Членство во ЕУ без право на глас, но и без бугарско вето?

t

Македонија во Европската Унија (ЕУ), но без право на глас. За едни тоа звучи како членство од втора класа, а за други – како историски исчекор, зависно од аголот на гледање. Со изјавата дека земјата би можела на почетокот на 2027 година да седне на европската маса, но без право да одлучува, премиерот Христијан Мицкоски практично отвори прашање што ја надминува дневната политика и навлегува во суштината на европската идеја.

Сценариото што го спомена е дел од поширок геополитички пакет поврзан со Украина и можната забрзана интеграција на повеќе земји кандидати за членство во ЕУ. Во таа рамка би влегле и Црна Гора, Албанија и Македонија. Концептот подразбира постепена интеграција, односно учество во работата на институциите, но без право на глас и без право на вето сè додека не се затворат поглавјата и не се усогласи системот со европските стандарди.

Прашањето е колку ваков модел е правно и политички изводлив. Досегашната практика на ЕУ не познава формално членство без право на одлучување. Можно е засилено мониторирање и преодни механизми, но „членка без право на глас“ би значело сериозна институционална измена и новитет.

Мицкоски ги посочи двата клучни услови: усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика и владеење на правото. Македонија формално е усогласена со европската надворешна политика, но владеењето на правото останува чувствителна точка. Дополнително, премиерот призна дека уставните измени веројатно би биле дел од пакетот, што ја враќа дебатата во домашниот политички терен.

– Првото сценарио е Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија да стане земја членка на ЕУ и тоа да се случува на почетокот на 2027 година – да седне на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел, но без право на глас. Да учествуваме во работата на советот, комисиите, телата, но без право на глас со многу внатрешни контролни механизми. Како ќе ги затвора поглавјата, земјата постепено да се интергрира сè додека целосно не го адаптира својот систем на она што го бара ЕУ – изјави Мицкоски.

Суштинското прашање е дали е прифатливо да се преземат обврски без право на глас. Дали тоа е паметен компромис во турбулентен геополитички момент или ризик да се прифати половично решение?

Арсовски: Условот за уставни измени ќе остане во игра

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски објаснува дека постепеното влегување во ЕУ важи за сите земји кандидати.

– Станува збор за нова стратегија на ЕУ за постепено приклучување, затоа што сметаат дека приклучувањето веќе е безбедносно прашање, не можат да чекаат земјите кандидати да бидат целосно подготвени, сакаат да ги внесат побрзо, а се плашат дека нивните билатерални прашања можат да ја „отрујат“ дебатата внатре во ЕУ. Тоа важи за сите земји, не само за Македонија. Во последно време сѐ погласно се зборува дека преговорите помеѓу САД, Украина и Русија се во завршна фаза и дека може да се случи примирје до летото. Тоа ја активира ЕУ, па затоа сакаат да ја стават Украина на брза лента. Паралелно, сметаат дека тоа не е фер за земјите од Западен Балкан, особено за Македонија, и сакаат да направат нешто и за нас. Тоа е новиот апетит на Европа, но тој нема да ги смени условите – објаснува Арсовски.

Тој додава дека засега се зборува само за динамиката за пристапување кон полноправно членство.

– Нема да имаме право на вето, а можеби е и подобро на земјите од Западен Балкан да не им се дава ова право уште на почетокот, затоа што нема да се знае кој кого ќе блокира и кој со кого ќе се расправа. Во моментов не се зборува за два вида членство, туку само за динамиката на пристапување. Сепак, треба да бидеме свесни дека условот за уставни измени ќе остане во игра – изјави Арсовски.

Најголемите поволности за Македонија од членството во ЕУ е трансформацијата на општеството, додава Арсовски.

– На тој начин ќе добиеме директна помош да ги средиме сите работи што веќе 30 години не можеме да ги средиме, а тоа е владеењето на правото, функционална економија, демократија, функционирање на институции, лесно патување и лесен извоз на македонски производи во Европа, а најголемиот бенефит за нас ќе биде можноста да ги користиме фондовите – објаснува Арсовски.

Ружин: Ако тоа е полесниот пат до ЕУ, треба да го искористиме моментот
Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, за „Слободен печат“ вели дека не гледа проблем во тоа да се реализира сценариото што го спомна премиерот во однос на постепеното проширување на ЕУ.

– Точно е дека во ЕУ се води дебата за тоа како да се изведе интеграцијата на земјите од Западен Балкан, но треба да ни биде јасно дека клучното прашање овде е како најбезболно да се внесе Украина во европското семејство. Оваа варијанта што ја спомна премиерот Мицкоски е изводлива со одредени големи услови. На пример, не може Украина да стане членка на ЕУ без тоа да им се случи на другите држави. Но, медалот има две страни. Од една страна, може да се случи да влеземе во ЕУ заедно со Украина, а од друга страна, може да ни наметнат обврска да го решиме случајот со Бугарија. Фрустрирачки е да немаш право на глас во просторија во која сите имаат право на глас, но ако тоа е полесниот пат до ЕУ, тогаш треба да го искористиме моментот – изјави Ружин.

Ова не е првпат темата да се актуелизира во европските дебати. И минатата недела во дипломатските кругови повторно се дискутираше за концептот на т.н. „обратно проширување“, како можен одговор на актуелните безбедносни и политички предизвици со кои се соочува Европа.

Мицкоски: Влез со многу заштитни механизми
Доколку земјавата стане дел од ЕУ во рамки на процесот на постепена интеграција, тогаш Бугарија нема да може да стави вето, бидејќи државата и формално ќе биде дел од ЕУ, но под условите кои ги предивудва тоа градуално пристапување, изјавиМицкоски во однос на евентуално бугарско вето доколку се реализира оваа нова иницијатива.

– Бугарија не може да стави вето, бидејќи тогаш и формално ќе бидеме членка на ЕУ, ќе бидеме на масата, а знамето на државата ќе се вее во Брисел, доколку тој процес се операционализира – одговори Мицкоски.

Појаснувајќи ја иницијативата, тој посочи дека важни ќе бидат два услова кои веќе се споменуваат во Брисел – заедничката надворешна и одбранбена политика и владеењето на правото, односно реформите што треба да се спроведат во овој дел. За нас, додаде тој, претпоставува дека ќе важи и трет услов, оној што го прифати претходната влада – измената на Уставот.

– Постојат две идеи и добро е што сме дел од двете. Првата идеја е откако ќе се постигне мировен договор во Украина и ќе започне реконструкцијата на Украина, таа формално, заедно со уште три земји од Западен Балкан – Црна Гора, Македонија и Албанија – да стане дел од овој план. Втората идеја е на тоа да се додадат и другите земји од Западен Балкан, плус Молдавија – рече премиерот.

Тој појасни дека ова би значело влез со многу заштитни механизми со цел процесот да биде побалансиран. Како пример за такви заштитни механизми ја посочи постојната земја членка на ЕУ, Полска, за која рече дека таквите механизми во делот на земјоделството траеле 20 години, односно државата не можела да ги користи структурни фондови во таа област се до 2024 година.

– За нас би важел сличен принцип, како што ќе ги затвораме поглавјата, така постепено ќе се повлекуваат тие заштитни механизми. Нема да имаме право на глас, ниту право на комесар, но ќе можеме да учествуваме во работата на Европскиот совет и институциите во Брисел – истакна премиерот и додаде дека за овој концепт сè погласно се зборува.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Членство во ЕУ без право на глас,…

Македонија во Европската Унија (ЕУ), но без…

(Видео) Лидерот на СНСД, Додик, со чучњеви…

Лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи, Милорад…

„КОД“: Марихуаната во Србија превезувана како „македонски…

Во емисијата „Код“ на Телма вечерва беа…

(Видео) Нарко-војна на улиците: Гвадалахара во пламен…

Гвадалахара се соочи со бран насилства и…

Луна парк до јуни 2027? Градот во…

Скопје се подготвува за нова фаза во…