Ангелов: Heдocтоинството на државата кон бpaнителите

t

Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

Достоинство: Недостоинството на државата кон бранителите (1)
Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

22 април 1999 година. Доцна попладне. Околу 18.30 часот шесточлена армиска патрола предводена од капетанот Сашо Величковски го обезбедува делот од државната граница на Република Македонија со Косово. На север од нивната позиција се води војна. Вистинска крвава војна. Српските вооружени сили војуваат против косовското УЧК, додека НАТО со воздушни напади секојдневно напаѓа стратешки воени и други цели во Косово и Србија. Иако се ближи крајот на април, високиот планински предел сеуште на некои места држи снег. Поради неискуството на војниците кои ги предводел, капетанот бил на чело на колоната и будно внимавал на најмалиот знак на опасност. Со поглед вперен кон блиската шума капетанот Величковски не ја забележал тенката, речиси невидлива метална жица, долу ниско, пред неговите нозе. Ја почувствувал дури кога му запнала на подколеницата од десната нога. Во истиот миг, со злокобен звук, од подлогата на која била фиксирана, се одлепила и полетала против-пешадиска отскочна распрскувачка мина. Силната и заглушувачка експлозија ги распрснала стотиците метални шрапнели кои го чинат убиственото полнење на мината. Околу 140 од нив се забиле во телото на капетанот Величковски. Некои од нив во стопалата, други во нозете, трети во рацете, а неколку од нив завршиле во неговата глава. Од повредените места почнала да тече крв. Некаде послабо, некаде посилно, а oд неколку места крвта течела обилно поради скинатите крупни крвни садови. И покрај многубројните и болни повреди, капетанот останал присебен и успеал во десниот џеб на неговата војничка јакна, да го смести скинатиот прст од левата дланка. Останатите четири откинати прсти од неговите стапала се наоѓале на сигурно, во неговите избушени војнички чизми.

Двајцата војници кои се наоѓале десетина метри зад капетанот Величковски биле погодени со по неколку шрапнели, додека останатите тројца војници кои се движеле поназад останале неповредени.

Во моментот кога капетанот целиот облиен во крв, се обидел да ја подигне пушката која од експлозијата му летнала на земја, во снегот забележал неколку противпешадиски нагазни мини. Веднаш свикал по војниците предупредувајќи ги да внимаваат каде газат и внимателно, заедно со нив, со силни болки, се тргнал педесетина метри подалеку од минското поле. Таму капетанот безуспешно се обидувал да го сопре крварењето кое станувало посилно и посилно. Дваесетина минути подоцна пристигнало армиско теренско возило со кое капетанот бил преместен десетина километри подалеку, на место кое било безбедно и погодно за слетување на хеликоптер.

Времето полека минувало, хелихоптерот сеуште го немало, а состојбата на капетанот постепено станувала критична. Тој полека почнал да паѓа во крваречки шок предизвикан од силната искрвареност. Повеќе од четири часа биле потребни да пристигне хеликоптерот на НАТО во кој бил качен тешко ранетиот капетан Величковски. Вештите медицински лица веднаш, уште во хеликоптерот, му вбризгале дополнителна количина крв со која го одржале во живот до пристигнувањето во Воената болница во Скопје каде продолжила повеќедневната капетанова голгота. Со неколку хируршки интервенции му биле закрпени сите рани на телото, петте скинати прсти му биле сошиени назад на раката и нозете, но и покрај повеќето обиди докторите од неговото тело успеале да отстранат само четириесетина шрапнели.

Капетанот Величковски преживеа, но во неговото тело до ден денес се наоѓаат повеќе од 100 метални шрапнели кои секојдневно, со болка, го потсетуваат на пеколниот настан.

Заседата во Ваксинце
Трети мај 2001 година. Рано наутро, околу шест часот, низ правливата главна улица на село Ваксинце во Кумановско-липковскиот кризен регион полека се движел оклопниот транспортер на АРМ. Врз транспортерот, со оружје во рацете, седеле четворица припадници на Армијата. Нозете им биле внатре во транспортерот, но горниот дел од телото надвор, на отворено. Возачот и командирот на патролата се наоѓалет внатре во транспортерот. Одеднаш, пред нив, на средината на патот, забележале препрека која не им дозволувала да го продолжат движењето напред. Војниците веднаш сфатиле дека нешто не е во ред и брзо, во движење, се договориле истовремено да скокнат од возилото, да го тргнат земјоделското орудие – дрљач кое било испречено пред нив и веднаш да се вратат на безбедно, назад во оклопниот транспортер.

Речиси во истиот момент, пред да скокнат од транспортерот, врз нив бил отворен ненадеен жесток рафален оган од повеќемина стрелци на УЧК. Првите куршуми завршиле во телата на професионалните војници Димитар Двојаковски и Влатко Петров. Само што ги слушнал првите истрели војникот Димче Манчов успеал да се спушти назад во транспортерот. Веднаш потоа успеал да го повлече војникот Двојаковски, чие тело делумно било надвор, назад во транспортерот. Главата на Двојаковски паднала врз колениците на војникот Димче. Иако неправилно и испрекинато, војникот Двојаковски целиот во крв сеуште дишел и претал во претсмртен грч. Делови од неговиот мозок полека почнале да истекуваат надвор од шлемот. Целиот во шок Димче се обидел да погледне надвор од транспортерот, но само што ѕирнал, еден од мноштвото куршуми кои непрекинато и злокобно удирале по оклопот на транспортерот, завршил во неговиот шлем. Од силината на ударот шлемот летнал подалеку од неговата глава, но Димче успеал да клекне назад враќајки се во привремената безбедност на транспортерот. Веднаш потоа успеал да го повлече и телото на војникот Влатко Петров од чија што глава течеле млазови крв.

Рафалните истрели и стотиците куршуми кои непрекинато удирале по оклопот на транспортерот создавале страотен звук внатре во возилото. Третиот војник Горан Митревски со два куршуми бил погоден во пределот на торбичката со рамки со куршуми, а третиот куршум завршил во неговата војничката јакна во пределот на р’бетот. Иако ниту еден куршум не се забил во неговото тело, од јачината на проектилите војникот Горан паднал на земјата, надвор од транспортерот. Веднаш потоа бил опколен и заробен од страна на УЧК.

Во целата паника додека траел нападот, возачот на транспортерот останал доволно присебен и непрекинато се обидувал да ја помине испречената препрека. По повеќе обиди насилно успеал да помине преку неа. Иако со избушени гуми, продолжил да вози право по главната улица, го напуштил селото Ваксинце и со оклопното возило стигнал до мала единица на Армијата која во меѓувреме дошла пред влезот на селото.

Престрашени од стравичната глетка во внатрешноста на транспортерот во кој насекаде имало распрскана крв и истечен мозок, никој од дојдените војници не сакал да му помогне на војникот Димче да ги изнесе телата на двајцата загинати соборци. На целата мака, на целиот стрес, професионалниот војник Димче кој од глава до пети бил испрскан со крвта од неговите соборци, дополнително морал да помине низ пекол влечејќи ги мртвите тела на неговите браќа по оружје, војникот Двојаковски и војникот Петров.

Судир на џиповите
Ноќта на 18 септември 2001 година полицаецот Марјан Величковиќ заедно со уште еден припадник на резервниот полициски состав, со теренско возило на МВР тргнал кон селото Речица во Кумановско-липковскиот регион. Во согласност со наредбите на непосредните старешини иако било ноќ и безмалку немало никаква видливост, поради можност да бидат нападнати, полицаецот Марјан Величковиќ возел без вклучени светла. Околу 21.45 часот, од спротивната страна сосема неочекувано налетало армиско теренско возило кое исто такаќсе движело без вклучени светла. Во директниот судир на двете возила полицаецот Марјан Величковиќ се здобил со тешки телесни повреди, карлицата му била скршена, главата расечена, а имал и други повреди.

Рафалите во Шутка
Како припадник на посебните полициски единици во 2001 година полицаецот Зоран Ангеловски учествувал во многу вооружени битки низ сите кризни региони во Македонија, успевајки да избегне безброј куршуми испукани кон него. Неколку години подоцна, ноќта на 15 септември 2004-та, на подрачјето на скопска Шутка, два од многуте куршуми испукани кон полициското возило во кое се наоѓала трочлената полициска патрола, завршиле во неговото тело.

Судските лавиринти

Капетанот Сашо Величковски, војникот Димче Манчов како и полицајците Марјан Величковиќ и Зоран Ангеловски, независно еден од друг, во различен временски период, против Министерството за одбрана односно Министерството за внатрешни работи, пред надлежните основни судови поднеле тужби за надомест на нематеријална штета. Во одделни судски постапки вешти лица одредени од судот ја вештачеле претрпената нематеријална штета и тоа намалена животна активност, нагрденост, претрпен бол и претрпен страв. Врз основа на судско-медицинското вештачење судии на основните судови определиле конкретни парични износи како правичен надомест на нематеријална штета.

Министерството за одбрана и МВР се жалеле во втор степен, но и апелациските судови ги потврдиле пресудите на основните судови со тоа што во некои од случаите единствено ја корегирале сумата која била определена како правичен надомест на нематеријална штета без притоа да го спорат основот врз кој бил пресуден надоместот на нематеријалната штета. Откако пресудите станале правосилни, Министерството за одбрана и МВР на оштетените им го исплатиле досудениот правичен паричен надомест на нематеријална штета.

Министерството за одбрана и МВР поднеле вонреден правен лек до Врховниот суд на Република Македонија кој, за разлика од основниот и апелацискиот суд, пресудил во нивна корист, поништувајќи го основот по кој била извршена исплатата.

Во различни временски периоди, врз основа на пресудата од Врховниот суд, Министерството за одбрана и МВР започнале тужби и контратужби за враќање на парите кои како справедлив надомест на нематеријална штета им биле исплатени на ранетите, повредени и трауматизирани бранители, капетанот Сашо Величковски, војникот Димче Манчов и полицајците Марјан Величковиќ и Зоран Ангеловски.

За илустрација, земените приближно 7.300 евра од страна на професионалниот војник Димче Манчев, со законската камата и останатите трошоци, во моментот кога почнал да ги враќа назад на Министерството за одбрана, се зголемиле на околу 20.500 евра. Значи, Димче Манчов зел околу 7.300 евра, а денес назад на државата и враќа повеќе од 23.000 евра. Повеќе од пет години, на Димче Манчов, кој од пред петнасетина години работи во граничната полиција на МВР, секој месец, преку извршител, му се одбива третина од платата и на тој начин поранешниот професионален војник го враќа назад земениот справедлив надомест на нематеријална штета, трикратно зголемен.

Министерството за одбрана на капетанот Сашо Величковски од Куманово, според правосилна судска пресуда му исплатило 3.274.523 денари, но воедно поднело и вонреден правен лек до Врховниот суд. Судот го задолжил тешкиот воен инвалид, капетанот Сашо Величковски, да врати назад на Министерството за одбрана 1.538.852 денари. Повеќе од пет години, една третина од пензијата на капетанот Сашо Величковски преку извршител завршува на сметка на Министерството за одбрана. Со оваа динамика, на тешкиот воен инвалид, пензионираниот капетан Сашо Величковски, ќе му требаат повеќе од 15 години за да врати назад на Министерството за одбрана, дел од земената оштета. Во меѓувреме, за да ги издржува неговите две возрасни деца кои студираат во Словенија, капетанот секојдневно подработува амалски работи.

На тешко повредениот полицаец Марјан Величковиќ по правосилноста на пресудата на апелацискиот суд му биле исплатени 1.491.943 денари. Неколку години наназад полицаецот Марјан Величковиќ ја враќа земената оштета зголемена со законска камата и трошоци за извршител.

Ранетиот полицаец, бранителот Зоран Ангеловски, добил надомест на нематеријална штета во висина од 660.200 денари, но подоцна со друга пресуда бил задолжен да ја врати земената оштета која со пресметаната законска камата станала 835.165 денари. Почнувајќи од декември 2012 година од поранешниот полицаец Зоран Ангеловски, кој сега е во пензија, извршителот секој месец присилно му одбива третина од пензијата. Се до пред неколку дена кога од страна на извршителот добил известување дека поради опасност од апсолутно застарување ќе му биде блокирана целата пензија се до конечна исплата на неговиот „долг“ кон државата.

Со ист ваков проблем се сретна и претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци во заседата кај село Вејце за и тие, со законска камата, да ја вратат земената оштета. По низа бурни реакции и притисок на јавноста иницирани и координирани од Здружението на припадници на безбедносните сили Достоинство, кон крајот на 2009 година, тогашната Влада под силен притисок донесе одлука за повлекување на овие тужби.

Со Одлука на Владата бр.19-5943/1 од 10 ноември 2009 година, исплатениот паричен надомест на припадниците на безбедносните сили и на нивните семејства се прифати како справедлив надомест на име на нематеријална штета и душевни болки, а Државното правобранителство на Република Македонија – Министерство за внатрешни работи било задолжено да ги повлече поднесените тужби и да се откаже од тужбените барања против припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства.

Врз основа на оваа одлука се повлекоа вкупно 35 тужби со кои беа опфатени повеќе од 40 воени инвалиди и членови на семејствата на загинатите полицајци, поднесени од МВР.

За жал, МВР не ја почитувало во целост оваа одлука и не ги повлекло тужбите против полицајците Марјан Величковиќ и Зоран Ангеловски иако тие ги исполнувале условите од одлуката бидејќи паричниот надомест на нематеријална штета го добиле врз основа на правосилна судска пресуда.

Сите останати постапки за враќање на земената оштета кои ги покрена МВР беа сопрени без разлика на фазата во која се наоѓаа, но бидејки одлуката на Владата се однесуваше само на повлекување на тужбите и контратужбите од МВР, двете тужби поднесени против двајцата припадници на министерството за одбрана, капетанот Величковски и војникот Димче не беа повлечени.

Пишува Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство за МКД

Текстот продолжува

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Пендаровски исвиркан на ракомет во Струга

Претседателот Стево Пендаоровски присуствуваше на ракометниот турнир…

Во САД дистрибуирани 1.8 милиони вакцини против…

Како што јави С-Ен-Ен, ова вклучува и…

Рекорден број Французи дале отказ во потрага…

Работници во Франција ги напуштија своите работни…

Во Македонија има непишана забрана за критика…

Професорката Мирјана Најчевска ја коментира актуелната политичко-обвинителската…

Внукот на Тито откри која грешка Маршалот…

Јошка Броз, внук на доживотниот доживотен претседател…