Што му кажаа странските инвеститори на премиерот Мицкоски
Странските инвеститори денеска го потврдија сојузништвото со Владата во делот на (не)зголемувањето на минималната плата, но истовремено на маса го ставија и прашањето за исплатата на државната помош што лани доцнеше прв пат откако оваа практика за поддршка на странските инвестиции беше воведена кај нас. Странските инвеститори во земјава исто така се „избоксуваа“ за уште едно намалување на царинските стапки за материјалите што ги увезуваат за изработка на нивните производи, а од друга страна ја израдуваа Владата соопштувајќи и дека 55 отсто од анкетираните компании со странски капитал во земјава се подготвени повторно да инвестираат тука, што е значаен скок во однос на минатогодишната анкета.
Ова се дел од темите за кои што се зборувало денес на првиот квартален состанок за 2026 година на Советот на странски инвеститори со премиерот Христијан Мицкоски и со економскиот тим на Владата, што се одржа во Стопанската комора на Македонија, и на кој исто така станало збор и за други прашања, какоо што е проблемот со транспортерите, проблемите со работните дозволи, спроведување на обвските кои странските инвеститори од страна на надлежните државни институции (таканаречениот афтеркеар) и тн.
„Разговаравме за неколку важни теми кои се од интерес и потреба не само на странските компании, туку општо на бизнис заедницата во државата за подобрување на бизнис климата и за бизнис амбиентот“, изјави по средбата претседалот на Советот на странски инвеститори и директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.
Тој рече дека пред владиниот тим екслузивно била презентирана и најновата анкета која на годишно ниво ја прави Советот за странски инвеститори и која пред јавноста ќе биде обелоденета во наредните две недели.
„Позитивните работи беа дека 55 проценти од компаниите дадоа позитивна одлука за реинвестирање во државата, што е зголемување за 13 процентни поени во однос на анкетата во 2024 година“, рече Мизо.
Дополнително, како што додаде, разговарале и за прашања за кои станало збор на минатите состаноции, како дополнително намалување на царинските стапки што ќе се направи од 1 јули оваа година, што според Мизо значи дека ќе имаме целосна хармонизација и поголема конкурентност на домашното производство тука и на исто ниво со конкурентоста во Европската унија.
Во однос на прашањето за државата помош што ескалираше минатата година, кога исплатата доцнеше од страна на државата, Мизо рече дека разговарале за активностите кои ги направиле на работната група за утврдување на упатство за дефинирање на униформни оправдани инвестициски трошоци од страна на сите инвеститори, без разлика на локацијата каде инвестираат во државата и кои се давателите на државна помош.
„Активно влеговме и во дебата што се случува во моментов со дозволите за транспортерите, кои се обврските, барањата на Европска унија, како ние како компании може да помогнеме и нормално, што прави државата не само со лобирање во Брисел, но и со некои соседни држави бидејќи ова е нешто со кое ќе се соочиме не само ние во Македонија, туку и целиот регион. Ние како компании преку нашите бизнис асоцијации сакаме да помогнеме да остане конкурентноста и овие инвестиции да останат тука“, рече Мизо.
Исто така тема била и прашање кое што подолго време е високо на агендата на странските инвеститори кај нас, а тоа се работните дозволи.
„Дефиниравме нешто што веќе имаше адаптација на некои олеснувања во процесот на добивање на работни дозволи и дозволи за престој за странски државјани. Најголем дел на овие активности за нас значат менаџерски тимови, технички лица кои доаѓаат тука, пред се од ОЕЦД земји и она што значи праќање на некои од вработените од нашите глобални компании во Македонија“, рече Мизо.
Тој појасни дека не станува збор за дозволи за работа за обични работници, односно за квоти кои ги имаат за странски работници, туку директно за претставници на менаџерскиот тим.
Мизо рече дека Владата, премиерот и сите министри и директори на институции кои биле на состанокот отворено дале свои коментари, а биле договорени и средби што треба да се реализираат идната недела на кои работни групи или на индивидуално ниво треба да се разгледаат забелешките кои биле посочени од страна на странските инвеститори за да се стигне до решение и да се преобрадат сите предизвици.
На прашањето да посочи некои од забелешките кои биле упатени до Владата, Мизо дипломатски одгвори дека не станува збор дали имаат позитивни или негативни забелешки. Тој додаде дека според него многу е посоодветно за ова да се зборува за десетина дена кога ќе ја презентираат целата анкета.
„Не сакам да ги квалификувам како позитивни или негативни забелешки, туку она што е видувањето на бизнисите. Има околу 47 компании кои што одговорија на прашалникот со над 40 илјади вработени. Многу е посоодветно наместо денес, да ги обелодениме сите тие наши идеи, размислувања и предлози тогаш“, рече Мизо.
Тој, сепак, појасни дека имало неколку теми.
„Зборуваме за работните односи, за недостиг на работна сила, квалификуван кадар, на кој начин тие работи да се решат, зборуваме за подобрување на системот на афтеркеар, за нешто што беше минатата година околу процесот за исплата на државната помош и нормално што ќе се случува врз основа на она што е кризата во Заливот денеска и зголемувањето на сите оние цени и трошоци на кој начин тоа во иднина ќе значи за конкурентноста за нас и разговавме за зголемувањето на минималната плата“, рече Мизо.
„Ние го поздравуваме она што значи останување на заложбите врз основа на оние регулативи кои се законски дефинирани и да се земе во предвид продуктивноста, а не да биде ад-хок зголемување само заради потребите кои не соодветствуваат на конкурентноста на државата“, нагласи Мизо.
Од друга страна пак, премиерот Мицкоски вели дека странските инвеститори се исклучително важни, исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада и сите оние атрибути кои се составен дел во таа борба за што подобра економија.
„Чувствуваме дека полека, но сигурно се движиме кон консолидирање и тоа во услови на исклучително големи глобални предизвици, ценам дека македонската економија се движи кон состојба на консолидирање, се разбира предизвиците нема да сопрат, тие ќе продолжат но ние се обидуваме да ги антиципираме и преку антиципирање да наоѓаме решенија за тие предизвици. Колку е државата посилна, толку и бизнисот повеќе вреди, толку и имотот повеќе вреди, колку е бизнисот посилен толку станува државата посилна затоа е многу важно да имаме ликвиден бизнис, економија, таа економија да си ги врши навремено обврските кон државата и кон буџетот, а се разбира со тие обврски и со солиден и ликвиден буџет ние ќе можеме да имаме повеќе капитални инвестиции, да имаме повеќе во здравството, да имаме повеќе во образованието, да имаме повеќе во земјоделието, повисоки пензии, повисоки плати и т.н.“, вели премиерот.
За него станува збор за „двонасочна улица“. Тој рече дека критиките и аргументите кои биле изложени денеска, ќе ги анализираат и дека таму каде што може да се подобрат, ќе се потрудат тоа и да го реализираат.
„Задоволен сум од фактот што е двоцифрен растот на процент на оние компании коишто се задоволни од бизнис климата и дека се подготвени да ја прошират својата инвестиција во земјата. Се разбира дека ќе имаме предизвици, но ние како Влада тука сме, мотивирани сме и сакаме да ги решаваме тие предизвици како што тоа го правиме многу пати во минатото така и во иднина ќе се бориме за секоја инвестиција, за секое евро вложено во земјата затоа што цениме дека со секое евро вложено во земјата, со секој денар вложен во земјата ние ќе имаме побогата и постабилна земја, а тоа значи дека имотот на нашите граѓани и бизнисите на бизнисмените повеќе ќе вредат“, рече Мицкоски.
Следниот состанок на Советот на странски инвеститори во Македонија и на Владата ќе се одржи во средината на јуни.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што му кажаа странските инвеститори на премиерот…
Странските инвеститори денеска го потврдија сојузништвото со…
ОТФРЛЕНИ СИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ СЕ ОСПОРУВАШЕ…
Отфрлени се сите иницијативи со кои уставно…
Иран се закани: Подгответе се за цена…
По претходната политика на „одмазднички удари“, Иран…
Жерновски: ЕУ ја предупредува Македонија за влијанијата…
Прес конференција на СДСМ, Андреј Жерновски –…
Женско тело извадено од реката Вардар во…
Безживотно тело на жена било пронајдено денеска…