Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело – Неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост од член 266-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираа од Јавното обвинителство.
Осомничените, во текот на месецов, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чијшто промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
МВР информираше дека „на 09.12.2025 во 11:50 часот на улица „Вељко Влаховиќ“ во Демир Хисар, полициски службеници од ОВР Демир Хисар ги лишија од слобода А.К.(44), К.К.(48) и В.Г.(50), сите од Република Бугарија, поради сомнение за сторени кривични дела „кражба“ по член 235 и „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 266 од Кривичниот законик.
А.К. и К.К. се затекнати во патничко возило „фолксваген голф“ со бугарски национални ознаки, а В.Г. е затекнат со возило комбе „пежо боксер“ со бугарски национални ознаки и кај нив се пронајдени предмети и делови од народна носија за кои не можат да го докажат потеклото.
Предметите се прегледани од етнолог од Музеј Битола и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии кои претставуваат културно наследство и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола.
Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.