Јапонски институт разви специјална музика што им помага на бебињата да заспијат

t

Како дел од проектот за поддршка на родителите, јапонскиот Институт за аудиокомуникација при лабораториите „Чиба“, кој се занимава со анализа на аудиоснимки за потребите на судските постапки, создаде специјална музика што им помага на бебињата полесно да заспијат.

„Институтот ја започна оваа иницијатива откако во текот на својата работа со судовите се соочи со случаи на злоупотреба на деца, поврзани со стрес, депресија и нервни сломови кај нивните родители“, пренесува јапонската новинска агенција „Кјодо“.

Музичката композиција трае околу 14 минути и содржи комбинација од звуци на музичка кутија и смирувачки звуци на океански бранови. Откако беше објавена на платформата Икс, композицијата е прегледана повеќе од 3,8 милиони пати, а во рок од две недели привлече околу 350.000 посетители на веб-страницата на лабораторијата.

– При развојот на проектот ги анализирав претходните истражувања поврзани со спиењето и влијанието на различните звуци врз човековиот организам, експериментирајќи со звуци од разни музички инструменти. Во текот на анализата ги снимав и сопствените звуци на дишење додека спијам, со цел да ги увидам нивните ефекти – изјави директорот на Институтот, Муцутоси Мураока.

Според него, истражувањата довеле до откривање комбинација од високофреквентни звуци на музичка кутија, кои можат да се репродуцираат преку паметни телефони, и таканаречениот „розов шум“, за кој се смета дека потсетува на звукот на океанските бранови и на мајчиното дишење за време на сонот. Откако Мураока ги дефинирал параметрите, меѓу кои темпото и висината на тоновите, вработениот во лабораторијата, Шинсуке Шибутани, ја компонирал музиката за само три дена.

– Сакам да им помогнам на родителите и на вработените во градинките на кои им се потребни барем 30 минути одмор – изјави Мураока, додавајќи дека сепак не може да се очекува секое бебе задолжително да заспие додека ја слуша музиката. Музиката ќе може да се преземе од веб-страницата на лабораторијата до крајот на јуни, додаде тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јапонски институт разви специјална музика што им…

Како дел од проектот за поддршка на…

Каранфилова Пановска: Во изминатите 6 месеци имаме…

Во изманатите шест месеци од владеењето на…

Ужас во Хрватска: Пронајдени закопани две бебиња,…

Страшен случај ја потресе Хрватска, откако во…

Најмалку 30 предвремено родени бебиња евакуирани од…

Министерството за здравство во Појасот Газа денеска…

(Видео) Емотивно: Две бебиња извлечени од урнатините…

Едногодишно бебе беше извлечено од урнатините 53…