Трајковски: Од Нова година стапија во сила јаглеродните царини на ЕУ, Македонија како и секогаш – неспремна
Од Нова година стапија во сила јаглеродните царини на ЕУ, Македонија како и секогаш – неспремна
CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism) е европска „јаглеродна царина“ што стапи во сила на 1 јануари 2026 и има за цел да ги изедначи трошоците за јаглеродни емисии меѓу компаниите во ЕУ (кои ги плаќаат преку ETS – Emissions Trading System на ЕУ) и компаниите надвор од ЕУ што извезуваат во ЕУ.
ЕУ увозниците на производи од јаглеродно интензивни сектори ќе треба да купуваат CBAM сертификати за да ги покријат емисиите на CO₂ вградени во тие производи. Првенствено се опфатени секторите: челик/железо, цемент, алуминиум, ѓубрива, електрична енергија и водород.
За компании надвор од ЕУ (вклучувајќи ја и Северна Македонија), обврската да плаќа не е директно на извозникот, туку на увозникот во ЕУ кој мора да купи CBAM сертификати за да ги увезе производите. Но, ефектот врз трошокот всушност ќе падне на производителот, односно извозникот, бидејќи увозникот ќе ја префрли таа цена во договорот за набавка.
Не постои една фиксна сума што македонските извозници ќе мораат да ја платат директно, бидејќи таа зависи од тоа колку CO₂ емисии има вградено во производот, колку е јаглеродно интензивно неговото производство, како и од цената на ETS дозволите во ЕУ во моментот на увоз.
Најопшто земено, цената на CBAM сертификатите ќе го следи пазарот на ETS (60–100 евра/t CO₂). Цените на производите со повисоки емисии (како челик и цемент) може да бидат значително оптоварени при увоз во ЕУ, во зависност од количествата на вградениот CO₂. Плаќањето на CBAM ќе започне од 2026 година, со постепено воведување што ќе трае се до целосната примена во 2034 година.
На пример, при производство на 1 MWh електрична енергија од јаглен се испуштаат околу 1,1 t CO₂ (од гас 3-4 пати помалку). При ETS цена од 80 евра/t CO₂, дополнителниот трошок би бил околу 88 евра/MWh. Ако ЕСМ ја продаде електричната енергија преку берза за 100 евра/MWh, ефективната цена, нето од CBAM, би изнесувала само 12 евра/MWh, што е далеку под производната цена од околу 110 евра/MWh. Toa би носело чиста загуба, односно извозот на електрична енергија од јаглен би бил ефективно стопиран.
Дел од извозните јаглеродни царини би можел да се компензира доколку Македонија сама воведе внатрешни јаглеродни давачки, со цел да го спречи двојното оданочување. Токму тука се согледува неспремноста на нашата земја.
До денес, иако е разгледувана, во Македонија се уште не е воведена формална национална јаглеродна даночна шема со која ќе се плаќа данок по тон CO₂. Во Србија, на пример, е воведена јаглеродна такса од околу 4 евра/t CO₂, што патем кажано е занемарливо ниска, но такво нешто се уште не е во сила во Македонија.
Многу е важно Македонија да воведе национален јаглероден данок од 20-30 евра/t CO₂ и да ја задржи вредноста од таксата дома, наместо таа да оди како приход во ЕУ. Со тоа ќе ја поддржи декарбонизацијата, преку вложување во обновливи извори на енергија (ОИЕ) во земјава.
Нашите власти, најверојатно водени од популистичка логика, сакајќи да им се прават добри на извозниците со тоа што нема да воведат национални давачки, само им даваат подарок на ЕУ, иако сами ќе се лишат од приходи за изградба на ОИЕ.
Да ги разгледаме клучните ефекти врз македонските извозници. Иако нема да има директна CBAM царина во Македонија, истата ќе се плаќа во ЕУ преку јаглеродни сертификати, што ќе ги урниса профитите на македонските извозници на јаглеродно-интензивните производи. Македонските извозници ќе треба да обезбедат мерна апаратура, прецизно мерење и документирање на сопствените емисии, доколку сакаат да извезуваат во ЕУ. Доколку не го прават тоа, ќе бидат оданочени по највисоката можна стапка.
Што значи тоа што увозникот од ЕУ ќе ја пренесе давачката на извозникот од Северна Македонија? Тоа значи дека странскиот увозник ќе бара попуст во износ на јаглеродната царина што ќе мора да ја плати, а нашиот извоизник ќе мора да ја намали цената на извезениот производ, доколку сака да остане конкурентен. Но, од друга страна со тоа ќе ја намали профитната маржа и профитабилноста, така што извозот во ЕУ ќе стане неисплатлив.
Нашите извозници ќе мораат да ги намалат цените, а тоа се објаснува со проста економска логика. ЕУ производителите веќе плаќаат ETS, но затоа добиваат бесплатни алокации, имаат субвенции и имаат поблиска логистика, со што уште на стартот се поконкурентни од нашите производители. Ако македонскиот производ со вклучен CBAM стане поскап од ЕУ алтернативата, тогаш увозникот или ќе бара пониска цена или ќе го смени добавувачот.
Земјите кои вовеле национални јаглеродни давачки, како Србија или Турција, ќе задржат барем дел за себе и ќе можат да ја финансираат декарбонизацијата, додека ние се откажуваме од тие приходи.
Го видовме претходниот пример со цената на електричната енергија добиена од јаглен, на која ќе се плаќаат јаглеродни царини до 88 евра/MWh. Увозникот од ЕУ ќе каже: „Јас имам 88 евра дополнителен трошок. Или ќе ми ја намалиш цената, или ќе купувам од друг.“ Тогаш или извозникот ја намалува цената, па маржата се намалува или дури станува негативна, или извозник НЕ ја намалува, па производот станува неконкурентен, а извозот престанува. Во двата случаи ударот е врз извозникот од Македонија.
Извозот станува економски неодржлив кога CBAM трошокот е поголем од нето-профитот или кога цената на производот заедно со CBAM е поголема од цената во ЕУ или од алтернативниот увоз.
Особено ризични се производите со ниски профитни маржи (цемент, челик, алуминиум), енергоинтензивните индустрии, како и производите без бренд, што лесно можат да се заменат со други, а такви се речиси сите наши производи. Во тие случаи или се намалува производството, или мора да се пренасочи кон пазари надвор од ЕУ, или фабриката останува без пласман и се затвора.
Целта на ЕУ е да се обесхрабри увоз на „валкано“ производство и да се натера странскиот производител да инвестира во чиста енергија. Тој што не е спремен за тоа, неминовно ќе ја загуби пазарната позиција. ЕУ не се грижи дали давачката формално ја плаќа увозникот или извозникот, битно им е ценовниот притисок да стигне до производителот и тој да се усогласи со политиките на ЕУ.
Единствените реални опции за македонските компании се намалување на емисиите на јаглерод диоксид (струја од ОИЕ, енергетска ефикасност), како и постигнување и докажување на пониски реални емисии (за да се избегнат максималните „дифолт“ вредности).
Најправилно би било воведување внатрешна јаглеродна давачка во Македонија, со цел приходите да останат дома и да извршиме декатрбонизација. Доколку не успееме да фатиме чекор ќе мораме или да излеземе од ЕУ пазарите и да се насочиме кон Балканот, Блискиот Исток и Африка, или пак погодените компании ќе пропаднат.
Да резимираме, CBAM не е само мртво слово на хартија, туку за нас ќе носи последици што ќе значат намалена профитабилност или изгубен извоз.
Единствениот здрав начин за излез од оваа ситуација е Македонија да донесе закон за национални јаглеродни давачки, со што ќе може да гради сопствени обновливи извори на енергија (фотонапонски, ветерни и хидро централи) и така постепено да фати приклучок кон развиениот свет, доколку не сака да ја урниса извозната индустрија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трајковски: Од Нова година стапија во сила…
Од Нова година стапија во сила јаглеродните…
Мицкоски: Точно е дека како држава сме…
Со линеарното зголемување на пензиите, не само…
(Видео) Земјотрес со јачина од 6,3 степени…
Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени…
Две лица се загинати во возилото што…
Две лица ги загубиле животите во сообраќајната…
Русија планира да изгради нуклеарна централа на…
Русија ги претстави своите планови за изградба…