Ќе оди ли Подгорица по „македонскиот пат“: Дали Хрватска ќе го блокира влезот на Црна Гора во ЕУ
Додека Црна Гора настојува да ја оствари својата амбициозна цел – до крајот на годината привремено да ги затвори сите преговарачки поглавја за да го постигне стратешкиот цел членство во Европската унија (ЕУ) во текот на 2028 година – Загреб ја потсети Подгорица дека за остварување на таа цел се прашува и Хрватска, како една од 27-те рамноправни држави членки на Унијата.
Тоа значи дека дури и ако Црна Гора ги спроведе сите неопходни реформи и ги исполни сите задачи од европската агенда, отворените билатерални прашања можат да станат камен на сопнување во завршната фаза од пристапниот процес, анализира балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Европската Унија веќе ја почна изработката на пристапниот договор за Црна Гора, која ќе стане членка до 2028 година, но, изгледа дека пречки ќе има.
Македонскиот пример како најеклатантен
Користењето на нерешени билатерални спорови како инструмент на притисок во процесот на проширување не е новост во ЕУ. Најеклатантен пример е Северна Македонија. Таа повеќе од една деценија беше заложник на спорот со Грција околу името, за веднаш по неговото решавање да се соочи со бугарското вето, кое и понатаму е на сила.
Искуство со вето имала и Хрватска. Речиси една година нејзините пристапни преговори беа блокирани од Словенија поради граничниот спор во Пиранскиот залив. Словенечката блокада го забави и завршетокот на хрватските преговори со Европската унија. Спорот беше одблокиран дури по политичкиот договор меѓу Загреб и Љубљана.
За разлика од Словенија, која кон крајот на 2008 година го блокираше речиси целиот хрватски преговарачки процес, Хрватска не ги запрела преговорите на Црна Гора со Европската унија.
Досега дала согласност за затворање на речиси сите поглавја, со резерва кон Поглавје 14, кое се однесува на транспортната политика. Сепак, веќе две години е блокирано Поглавје 31, кое ја опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика. Токму во тоа поглавје се преплетуваат отворените билатерални прашања меѓу Загреб и Подгорица.
Хрватска: Времето истекува
Хрватското Министерство за надворешни и европски работи на 22 јули соопшти дека „преостануваат само неколку месеци до крајот на 2026 година“ и повторно ја повика Црна Гора на конструктивен дијалог и интензивирање на работата на отворените прашања.
Соопштението уследи непосредно по посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос на Загреб, каде што се сретна со премиерот Андреј Пленковиќ и министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
Според портпаролот на Европската комисија Гијом Мерсије, комесарката Кос и хрватските функционери се согласиле дека процесот на пристапување мора да остане заснован на конкретни резултати на кандидатите во спроведувањето на реформите.
„Комесарката Кос нагласи дека изградбата на добри односи меѓу државите членки на ЕУ и идните држави членки е составен дел од процесот на пристапување. Убедени сме дека несогласувањата можат да се надминат во настојувањето да го постигнеме заедничкиот цел – поголема, побезбедна и независна Европа“, изјавила Мерсије за РСЕ.
Хрватска уште во 2024 година го блокираше затворањето на Поглавје 31 откако Собранието на Црна Гора усвои Резолуција за геноцидот во Јасеновац, што официјален Загреб го оцени како провокација.
Покрај тоа, Хрватска инсистира на решавање на повеќе отворени билатерални прашања.
Во последното соопштение наведе дека очекува решавање на прашањето за обештетување на поранешните логорски затвореници, продолжување на потрагата по 14 исчезнати лица од Домовинската војна, процесирање на воени злосторства, решавање на имотно‑правните барања на хрватските државјани, зачувување на спомен‑плочата во Моринј, продолжување на разговорите за разграничување на морето, како и враќање на училишниот брод „Јадран“.
Подгорица инсистира на дијалог
Министерството за надворешни работи на Црна Гора со соопштение, издадено на 23 јули, се осврна на соопштението од официјален Загреб.
Во него се наведува дека Подгорица во хрватското соопштение гледа потврда на заедничкиот интерес успешно да се заврши европскиот пат на Црна Гора и порача дека сите отворени билатерални прашања треба да се решаваат преку дијалог и во духот на добрососедските односи.
„Црна Гора останува посветена на пронаоѓање одржливи и заемно прифатливи решенија за сите отворени прашања. Непосредниот и содржаен дијалог го сметаме за најдобар пат кон приближување на ставовите, отстранување на недоумиците и понатамошно зајакнување на меѓусебната доверба и соработка“, се наведува во соопштението на црногорското МНР.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе оди ли Подгорица по „македонскиот пат“:…
Додека Црна Гора настојува да ја оствари…
Хаос во струмичко: Натепале цело семејство, се…
СВР Струмица поднесе кривични пријави против шест…
Рама не попушта: Нема оставка
Албанскиот премиер Еди Рама порача дека нема…
СДСМ: Четири дена молк кој ги загадил…
Четири дена откако бела пена течеше од…
Нема основа целиот проект за водоснабдувањето да…
Во јавноста деновиве се отворија повеќе прашања…