Што мислат сите партии? Избори – ДА има или НЕ? Прашањето е сега!

t

Избори ќе има или нема, засега не знаеме со сигурност. Првичната изјава на премиерот Мицкоски од пред два дена дека „многу наскоро ќе има избори“ беше протолкувана како најава за предвремени парламентарни избори, меѓутоа веќе вчера Мицкоски појасни дека оваа година ќе нема избори.

„Има некои од партиите кои што се исплашија од таа изјава, јас следам. Но, мојот став вие го знаете. Мојот став е дека оваа година избори нема, оваа година е реформска и година на консолидирање. Јас би сакал да имаме редовни избори кои ќе се случат наскоро во пролета 2028 година. А дали 2027та година е опција, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвено да оди на избори и да победи. Но, она кое што ние сега го правиме и го има нашиот фокус е тоа да испорачаме реформи и да ја зголемиме економската активност со што ќе го зголемиме и животниот стандард на граѓаните“, рече премиерот Мицкоски.

Се чини дека партиите во Македонија, како и обично, немаат единствен став за тоа дали ќе има избори, кога ќе бидат одржани истите, дали ќе се менува изборниот модел.

Инфомакс ги собра мислењата на сите парламентарни партии на темата.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, видлив од изјавата на Мицкоски е дека владејачката партија е подготвена за избори, меѓутоа неговата желба е истите да бидат редовни. Во врска со една изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ и претходно изјавија дека немаат проблем за промена на изборниот модел во таа насока, меѓутоа не се дефинирани сите аспекти, во смисла на праг за влез во Собранието.

Лидерот на опозициската СДСМ, за Инфомакс вели дека промените на Изборниот законик мора да бидат донесени со поширок консензус.

– „СДСМ јавно соопшти дека е подготвена да разговара за сите теми, вклучително и за изборниот модел. Покрај прашањето за една изборна единица, тука се и прашањата за цензусот којшто е многу важно да го има, како и за отворените листи. Во секоја нормална земја такви промени мора да бидат дел од поширока политичка дебата. Но, бидејќи имаме недемократска власт којашто на сила, шверцерски, и без консензус ја укина Техничката Влада, која секогаш била носена со консенсуз, СДСМ ја напушти работата во групата за Изборниот законик. Понатаму одговорноста е на Мицкоски и ВМРО-ОКГ кои имаат мнозинство во Собранието“, вели Филипче за Инфомакс.

Од Левица се за предвремени избори, одговори денеска на новинарско прашање пратеникот и портпарол на партијата, Амар Мециновиќ.

– „Ние сметаме дека предвремени избори се неопходни за Македонија во овој момент од неколку причини. Првично, светот навистина се менува, не е ист како што беше пред две години кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема Владата, потребите на граѓаните се поголеми, имаме власт која работи на акумулација на капитал на своето раководство, работна несигурност, не е прекинато иселувањето, две години не може да се покачи минималната плата, нема суштински реформи, нема казни за оние кои претходно грешеле, туку има комплетна колаборација. Оваа власт има легитимитет, но тоа што го прави на своите граѓани е страшно. Сметаме дека Левица е спремна за предвремени парламентарни избори, особено во Скопје и во урбаните средини и на следните избори ќе ја предводиме опозицијата“ – вели Мециновиќ.

Левица одамна бара и промена на изборниот модел, односно воведување на една изборна единица, што и денес го повтори Мециновиќ и нагласи дека е потребна промена на Изборниот законик, а за СДСМ која ја напушти работната група за Изборниот законик смета дека СДСМ се во договор со ВМРО-ДПМНЕ и блокадата е “услуга за ВМРО-ДПМНЕ“.

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека предвремени избори би биле добар показател за ситуацијата во Движењето ЗНАМ.

– „Ако има, ЗНАМ ќе учествува, бидејќи како нов политички субјект што поминува една фаза на ферментација или политичко зреење, ни одговара да има избори за во континуитет да се проверуваме какви сме и до каде сме во очите на граѓаните“, рече Максим Димитриевски во телевизиско гостување.

Од ВЛЕН сметаат дека сега не е момент за избори, туку за испорачување на политики.

– „ВЛЕН е во завршна фаза на обединување во единствен политички субјект, со што дополнително ја зацврстува својата позиција како доминантна сила на политичката сцена во Северна Македонија. Со тоа, и официјално се потврдува како втора политичка сила во државата. Владата има стабилно и значително мнозинство, со тенденција дополнително да се окрупнува. И резултатите од неодамнешните локални избори јасно го покажуваат тоа, ВЛЕН освои 10 општини, односно околу 80% од општините со доминантно албанско население. Тоа е јасна и недвосмислена потврда каде е довербата на граѓаните. Сметаме дека главниот фокус треба да биде испорака на политики што ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните и ќе ги зајакнат сервисните функции на извршната власт“, велат од ВЛЕН.

Оттаму за Инфомакс велат дека во партијата има работна група каде се разгледуваат измени на Изборниот законик, но засега нема заклучоци дали ќе се прифати моделот на една изборна единица, кој би бил прагот за влез во Собрание, како и за намалување на бројот на пратеници во Собранието.

Од ДУИ, пак, велат дека предвремени избори се добредојдени.

– Добродојдени се предвремените избори и ние сме подготвени за нив, велат од ДУИ за Инфомакс. Во врска со измените на Изборниот закони ставот на ДУИ е дека е потребна 1 изборна единица, со праг од 5% од вкупниот број регистрирани гласачи во изборната листа, со отворени листи.

⁠- „Мислиме дека бројката од 120 пратеници е добра бројка и треба да се задржи. Земјите со број на население, отприлика колку нашето, имаат, во најчест случај по 120 пратеници“, велат од ДУИ.

Арбен Таравари, кој е лидер на едната „Алијанса за Албанците“, за Инфомакс вели дека охрабруваат да има предвремени избори.

– „Го охрабруваме премиерот за предвремени избори. Во врска со изборниот модел, Алијанса за Албанците е за осум изборни единици, колку што има економски развојни зони во Македонија и за отворени листи“, вели Таравари.


ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Што мислат сите партии? Избори – ДА…

Избори ќе има или нема, засега не…

ДУИ: Како семејниот клан на Изет Меџити…

Како семејниот клан на Изет Меџити го…

Кузеска: Викаат дека сме трета економија во…

„Вие сте толку одлепени од јавноста, да…

Ристески: Никој во ВМРО не ветил дека…

Пратеникот Петар Ристески тврди дека функционерите од…

Европа не може да прими во членство…

Прес-конференција на Богданка Кузеска: Граѓаните мораат јасно…