Четири години затвор за екс-директорот на „Геријатрија“ Арифи, 1 година и 10 месеци за вработениот Амити
Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе пресуда во случајот „Геријатрија“, со која поранешниот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, доби затворска казна од четири години, додека Блерим Амити, вработен во установата, беше осуден на една година и десет месеци затвор. Случајот се однесува на примање поткуп и противзаконито влијание.
Судот ги прогласи обвинетите за виновни, оценувајќи дека се докажани сите наводи од обвинителниот акт.
– При определувањето на казните, судот ги земал предвид видот, карактерот и тежината на делата, начинот на нивното извршување и условите под кои се сторени, како и фактот дека делата биле направени за стекнување материјална корист – рече судијката Ленка Давиткова при образложувањето на пресудата.
Таа додаде дека Судот ја ценел и опасноста од повторување на кривични дела, организираноста на обвинетите и искористувањето на тешката здравствена состојба на пациентот во конкретниот случај. – Особено беше оценето дека ваквите дела ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите, имајќи предвид дека Арифи делото го сторил како службено лице во јавна здравствена установа – нагласи Давиткова.
Како олеснителни околности, судот ги земал предвид личните, семејните и материјалните прилики на обвинетите. Причините за донесувањето на одлуката ќе бидат детално образложени во писмената пресуда, против која странките можат да поднесат жалба до Апелациониот суд во Скопје.
Според обвинението, Арифи побарал 20.000 евра за прием на пациентка во тешка здравствена состојба, а Амити посредувал и ја примил сумата, по што бил фатен на лице место од полицијата. Двајцата обвинети ги негираа обвинувањата за време на судскиот процес.
Судот ги ценел изведените докази, исказите на сведоците и завршните зборови на странките, при што заклучи дека се докажани сите елементи на кривичните дела. Судскиот процес го водеше судијката Ленка Давиткова, а обвинението го застапуваше обвинителката Искра Хаџи Василева.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Четири години затвор за екс-директорот на „Геријатрија“…
Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе пресуда…
ЕУ направи прв потег против САД: Клучен…
Европската унија го суспендираше формалното одобрување на…
Приведен насилник: Ги тепал неговите родители и…
На 20.01.2026 околу 20:00 часот, полициски службеници…
Сиљановска-Давкова: Нема да бидеме Пенелопа што го…
„Не можеме да бидеме Пенелопа, која, чекајќи…
Полициски сили влегоа во Филозофскиот факултет во…
Српската полиција попладнево влезе во Филозофскиот факултет…