Цените на суровата нафта скокнаа за три проценти по новата размена на оган меѓу САД и Иран
Цените на суровата нафта утрово пораснаа за повеќе од три проценти, како реакција на новите напади што си ги разменија Иран и САД, а Израел ѝ издаде наредба на својата војска да ги интензивира нападите врз Хезболах во Либан, пишува Ројтерс.
Според агенцијата, фјучерсите на американската сурова нафта пораснаа за 2,88 долари или 3,3 проценти и се продава за 90,24 долари за барел, додека фјучерсите за нафтата од типот „брент“, која важи за глобален репер за енергенсот, имаат раст од 2,78 долари или 3,05 проценти. Утрово во 8 часот според средноевропско време, барел нафта од типот „брент“ се продавал за 93,9 долари.
Новите напади, кои доаѓаат откако Вашингтон во петокот беше домаќин на мировните преговори меѓу Израел и Либан, ги намалија надежите дека САД и Иран наскоро би можеле да објават дека постигнале договор за прекин на огнот. Очекувањата на евентуален договор во петокот доведоа до пад на цената на „брентот“ за 1,8 проценти и на американската сурова нафта (WTI) за 1,7 проценти.
Соединетите Американски Држави вчера сооштија дека спровеле нови, како што ги нарекуваат, напади во самоодбрана, чија цел биле радарски позиции и локации за контрола на беспилотни летала на иранските острови Горук и Кешм. Нападите, наведоа од Вашингтон, се одговор на „агресивните“ акции на Техеран.
Иранската елитна Исламска револуционерна гарда денеска, пак, соопшти дека нејзините воздухопловни сили нападнале воздухопловна база што според нив се користела за американските напади врз телекомуникациската кула на иранскиот остров Сирик.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека наскоро ќе донесе одлука за нацрт-договорот за продолжување на прекинот на огнот за уште 60 дена, што треба да им даде на преговарачите дополнително време за да најдат решение за најтешкото прашање во преговорите – иранската нуклеарна програма.
Во меѓувреме Израел продолжува со жестоките напади во јужен Либан, што наидува на силни реакции од Иран кој постојано повторува дека Хезболах мора да биде дел од договорот. Според американски функционер, САД предложиле план за „постепена деескалација“ според кој Хезболах прво би ги запрел нападите врз Израел во замена за воздржаност од Тел Авив од ескалација на конфликтот, објави Ројтерс.
Истовремено расте и загриженоста поради мините поставени во Ормускиот теснец, клучна меѓународна линија за транспорт на нафта и течен природен гас. Ова, според аналитичарите, може да го забави процесот на повторно отворање на теснецот, што би значело дека олеснувањето на светските пазари би дошло побавно и во случај да се постигне договор за негово отворање.
„Дури и ако се постигне договор, тоа нема да донесе поплава од снабдување“, вели аналитичарот на Ај-џи, Тони Сикамор.
Репортер на американскиот портал „Аксиос“ во петокот на платформата Икс објави дека Иран распоредил поголем број мини во текот на минатата недела, кратко откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека обидите за поставување мини се кршење на прекинот на огнот.
Ормускиот теснец е воден пат за околу една петтина од глобалните текови на нафта и течен природен гас, а Иран ефикасно го затвори откако започна конфликтот со нападите на САД и Израел на 28 февруари.
Блокадата предизвикува загриженост и кај Пекинг, каде економските податоци од викендот покажуваат застои во активноста на тамошните фабрики.
.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Цените на суровата нафта скокнаа за три…
Цените на суровата нафта утрово пораснаа за…
Приведен жител на Росоман: Нападнал лице и…
Триесет и петгодишен жител на Росоман се…
Иранските напади оштетиле најмалку 20 американски бази…
Иран оштетил 20 американски воени бази од…
Водовод Скопје: Последна недела од акцијата за…
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја…
(Видео) Иран објави видео од нападот врз…
По воздушниот напад врз Кувајт рано утрово,…