Украина погоди цели длабоко во Русија, дронови убија осум луѓе
Најмалку осум луѓе се убиени во напади со украински беспилотни летала денеска во неколку руски региони, а меѓу погодените цели беше и магацинот на „Вајлдберис“, најголемата онлајн продавница во Русија, соопштија регионалните власти, објави „Ројтерс“.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 635 украински беспилотни летала. Гувернерот на Самараската област, Вјачеслав Федоришчев, изјави дека украинските беспилотни летала погодиле магацин на „Вајлдберис“ во Самараската област, на околу 800 километри од најнапредните воени позиции на Украина. Тој изјави дека нема жртви и дека пожарникарите го гаснат пожарот предизвикан од нападот.
Во последните месеци, Украина сè повеќе таргетира цели длабоко во Русија, особено економската и енергетската инфраструктура, во обид да ја ослабне способноста на Москва да води војна што трае повеќе од четири години. Од 18 јули, украинските сили нападнаа десетина локации на „Вајлдберис“ за да го нарушат работењето на компанијата, која често се нарекува руски одговор на „Амазон“.
Во соседниот регион Саратов, двајца загинаа во напад врз станбена зграда во градот Енгелс, изјави гувернерот Роман Бусаргин, додавајќи дека е оштетена и цивилната инфраструктура во Енгелс и Саратов.
Украинската армија објави дека погодила рафинерија во Саратов и воена воздухопловна база во Енгелс, каде што избувнаа пожари, како и магацин за нафта во западниот регион Калуга. Во напад со беспилотни летала врз руската република Удмуртија, три лица загинаа, а две се повредени, соопшти вршителката на должноста гувернерка Олга Абрамова.
Во пограничниот регион Белгород, тројца загинаа, а пет се повредени во украинските напади. Гувернерот на Башкортостан, Радиј Хабиров, изјави дека воздушната одбрана одбила голем напад со беспилотни летала врз индустриски објекти и дека еден дрон бил соборен над индустриската зона на главниот град Уфа, каде што избувнал пожар.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските сили погодиле инфраструктура и два брода со воен товар во украинското пристаниште Николаев, како и брод што транспортирал воена опрема во Црното Море. Во југоисточниот украински град Запорожје, руски наведувани бомби убија едно лице, а ранија 21, објави регионалниот гувернер Иван Федоров.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Украина погоди цели длабоко во Русија, дронови…
Најмалку осум луѓе се убиени во напади…
Познато е колку чини минералот пронајден во…
Научниците пронајдоа претходно непознат минерал во Русија,…
Зеленски: Украина собори само еден руски балистички…
Украина собори само една од 27 руски…
(Видео) Најмалку 9 лица загинаа во руски…
Девет лица загинаа, а најмалку 30 други…
Трамп за природните ресурси на Украина: Можеме…
САД можат да добијат практично сè според…