски партии“ на штета на ЕУ

Во пакетот на расправата вечер во Брисел е и моментот кога Трамп ја обнови својата реторика за преземање на Гренланд. Американскиот амбасадор во Исланд се нарече себеси гувернер на 52-та американска држава, а Трамп испрати писмо до норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе, во кое рече дека неговиот неуспех да биде награден со Нобеловата награда за мир значи дека „повеќе нема да чувствува обврска да размислува чисто за мир“.

Еден висок претставник на ЕУ рече дека и покрај се на почетокот не можеле да веруваат дека тоа се случува биле убедени дека  писмото со ваков дрзок тон упатено до норвешкиот премиер  е лажно. Сепак илизијата траеше кратко бидејќи автентичноста на писмото беше брзо потоа потврдена

Двајца високи дипломати во изјави за Политико ја споредија моменталната состојба на САД со времето што водеше до Втората светска војна.

„Мислам дека сега го поминавме Минхен“, рече едниот , мислејќи на состанокот во 1938 година, каде што Британија, Франција и Италија го смируваа Адолф Хитлер дозволувајќи му да ја анектира Чехословачка. „Сфаќаме дека смирувањето повеќе не е правилна политика“, изјави вториот анонимен соговорник на Политико.

Борјан Јовановски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп ја прели чашата: За ЕУ Вашингтон…

Настапот на Трамп во Давос го издиша…

16 години затвор: Поранешен припадник на американската…

Поранешен морнар на американската морнарица е осуден…

Сопругот на косовската претседателка предлага изградба на…

Сопругот на претседателката на Косово, Приндон Садриу,…

Трамп прогласи вонредна состојба поради поплавите во…

Силни поплави ја погодија американската држава Вашингтон,…

100.000 луѓе ќе мора да се евакуираат…

Гувернерот на државата Вашингтон, Боб Фергусон, предупреди…