Трајковски: Зголемувањето на платите е прераспределба, а не инфлација
Објава на Фејсбук на професорот Дејан Трајковски
Зголемувањето на платите е прераспределба, а не инфлација
Македонските синдикати денеска протестираа барајќи повисоки плати, додека гувернерот на Народна Банка предупреди дека тоа би предизвикало инфлација. Моето мислење е следното.
Доколку платите се зголемат само кај вработените финансирани од буџетот, предупредувањето за инфлација има логика, бидејќи не би било од реални извори. Зголемените плати тогаш би значеле поголеми расходи за државата и зголемен буџетски дефицит. За да се финансира тоа, државата би морала да се задолжува или да печати пари, што би создало инфлациски притисок.
Меѓутоа, ако платите растат во приватниот сектор поради законско зголемување на платите (не само на минималната!), ефектот е сосема поинаков. Во овој случај, зголемувањето на платите е реално и одржливо, затоа што се работи за прераспределба на профитот од сопствениците кон работниците. Малото зголемување на цените е исто така здраво, бидејќи е резултат на зголемување на платите. Тоа би значело дека се приближуваме кон побогатите земји според куповната моќ.
Цените можат малку да пораснат поради два главни механизми.
Прво, поради поголема куповна моќ на работниците. Кога луѓето имаат повеќе пари, тие купуваат повеќе производи и услуги. Порастот на побарувачката може да охрабри дел од компаниите да ги зголемат цените.
Второ, поради зголемени трошоци за компаниите. Со повисоки плати, трошоците за производство се поголеми и некои компании може дел од тие трошоци да ги пренесат на потрошувачите преку зголемување на цените.
Постојат и други позитивни ефекти. Зголемувањето на платите кај квалификуваните работници може да ја поттикне продуктивноста и да ја стимулира економијата, што делумно го ублажува инфлацискиот притисок, односно растот на цените нема да биде почувствуван силно поради зголемените плати. Така, економијата постепено ќе се прилагодува на новото ниво на плати и цени, а единствени “губитници” би биле газдите, чии профити засега се доволно големи за да издржат постепени прилагодувања.
Порано ја видовме пресметата (врз основа на компонентите на БДП) дека добивката на сопствениците, нето од трошоците за финансирање (кредитите) во просек е 7 пати поголема од платите на сите вработени. Ова е најизразено кај големите компании. Со зголемување на платите овој сооднос би се намалил на 5 или 6, што сé уште е повеќе од доволно.
Законот може така да се дизајнира (според Уставот сме, нели, социјална држава), што зголемувањето би било пропорционално на профитот на компанијата. На пример, 10% од годишниот профит да се распределува на работниците. На тој начин, компаниите кои остваруваат мал или никаков профит не би биле погодени од законот за зголемување на платите. Можат да се вршат и секторски прилагодувања на платите, особено кај секторите со природно високи профити.
Опционално може да се воведе дополнителен данок на профит ако компанијата не сака да ги зголеми платите, а државата би ги пренасочила тие средства кон вработените.
Зголемувањата на минималната плата треба да бидат постепени, за да се избегнат економски шокови и затворање на компаниите. Доколку се забележи значително затворање на бизнисите, би требало да се олабави политиката на зголемување на платите со закон.
Со повисоки плати, државата исто така би прибирала повеќе даноци, што би ја подобрила финансиската позиција на јавниот сектор и би овозможила индиректно подобрување на платите за вработените финансирани од буџетот, без зголемување на буџетскиот дефицит и раст на задолженоста.
На овој начин, Македонија може да ја зголеми благосостојбата на граѓаните, да го намали јазот со поразвиените земји и да овозможи повисоки плати без создавање сериозни инфлациски проблеми. Зголемувањето на платите, особено кога се комбинира со економски раст и постепено прилагодување, е најдобар инструмент за праведна прераспределба на богатството и одржлив развој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зголемување на цените на екстра лесното масло…
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги…
Ќе има ново зголемување на минималната плата
Минималната плата во текот на 2022 година…