Гласање или специјална операцијa

t

Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато па и помогнавме да се дораспадне или да му се врати на Б.Ц. Не ни заслужуваа нешто подобро, сега Максимум на миниум ќе ги дорастури следниве десетина дена и потоа. Затоа најголем добитник од оваа гласање кое всушност беше специјална операција е лицето Б.Ц. Но за што гласавме „за“? Или можеби нашето гласање беше само „против“? Не, не, не гласавме. Ова што како резултат го видовме на првиот круг претседателски избори беше скриен, добро испланиран изборен инженеринг или специјална операција. Да драги мој сопартијци и пријатели, добар инженеринг, многу поразличен од оној што го имавме на сцена во 2016 година и не во обратен правец како што мнозина од вас мислат, бидејќи овој инженеринг не е наменет да го врати Груевски и неговото време. Тоа е завршена работа. Овој инженеринг за разлика од оној во 2016 година по кој САД и ЕУ претрпеа голема политичка штета во Македонија бидејќи мораа да му се одолжуваат на Заев, Ахмети и други, вклучително и дел од олигархијата која подоцна ја ставаа на црни листи, беше тивок, невидлив и тоа токму за нашиот стратешки партнер и партнерите од ЕУ. Центарот на моќ (оној таму на истокот зад ѕидините на Кремљ) направи стратешки долгорочна операција која со помош на своите европски, НАТО и балкански сојузници ја спроведуваше уште од 2021 кога на збунетиот Мицкоски од пред локалните избори па досега му местат шанси. Во самата кампања за претседателски избори во која не видовме ништо спектакуларно, ниту пак можеме да се сетиме на некоја државничка реченица, став или намера очигледно дека се сѐ одвиваше подземно. Токму онака како што им доликува на изведувачите на оваа специјална операција.

Од резултатите на специјалната операција (операција против Македонија и Македонецот) беше изненаден и самиот Мицкоски на кого му беше кажано дека разликата во првиот круг ќе биде 100 илјади гласови во полза на Силјановска, но не само тој, убеден сум дека се изненадија и реализаторите – изведувачите и подизведувачите на специјалната операција. Но најмногу се изненадени нашите стратешки партнери и ЕУ. Сепак им препорачувам да не се изненадуваат толку многу, допрва ќе бидат изненадени во целиот регион. Тоа изненадување нема да им се случи на 8-ми мај. Тоа ќе им се случи на 9-ти јуни на изборите во Бугарија. Нема да ги изненадат единствено изборите во Белград на 2-ри јуни, бидејќи таму веќе одамна е се познато и нема изненадување, впрочем затоа со помош на невидливата рака српската опозиција повторно ќе бојкотира. А бојкотот беше инструмент и кај нас во Македонија но кога требаше ние Македонците да имаме штета како на пример од бојкот на пописот, за да потоа Албанците да ни бидат виновни, а всушност се бојкотираше пописот за да се подготви и добро изора и наѓубри македонската бавча за реализација на многу активности вклучително и оваа гласање. Така криминалното и неспособно СДС и изгубениот Ковачевски успеаа да создадат доволно дополнително ѓубре на онаа кое го создаде Заев и сосема доволно да ја наѓубрат македонската бавча за едно убаво специјално орање.

Е сега за 8-ми мај и потоа. Со оглед на тоа што изборот се сведе на буквално двете опции ВМРО-ДПМНЕ и СДС, како и ЗНАМ на оној што добро знае за кого одработува, како и ДУИ и ВРЕДИ, оддалеку се гледа дека клиентелизмот и полтронството ќе надвладеат врз здравиот разум. Впрочем, во Македонија последните 100 години во континуитет се убива здравиот разум, а особено интензивно тоа се прави од 1945 година наваму. Затоа и не очекувам да надвладее здравиот разум. Како што не надвладеа кога требаше да не се гласа за Заев преку кого олигархијата си купи 8 години и уште ги изманипулираа нашите стратешки партнери и ЕУ дека Црпнатиот е за ЕУ и НАТО, а тој богато се офајди за што ги обвини токму нив нашите стратешки партнери и ЕУ. Така сега повторно ќе си купат уште години преку Мицкоски, па Филипче, па некој друг, односно доволно е само следните 4 години што ќе ги купат преку Мицкоски, а нас како држава ќе не стават во групата со Србија и Косово што ќе резултура со уште 30 години чекање. Во право беше Груевски кога пред скоро една година ми кажа дека барем уште дваесет години нема да се приближиме до ЕУ. Добро е останаа уште 19 години, има надеж дека ќе издржиме ако не ни пролонгираат.

Така драги мои сопартијци – клиентелисти кога веќе за две години ќе се освестите за реалноста и ќе се обидувате да се измолкнете од канџите на Мицкоски и другарчињата ќе ве префрлат во рацете на Филипче (читај Б.Ц.) и така до недоглед. Тоа е начин на манипулација и не-функционирање на аморфна маса без колективна меморија, историја и национални цели. А ви пишував дека без членство во ЕУ ќе не нема ниту нас Македонците, ниту пак Македонија. Затоа и ја споменав Бугарија погоре во колумната. Токму по изборите во Бугарија врз кои свое влијание ќе имаат и изборите во Македонија како показна вежба за спроведување на слична специјална операција, однесувањето на САД и ЕУ, а особено влијанието на силните про руски структури во Бугарија кои се ќе сторат да дојдат на власт таму, односот на про руската која јас ја нарекувам Сан Стефанска Бугарија кон Македонија ќе дојде до полн израз и ќе го гледаме во полна сила, но ќе бидеме горди, секако. Ќе трае сосема доволно за да Македонија ги изгуби шансите за брзо членство во ЕУ и повторно ќе бидеме горди. Потоа повеќе и не е важно, не само што нема да бидеме дел од ЕУ туку е прашање дали ќе опстоиме како македонски народ, така како што во една прилика ви напишав дека самите ќе се доведеме во опасност да бидеме фуснота во европската историја.

Едноставно е, во задоцнетиот национал романтизам кој ни го наметнаа во оваа специјална операција наречена гласање, надвор од ЕУ опасноста за опстанок на македонскиот македонизам а со тоа на автохтониот македонски народ и современата политичка македонска нација е максимална. Всушност можноста за реконструкција на македонската нација во современа европска нација е невозможна мисија а опстанокот на македонскиот народ врз автохтони основи на македонски македонизам е со минимални шанси во промили. Опасноста која ќе ни се случи најмногу ќе се одрази во облик на српски македонизам кој ќе се спротивставува на бугарскиот (Сан Стефански) македонизам и секако кој ќе биде во постојан конфликт со Албанците. Ваквата постојана конфликтност ќе го истрошува целото општество, ќе го напрега до крајни граници и дестабилизира. Тоа не е од причина сама за себе, туку за да ја држи Европа постојано заробена во „решавањето“ на проблемите со својот мек стомак, што ќе значи дека нема да може да се занимава со Украина или Блискиот Исток согласно своите начела од Лисабонскиот договор. Тоа пак значи постојана регионална нестабилност која ќе влијае врз геополитиката.

Што мислите кое е решението за таквата нестабилност? Многу едноставно е. Се ќе зависи од трпението на стратешкиот ни партнер и ЕУ, односно одлуката за повторување на состојбата – решението од пред 122 години во современи услови. Односно пак да бидеме на менито, овој пат без можност по 30-40 години да се обновиме, бидејќи во некои делови македонскиот дух – македонизмот и физички ќе исчезне, а во другите делови ќе биде српски или бугарски. Така се доаѓа до тоа да се биде фуснота во европската историја, а за тоа самите сме си виновни, првенствено поради нашите политикантски криминалци и нивните олигархиски ментори на кои им се даваше несебична поддршка изминативе децении. Секако, парите немаат национален идентитет така што на политикантските криминалци и нивните олигархиски ментори нема да им биде проблем каде и да се.

Има уште еден можен пат. Тоа е патот Мицкоски под притисок на ДУИ и ВРЕДИ за да направи влада ќе мора да го прифати „Францускиот предлог“. Можно е, и со тоа Мицкоски ќе ни покаже дека ги злоупотребил чувствата на македонските граѓани, посебно на македонскиот народ за да дојде на власт, а при тоа не закочи со години и не водеше реална борба против корупцијата и криминалот. Секако по оваа политичка постапка целата енергија на Мицкоски и другарчињата му ќе биде насочена не кон реални преговори, туку кон менаџирање на пучанството да заборави на тоа што направил со татковината ни за да ги оствари своите лукративни интереси, а ние ќе бидеме ГОРДИ. Така се разбира и спроведува политика за лични цели помеѓу политички неграмотна маса. Така се урива и довербата во сопствената држава и повторно така ќе се урне довербата кон ЕУ, што  веќе традиционално е колатерална штета, но навикнати се од ЕУ постојано да се виновни но да продолжат да се политичко-финансиски коректни.

А Пендаровски? Ех Стево, несреќо (да не употребам друг посоодветен збор), еднаш ти напишав дека доколку за нешто не те информираат затоа што Ерол и Виктор (сега Заре) не знаат не значи дека тоа и не се случува. Додека ти беше зафатен со глупирањето околу Фанар во кои те наместија наместо да создаваш политики со твојот кабинет и Ерол ти раскажуваше бајки за добра ноќ, некој друг си ја изработи специјалната операција пред неговиот нос. Затоа еднаш и ти напишав дека си опскурна личност (ти самиот пронајди се во кој дел од значењето на овој поим ќе се самоидентификуваш, во ниеден нема да погрешиш).

Она што многу ме прави љубопитен на крајот од оваа гласање-избори кои всушност се специјална операција е тоа како нашиот стратешки партнер САД и нашите партнери од ЕУ ќе отидат да му честитаат на победата на Мицкоски. Впрочем тоа нема да биде обично честитање, тоа ќе биде честитка за успешната продажбата на тротинетот (и тоа не електричниот на Тимчо).

За крај на оваа колумна, бидејќи следната недела е Велигден и нема да пишувам колумна. Обидот за корекции или подобро ублажување на последиците од гласањето-специјалната операција од страна на нашите западни партнери би било исклучиво во полза на планерите и изведувачите на самата специјална операција. Во овој миг тие, планерите и изведувачите се во секој случај во целосно добитна состојба, што и да се случи, ползата ќе биде нивна, а штетата е веќе направена. Доколку се сакаше нешто да се направи во полза на Македонија тоа требаше да се прави многу порано во изминатите две години кога Ковачевски го држевте врзан за дрво за да не падне надевајќи се дека ќе му сипете ум со инка, сега важи онаа српската: „Касно Марко стиже на Косово поље“.

Не дека нема што да се направи за европската иднина на Македонија, но како што реков планерите на специјалната операција овој резултат секако ќе го искористат за своите цели, дали за дестабилизација или политички продолжена неизвесност или пак меѓуетнички тензии или нешто друго не е важно. Тие се здобија со предност дефинирана како успешно сопирање на Македонија кон ЕУ и создавање нестабилност во регионот. Нам Господ да ни е на помош. На гласачите отпосле ќе им текне, барем на оние кои не беа дел разбуден и ставен во погон за целите на специјалната операција и гласаа понесени од гордоста и против сѐ.

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гласање или специјална операцијa

Ете, гласавме против СДС корумпирано и распаднато…

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…

Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…

Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…