Џамбазов: Благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари за концертот во Охрид

t

„Му благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари за овој концерт, уште еднаш нѐ увери мојот менаџер и мене дека можеме сами да си организираме“, рече вчера Игор Џамбазов на прес-конференција во Охрид, пред денешниот (19 јули) концерт на Антички театар од 21 часот.

Ова е прв концерт на Џамбазов со „Гуру Харе бенд“ во Охрид по 27 години. Актерот вели дека концертот му бил дамнешна желба која со годините му поминала, па сега му се вратила. Идејата била на менаџерот Васко Павлески од продукција „Фреш унион“.

„Дваесет и седум години немам настапено со бенд во Охрид, никој ме немаше покането. На Антички театар, кој за мене е една магична сцена имам пеено само како гостин на групата ‘Нокаут’, а утре ќе ми биде прв концерт. Десет години немам стапнато во Охрид, во центарот на градот, сега се потсетив какви се гужвите за паркинг среде сезона. Сега се чувствувам дека го изневерувам Дојран со Охрид. Езеро има и овде и таму, ама цените се различни“, ни рече Џамбазов.

На концертот во Охрид, гости ќе му бидат Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ и Тамара Тодевска, негови стари соработници.

„Ќе се потрудиме за два ипол часа публиката да се опушти и да ужива во концертот. Овојпат сме засилени со два женски придружни вокали, и затоа ќе звучиме подобро“, вели Џамбазов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ