Филипче: Немам врска со која било фирма за марихуана, власта прави дефокус

t

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, ги отфрла како црна кампања и лажни вести обвинувањата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ околу трагедијата во Модуларната болница во Тетово и бизнисите со марихуана.

Преку соопштение, од владејачката партија директно го запрашаа Филипче зошто техничката спецификација за модуларната болница во Тетово била потпишана без соодветен елаборат за електрична енергија и дали профитот бил ставен пред безбедноста на граѓаните.

Филипче денеска одговори дека сите обвинувања се обид за дефокус и да се избегне одговорот на висинското прашање – како пет тони марихуана поминале преку граница и завршиле во Србија.

„Немам никаква поврзаност со која било фирма за марихуана. Ова е еден голем дефокус за да се избегне одговорот како четири-пет шлепери поминале царинска и полициска контрола“, изјави Филипче.

Тој постави и контрапрашање до владејачката партија околу поврзаноста на фирмата што е наведена во документ на српското Обвинителство.

„Дали фирмата ’Алфафарм’ е поврзана со некои луѓе од сегашната власт“, праша претседателот на СДСМ.

Филипче додаде дека и тој, како и партијата и други поединци се изложени на лажна кампања, на притисоци, поврзаност со многу работи со кои нема врска.

„Оваа сегашна власт на ВМРО-ДПМНЕ контролира една голема мрежа на медиуми, тие се во целосна координација, не само сега туку изминатите повеќе од 10 години со медиумската мрежа која е контролирана од луѓе на унгарскиот премиер Орбан“, кажа Филипче.

Според него, во таа мрежа се над 40 отсто од медиумите – телевизии, портали, и тоа, како што рече, се медиуми што стоздаваат антиевропски наратив, подгреваат национализам, кои не не водат никаде.

„Излезе прво Жан Митрев – некое смешно обвинување како јас сум влијаел на судски процеси за да му ја земам болницата. Па Дубаи, па Харис Џиновиќ, авиони сум имал, па ме поистоветија дека сум убиец на деца, па дека сум се дрогирал. Што уште нема да измислат. Модуларната болница ја спомнуваат, во Тетово. Дали мислат на оние луѓе што изгубија таму членови на семејствата, дали на тие луѓе помислуваат“, рече Филипче.

Тој вели дека не е изненаден од овој систем на медиумска хајка што го водат поради тоа што е „воден од луѓе кои додека седат во Собранието им се потсмеваа на родителите на децата што загинаа во Кочани“.

Прашан за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за Модуларната болница во Тетово и за изјавите што поранешната обвинителка од СЈО, Лејла Кадриу, ги изнесе во емисијата „Вечерно шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа, Филипче рече дека тоа е сведочење од „поранешна обвинителка, која е суспендирана многу пред да се случи пожарот во Модуларната болница и многу пред ковид-времето“.

„Би прашал дали би го земеле за релевантно ако помеѓу сите работи кои ги изнесе на таа емисија, кои гледаме како е поставена и која е целта, кажа дека Груевски бил во право кога викал дека снимките се сечени и лепени. Ете тоа е концептот, лажни обвинувања, лажна, црна кампања“, рече лидерот на СДСМ.

Денеска од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека фирмата „ЦБД Медплант“, во вистинска сопственост на Тони Котев, поранешен функционер на СДСМ, работела незаконски од времето на Филипче и Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Филипче: Немам врска со која било фирма…

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ),…

Скопјанец осомничен за затајување

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…

Гаши ги замолил пратениците културно да се…

Пратениците да го подигнат нивото на меѓусебна…

Приведени три лица од Струмица, продавале екстази…

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Т.М.…