Хоџа: Регионалниот систем за отпад е реалност, затоа 2026 е година на промени
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Хоџа се осврна на системските политики во областа на управувањето со отпадот, нагласувајќи дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, истакна министерот Хоџа.
Тој потсети дека уште од почетокот на неговиот мандат управувањето со отпадот го поставил како еден од клучните приоритети, потенцирајќи дека се неопходни долгорочни и одржливи решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, нагласи Хоџа.
Министерот ја истакна и значајната улога на европските партнери во процесот на воспоставување одржлив систем за управување со отпад.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема-тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, рече тој.
На крајот, Хоџа порача дека управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, додавајќи дека зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.