Јованов: Еве што со „10.000 вработени во казината“, кои би останале без работа во случај на затварање?
Професорката Тамара Јованов реагираше преку објава на социјалните мрежи на најавите за можни ограничувања или затворање на коцкарската индустрија, предупредувајќи дека околу 10.000 вработени би можеле да останат без работа. Таа нагласува дека при носење на вакви одлуки државата мора да ги земе предвид и долгорочните придобивки за јавното здравје, но истовремено да обезбеди конкретни решенија за работниците, преку преквалификација, грантови за самовработување или поддршка за земјоделско производство. Во својата објава, Јованов ја отвора и пошироката дебата за економскиот систем и улогата на државата во заштита на работните места при структурни промени.
Нејзиниот статус ви го прнесуваме во целост:
Што со 10.000 вработени во казината, кои би останале без работа во случај на затварање?
Прво, ред е да сфатиме дека кога се носат важни одлуки, како држава без коцкарници и кладилници за безбедност на населението од опасни пороци, не може краткорочен негативен ефект да биде поважен од долгорочните придобивки!
Утре, вашето дете може да стане зависник од порокот кој го штитите!
Но, кога би имале мудра власт, таа би знаела да ги предвиди и краткорочните проблеми од своите одлуки, па би им нашла решение и ним.
На пример, луѓето вработени во сектори кои би требало плански и законсни да се затворат, би можеле да добијат нешто од следниве опции:
1. Обуки за преквалификација или доквалификација за професии кои се дефицитарни или високо барани и директно поврзување со работодавачите (нели немало вработени и требало да увезуваме 50.000 луѓе за работа во фабриките!?).
2. Грантови од АВРМ за сопствен бизниси, на оние кои се попретприемачки расположени.
3. Доделување земја за работење под симболичен закуп, за производство на земјоделски производи кои се барани на пазарот, со гарантиран откуп (ова треба да го има и за постојните земјоделци).
Кој не сака ништо од наведеното, може да се снаоѓа како што мисли и сака самиот.
Туку, кој ли ги снаоѓаше луѓето од поранешните фабрики во општествена сопственост како Македонка, Астибо, Охис и сите ним слични, кога вашите дпмне и сдс ги затвараа и продаваа за бадијала на свои луѓе, а илјадници останаа без леб дома.
Како за луѓе кои масовно си гласаат за капитализам, многу нешто барате помош од државата кога ќе згусне.
Што бираме – капитализам во кој секој да си се снаоѓа самиот или социјализам во кој плански ќе се грижиме за сите дома?
М?
Знаеме ли накаде тераме?