Античка приказна инспирирана од фотографија: Најдобрите средношколски есеи за античкото наследство!

t

„Античка приказна инспирирана од фотографија“ е натпревар во организација на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет.

Во натпреварот „Античка приказна инспирирана од фотографија“ учествуваа 49 ученици од средните училишта од повеќе градови во државата (Скопје, Куманово, Делчево, Струга, Битола, Велес, Гевгелија, Македонска Каменица).

Учениците имаа задача да направат фотографија на антички локалитет, артефакт или да направат оригинална уметничка фотографија инспирирана од антички мотиви и врз основа на фотографијата да напишат кратка оригинална приказна.

Во продолжение ги пренесуваме наградените есеи, кои се објавени на веб-страницата ТА ГРАМАТА.

Текст и фотографија на средношколката Софија Гакова од Битола (под менторство на професорот м-р Филип Марковски).

Стојам во срцето на центарот на древниот театар во Хераклеа Линкестис. Во времето кога сцената беше полна со живот и од сите страни се излеваше актерскиот занес и ентузијазам. Атмосферата е сериозна. Ја чувствувам Мелпомена како нежно ме гали по косата, повикувајќи ме низ туѓите солзи да ѝ се препуштам на изведбата и за возврат да ѝ ја откријам мојата жалост. Нејзиниот глас е тивок, но тежок. Како збор свесен дека боли.

Навидум театарот е нем, стои достоинствено, како храм пред молитва. Како да чека дозвола да оживее. Кога го вперив погледот кон публиката, воочив дека на сите им светкаат очите. Можеби од восхит? Кога погледнав подобро, забележав дека тоа се солзи. Да, тие плачат. Плачат тивко, речиси рамнодушно, допуштајќи ѝ на болката да се слее со тишината. Се вели дека тивките солзи носат најмногу болка. Зад нив се крие гордост, поддржана со вербата дека тагата ќе ги прочисти. Во таа гордост гледам надеж. Надеж дека нивните души ќе се обноват. На секој камен има врежано натпис кој ми откри дека луѓето се поделени. Иако навидум одвоени по групи, сите ги споделуваат истите емоции. Едногласно реагираат. Гледајќи ги, се запрашав зошто емоциите се толку тешки кога човек сведочи трагедија? Дали нејзината длабочина постои ако никој не ја почувствува? Не знам. Мислам дека не знаел ни Софокле, творецот на трагичниот Едип. А можеби Едип не е трагичен само затоа што страда, туку затоа што спознава. Ако е така, тогаш трагедијата е миг на самоспознание и споделена болка.

Мојот момент беше прекинат од извик на човек кој очајно моли да биде протеран. Се завртив кон сцената. И кого видов? Едип! Баш тој – Софоклеовиот Едип. Ослепен од вистината што ја бараше. Го видов не како лик, туку како судбина оживеана на сцената. Глумецот ја носи трагичната маска. Маската зад која човекот исчезнува, а судбината зборува. Не верувам дека неговата цел е да се сокрие, туку да ѝ дозволи на трагедијата да се појави. Гледајќи ја изведбата, и јас почнав да верувам дека се прочистувам. Солзите не биле залудни. Ја почувствував катарзата како допре и до мене. Кратка, топла, измамувачка. Како привиден мир што тивко ме опи.

Но чекај! Во тој момент, како низ ветер, го слушнав шепотот на Петрушевски… Ме обзеде омраза. Гнев кон помислата дека мојата душа може да се прочисти со туѓи страдања. Дека додека некој паѓа во бездна, јас да се воздигнувам. Не може да биде така! Не смее! Очајна и збунета, погледнав горе. На врвот на ѕидините здогледав голема статуа. Убава, сомнително застрашувачка. Веројатно Дионисова. Стои како нем сведок. Сведок на смеата, солзите и сѐ помеѓу. Паметејќи ја секоја трагедија, комедија и секоја душа што верувала дека ќе биде прочистена. Сведок на сѐ она што човекот го нарекува театар. Единствениот пред кого вистината не молчи. Не знаев да го повикам. За миг до мене се појави Евтерпа, која засвири на својата флејта. Од неа се роди толку мек звук што дури и тишината замолчи. Звук кој ја надмина тишината. Тон што не стигна до моите уши, туку директно до душата. Толку ја пробуди што зборовите сами ми потекоа од уста:

О Дионисе, крунисан со вино и пламен,
зар страдањето нивно може да го оттргне
од душата ни овој тежок, крут камен?
Ние плачеме додека јунаците паѓаат,
вресоците нивни ко со камшик нѐ гаѓаат.
Но, дали постои таков камшик кој е доволно танок
да ги избрише нашите гревови,
а воедно и оној подмолен, долговечен данок?
Твојот театар нѐ научи како да чувствуваме,
но не и како против гревовите наши да војуваме.
О нежен богу на вечната рана,
о ти занесу и заблудо на мојата душа.
Можеби лагата никогаш не беше на твоја страна.
Но, на наша.
Ние кои мечтаеме дека позајмената болка
може да нѐ спаси од она што секојдневно
нашите измачени, болни души ги валка.

Прашањето остана отворено, кога почувствував како нешто се обвиткува околу мојата нога. Гранка винова лоза цврсто ме повлече надолу. Правејќи ме да погледнам кон камениот под. На него се читаше натпис, стар и излижан од времето:

„Најсуровата вистина која сцената ја открива
не е тоа дека секој го чека судбина горчлива
туку дека никој хор, никој божествен очај,
не може да ни подари вечен елизијски крај.“

Тоа, претпоставувам, беше одговорот мој – Дионисовиот знак.

Текст и фотографија на средношколецот Јован Станковски од Скопје (под менторство на професорката м-р Маријана Горгиева-Ристевска).

12 август 33 г. пр. н. е.

Ова беше голем ден за Ахил. Првпат имаше голема улога. Тој требаше да го одигра Едип. Ова беше улогата со која ќе се пробие како глумец. Досега имаше одиграно само помали споредни улоги. Чувството на немир полека го обземаше. Единствената мисла што му се врткаше во глава беше: „Што ако згрешам? Никогаш нема да добијам ваква шанса повторно.“ Ахил се потпре на малото ѕитче и погледна кон езерото. Глетката го смири за момент. Тој не мислеше дека ќе треба да настапи пред илјадници луѓе. Ако неуспешно го одглуми Едип, тоа ќе биде крај за него и неговата кариера како глумец. А можеби и крај на надежта за иднина со Лихнида. Здогледа два лебеда и почна да мечтае како тој и Лихнида еден ден ќе бидат како нив, доживотен пар. Тој ја имаше покането Лихнида на својата голема претстава. Едвај чекаше да го чуе нејзиниот впечаток после претставата. Чувството на немир полека исчезнуваше. Стоеше потпрен на ѕитчето мислејќи само на идниот разговорот со Лихнида. Задлабочен во своите мисли, не забележа дека театарот почна да се полни. Се собираа илјадници луѓе за да ја видат трагедијата, да го видат Ахил како ќе го одигра ликот на Едип. Мечтаењето на Ахил беше прекинато од неговиот колега, кој му кажа дека треба да излезе на сцена. Ахил како разбуден од сон истрча на сцената и почна со настапот. Додека глумеше очите му шетаа по публиката. Тој ја бараше Лихнида. Но не можеше да ја најде. Сите мисли за претставата му исчезнаа. Што ако не дошла, што ако разговорот со неа остане само мечта. Почна да д’тка, да ги заборава зборовите. Стравот за неуспех стана реалност. Погледите на публиката беа вперени во него, а тој беше нем.

12 август 2025 г. н. е.

Ова беше голем ден за Лихнида. Таа требаше да го гледа настапот на Ахил. Да види како ќе ја одигра улогата на Едип. Таа знаеше дека нејзиното мислење му значи. А и навистина сакаше да го сподели со него. Беше возбудена. Се спреми и излезе порано. Бесцелно шеташе по улиците на градот. Имаше време и не знаеше што да прави. Седна покрај езерото; сакаше да помине некое време тука и потоа да тргне кон театарот. Гледаше, уживаше и почнуваше да мечтае. Лихнида мислеше на езерото, како не е променето од античко време. Ги набљудуваше рибарите, кои уживаа во риболовот. Здогледа два лебеда и почна да мечтае како таа и Ахил еден ден ќе бидат како нив, доживотен пар. Седејќи, таа целосно изгуби чувство за време. Лихнида не забележа дека се ближи почетокот на претставата. Кога конечно се освести и го погледна својот часовник сфати дека доцни. Почна да трча најбрзо што може. Не сакаше да го пропушти настапот на Ахил. Трчајќи го губеше здивот, но не застануваше. Кога се приближи до театарот го слушна гласот на Ахил. Сè уште не го гледаше, но беше задоволна дека барем е доволно близу да го чуе. Кога конечно успеа да се пробие низ гужвата го здогледа само збунетиот Ахил како стои нем пред публиката. Таа беше само еден пар очи кои беа вперени во неуспехот на Ахил.

Текст и фотографија на средношколецот Кирил Китевски од Ресен (под менторство на професорката Валентина Ѓоѓиевска-Павлеска).

Едно рано утро во Хераклеја луѓе се собираа пред судската зграда со цел да присуствуваат на судење. Атмосферата беше ладна иако сончевите зраци продираа во судницата, каде што љубопитноста преовладуваше. На самиот влез од судницата римскиот магистрат, облечен во бела тога со виолетови орнаменти, си го зазеде своето место. До него седна судскиот записничар спремен да забележува сѐ од текот на судењето и конечната одлука. Присуството на двајцата војници ја држеше толпата мирна.

Во случајот кој беше изнесен пред римскиот магистрат се работеше за продавач на маслинки по име Марко, кој беше обвинет за измама при продажбата на својот производ. Записничарот истапи напред и започна со читање на обвинението на латински и потоа го повтори истото и на грчки, со цел присутните да го разберат. Магистратот го повика обвинителот Тулиј, кој ги изнесе фактите. Тој кажа дека при задолжителна инспекција тој беше пронашол лажни тегови на тезгата на Марко. Магистратот побара да ги стави на масата пред него. Теговите уште на прв поглед изгледаа старо и истрошено. Обвинителот нагласи дека теговите направиле директна финансиска штета на граѓаните и чесните трговци. Потоа магистратот ги повика сведоците да го дадат својот исказ. Двајца трговци од соседните тезги потврдија дека инспекторот ги пронашол теговите и еден од сведоците додал дека имало поплаки од купувачите за добивање на помала количина на маслинки од платеното. Магистратот внимателно ги ислуша без прекинување и од време на време му поставуваше директни и концизни прашања. На крајот магистратот го повика Марко, како обвинет да ја изнесе својата одбрана. Марко беше човек во своите педесетти години, во обична облека и со прав на своите обувки. Марко призна дека теговите биле стари, но дека немал намера никого да измами. Тој објасни дека тоа се тегови кои ги беше наследил од својот татко и биле истрошени поради протокот на времето. Марко го замоли магистратот при донесување на конечната одлука да го земе во предвид неговото минато и дека сѐ што правел било прописно. Тој тргувал во Хераклеја повеќе од дваесет години, без никакви обвиненија. Тој зборуваше во стабилен тон, при што ниту еднаш не го повиши гласот. Некои од присутните во судницата го препознаа и климаа со главата. Магистратот најави пауза, за време на којашто ќе се консултира со своите советници. Зградата стана нема, со исклучок на чекорењето. Магистратот се врати во судницата по некое време и ја прочита својата пресуда. Тој стана и кажа дека иако Марко немал намера никого да измами негова обврска е да се погрижи неговите алати да ги исполнуваат законските норми. Користењето на непрописни тежини, без разлика намерно или ненамерно, е спротивно на законот и е нелегално.

Пресудата беше јасна: Марко мораше да плати глоба и да ги замени неговите стари тегови со нови, кои биле претходно одобрени од судот. Исто така, Марко мораше да ги обештети сите купувачи, давајќи им по педесет маслинки до крајот на месецот. Магистратот му врачи опомена во која беше наведено дека втор прекршок ќе носи повисока казна. Одлуката беше строга, но на место и никој не се побуни. Судењето заврши и судницата полека се празнеше. Луѓето излегувајќи дискутираа околу пресудата на магистратот. Некои беа задоволни, некои не! До пладне зградата повторно беше испразнета, а чуварите се вратија на своите места. Животот во Хераклеја продолжи. Судењето стана уште еден настан во долгата историја на градот, додека ѕидовите останаа како вечен сведок на римската правда.

Текст и фотографии на средношколката Инес Стојмановска од Куманово (под менторство на професорот Ненад Начковски).

Чекорејќи низ улиците на Охрид, си замислував како изгледал градот во античкото време и ранохристијанскиот период. Знаејќи дека историјата на нашиот бисер е пребогата, во мислите си создадов слика за античкиот град Лихнидос, познат уште и како Град на светлината.

Лихнидос се издигнал на ридот над Охридското Езеро, во кое како нем сведок се огледуваат минатото и сегашноста, културното богатство и духовноста. Каменот немо сведочи за секој здив и духовен копнеж на минатото, за светителите кои оставиле трага не само во ранохристијанскиот период туку и во сегашноста, која нè води кон светла иднина. Со поглед го барав за мене најубавиот дел од стариот Охрид – Плаошник. Ја здогледав таа величествена градба, срцето на Охрид, лулката на словенската писменост и култура. Како симбол на истрајноста низ вековите, гордо се издигнал овој храм на духовноста. Секој камен, секој мозаик и темелите кои се носители на историјата, ја раскажуваат приказната за духовното наследство и античката цивилизација.

Со некој посебен мир и сласт го вдишував воздухот на врвот, се насладував на убавините околу мене и во еден момент се задлабочив во градбата пред себе – во столбовите кои беа тивки чувари на времето. Овие столбови, според она што го знаев, припаѓале на градби од римскиот период, а самата структура зборува за умешноста на античките мајстори. Издигајќи се гордо кон небото, тие носат со себе богата историја. Веќе си создадов слика и се вратив во минатото, замислувајќи си приказна за нив…

Тука стоел храмот на Евридика, кој имал неколку ронливи столбови што носеле приказна во себе. Едниот го чувал изгрејсонцето над езерото, вториот ги чувал молитвите на луѓето, а третиот го чувал патот по кој минувале трговците. Кога луѓето се молеле во храмот, нивните молитви биле пренесувани до боговите од страна на децата на Евридика – Аргеј и Агнија. Тие биле полубогови, по изглед речиси исти, но сепак се разликувале по очите. Агнија имала најубави црвени очи, симболизирајќи ја нејзината огнена и нежна страна, додека нејзиниот брат Аргеј имал силни зелени очи, слични на тревките што Агнија ги имала вплеткано во својата кадрава црна коса.

Близнаците се стремеле да го сочуваат храмот низ вековите, криејќи го прстенот на нивната мајка. Тоа им успевало сè додека не дошол Ереб – темнината, барајќи го гранитниот прстен, симбол на енергија и заштита. Ереб предизвикал силен земјотрес, хаос за луѓето во Лихнидос и катастрофален момент за Аргеј и Агнија. Тие веќе знаеле по што дошол тој. Агнија истрчала да го сокрие прстенот во храмот, додека Аргеј се борел со Ереб за да ѝ купи време на сестра си. Гневен, Ереб удрил по земјата и предизвикал потрес што го срушил храмот. Неколку столбови паднале врз Агнија, кршејќи го прстенот. Во тој момент, Аргеј попуштил пред тагата за својата сестра, но успеал да го совлада Ереб. Како што паднале близнаците – чуварите на храмот, така паднал и самиот храм. Градот плачел, а историјата останала сведок на тагата, но и споменик на храброста и истрајноста на верата.

Одеднаш се вратив во реалноста. Тагата веќе завладеа со мене и со моите мисли. Останале само столбовите да раскажуваат безброј приказни за минатото, за ранохристијанството и за античкиот период на нашиот бисер – богатство со кое се гордееме и го чуваме од заборав.

Текст и фотографија на средношколката Изабела Димков од Велес (под менторство на професорката Дијана Даскалова).

Афродита, Народен музеј на град Велес, Изложба на антички предмети во ликовниот салон

Во едно селце во близина на Атина, живееше малечката Афродита. Неа сите ја знаеја како мирно, тивко и послушно девојче. Но, и покрај сѐ, пријатели речиси и да немаше. Најголем проблем ѝ претставуваше нејзиниот физички изглед. За разлика од сите девојчиња на нејзина возраст, таа беше онаа „најгрдата“.

Бидејќи до нејзината седумнаесетгодишна возраст сите ја одбегнуваа, таа одлучи да им се помоли на боговите и од нив да побара помош. Долго време талкаше по светот, ги бараше насекаде. Цела година Афродита се обидуваше да ги најде боговите, но, безуспешно. Кога на крајот размислуваше да се откаже од потрагата, од небото се спушти Зевс. Од сите богови само Зевс сакаше да ѝ помогне, бидејќи му падна жал да ја гледа секој ден уплакана и тажна. А и навистина Афродита имаше заслужено да ѝ се помогне затоа што секому помагаше, немаше лоша мисла за никого. Афродита му се пожали на Зевс за својата состојба, а тој реши дека ќе ѝ помогне, но, под еден услов: да се откаже од сѐ што има на Земјата, а со тоа и од љубовта, што значи дека никогаш повеќе во животот нема да може да се заљуби. Кога го слушна ова, Афродита се изненади и во исто време се вознемири. Во главата ѝ се вртеа премногу прашања за кои бараше одговор. Зевс на поставените прашања не ѝ даде никаков одговор, туку само ѝ остави три дена за размислување. Немајќи што да прави, Афродита ја прифати понудата. По наредба на Зевс, неговите слуги ја облекоа Афродита во најубавиот фустан, на рацете ѝ ставија скапоцени прстени и алки. Беше преубава девојка, како божица. Пред да се разделат, Зевс ја предупреди за нивниот договор и дека последиците од непослушноста ќе бидат тешки. Афродита се врати на Земјата и во своето село, ама никој не можеше да ја препознае. Сите ѝ се восхитуваа, ѝ даваа комплименти, ја возвишуваа. Атена, божицата на мудроста, гледајќи ги случувањата горе од небото, почна да љубомори. Долго време размислуваше што да направи за да им го оттргне вниманието на луѓето од Афродита. Мислеше и на крај смисли. Бидејќи знаеше за договорот помеѓу Зевс и Афродита, се реши да ја натера Афродита да го прекрши договорот. Прашањето беше: како?

За една божица на мудроста, ова не претставува никаков проблем. Веднаш од песок создаде момче, му даде име Сирос и го прати на Земјата. Атена му даде упатства на Сирос што да прави: едноставно да ја натера Афродита да се заљуби во него. Сирос веднаш ја најде Афродита и ѝ побара помош. Ја излажа дека доаѓа од далеку и дека бара работа и засолниште. Афродита, како добродушна, го повика во својата куќа да работи и да остане колку сака. Сирос долго време престојуваше кај Афродита, и научи дека таа секоја вечер кога оди да легне со себе носи еден бокал со вода. Атена му испрати на Сирос една напивка која што требало да ѝ ја стави во водата, таа да се напие и веднаш да се вљуби во него. Додека Афродита спиеше, Сирос ја стави напивката во бокалчето. На нејзина среќа, утрото кога се разбуди не се напи од водата. Какво чудо! Атена, гледајќи го ова, збесна. Веднаш смисли нов план. Но, погодете што… И овој план не успеа да се реализира, бидејќи Зевс дознал за злобните планови на Атена. Тој се налути и ја скамени Атена. Единствен начин да ја врати во старата форма е Афродита да ѝ прости… Долго време помина од овој настан, и Афродита отиде кај Зевс за да ја види Атена. Во моментот кога Афродита ја виде така скаменета Атена, многу ѝ падна жал, па реши да ѝ прости. Не помина ни еден миг, а Атена се врати во својата стара форма. А што се случи со Сирос? Кога Зевс дозна за него, го врати во неговата првобитна форма.

Зевс ѝ објасни на Афродита дека договорот беше само еден тест, за да види дали навистина ќе го почитува неговиот збор. А бидејќи тестот го помина успешно, тој ја направи Афродита божица на убавината, бидејќи беше достојна за тој чин. Таа им помагаше на сите луѓе, а за возврат таа беше почитувана од сите. Така сите убаво си живееја горе на небото…

Текст и фотографија на средношколецот Костадин Узунов од Гевгелија (под менторство на професорката Мирјана Чамџиќ).

– Немој, знаеш дека не пуштаат! – се одметна тивок глас од метежот. Жена, која во едната рака цврсто беше стиснала поголем глинен ќуп, а со другата го сопираше машкото рамо до себе, прошепти. Под сјајот на сонцето збир од луѓе имаа направено полн круг. Во јадрото на гратчето, [*] во самата тврдина, со голи глави и суви усти, луѓето застанаа пред големата порта. Седум дена немаше вода во местото. Ожеднеа дури и камењата по ѕидовите. Градот добиваше вода кога на секои пет дена дозволуваа војниците да се слезе долу, до Вардар, и да се наполни вода. Токму поради тоа сите дома чуваа големи ќупови од глина, па во нив собираа вода за пиење.

Уште пред три дни дојде коњаник, од југ, со писмо до Аминта. Челникот на гратчето, Аминта. Во писмото јасно се нагласуваше дека сите места од Амфакситида, [**] мора да ја зајакнат подготвеноста за одбрана. Затоа никој не можеше да излезе надвор, не знаеја кога, како и колку можат да навјасаат. И така, луѓе се собираа барајќи да наполнат вода. Но попусто, никој не смееше да излезе надвор. Се довикуваа, урлаа, дринчеа, ама сè за бадијала.

Едни од нив беа и мажот и жената што се двоумеа. Тој беше висок, строен, имаше темна коса во која се одбиваше сета светлина од небото, иако нечиста, сепак необична. Лицето му беше како сува, испукана земја. Потта и правот не знаеја кој попрво да се покаже. Човек со природно бела кожа која пополека огрубува од работа, од староста, од валканото… од векот. На себе носеше прилепена кошула, ако може да се нарече кошула, повеќе платно обвиткано со јутен појас околу половината. Иста таква покривка му ги штитеше и нозете, од колковите до стапалата. Стапалата беа распуштени коњи. Времето беше топло, повеќето се движеа боси. Нозете им беа нафатиле една педа кора на стапалата.

– Не може жедни да исцркаме под горештинава – велеше мажот. – Насила ќе се втурнеме; без вода или смрт, исто е – продолжи со распламнат јазик. Жената се исплаши, се стутка во сопствената кожа, како ежот кога се собира во себеси. Но, виде дека нема друго, па го прегрна мажа си, му ја втера казмата на раце за да го сопаша товарот.

– Човек со убаво можеш да го скршиш, но со инает да го зајакнеш да те удри! – извика мажот сите да го чујат. – Не играјте си бој со нас, туку пуштете нè по вода! – остро, моќно и сигурно продолжи да зборува.

– Зошто ви е водата, за сите ли да ве снема со неа? – проговори еден стражар на портата. – Ни со Бог ни со ѓавол не ќе излезете. Надвор можеби копја се тенчат, а вие сакате први да се предадете. Во коските страв да не ви засадија гласиштата? – жестоко бранеше војникот и пак не запираше – Нема вода, нема вода и не треба ни да ја има. Ако нè победат, бар сите да пострадаме. Не сакам вода ни за мене ни за вас, за никого.

Молња се здаде одозгора. Се покажа, па се слушна. По неа почна да врне, обилно. Не врнеше ситно капка по капка, туку истураше, брзаше, тепаше, се бореше со земјата и со градот.

Тогаш мажот ја испружи раката рамно во воздухот. Кутрата, од што беше сува и распукана, го здоболе. Водата го здоболе мажот. Се насмевна, ја отвори устата и чекаше цела берба кај него да се преточи. Другите избрзаа, ги извадија садовите, ги наместија за да соберат вода.

Мажот го погледна стражарот, почна да се кикоти, гласно да се смее. Да покажува радост и во очите, и во телото и во душата. Како цела слобода на светот да беше само негова, како од животот пак да создаде живот, триж поубав.

Една залутана капка удри право во стражаровото чело, а тој сведна надолу и се сокри под челичниот штит.

[*] Гортинија е град во Античка Македонија, сместен на Вардарски рид.
[**] Област која го зафаќала појасот долж двете страни на Вардар.

Текст и фотографија на средношколката Јана Димитровска од Делчево (под менторство на професорката Билјана Ивановска)

Калата е единствениот остров во акумулацијата Калиманци, на само четири километри од Македонска Каменица. Тука се простираат дел од остатоците на доцноантичкиот град кој е потопен во вода со изградбата на вештачкото езеро. Калата е кратенка од „градот на калајот“ – oд ова место се црпело злато и калај. Но, овде не останале потопени само златото и калајот, туку и многу приказни, многу спомени и тајни кои понекогаш сосема случајно, како и овој пат, испливуваат на површината на езерото, ќе ги разбрануваат водите и пак како невини делфинчиња повторно ќе се нурнат во длабочините, со нетрпение чекајќи некоја немирна душа повторно да ги разбуди.

За Калата ми раскажуваше дедо ми од Дулица. Сега благодарение на овој натпревар се зафатив со истражување да дознаам што повеќе за приказната. Посетувајќи ги семејствата кои останаа да живеат таму, ги склопував коцките од мозаикот и на крај, при спојот на науката и приказната, заклучив дека дедовата не е само обична приказна туку факт и дел од нашето богато културно наследство. Ќе почнам од почеток.

Една од најстарите и најдобро утврдени населби која опстојувала многу долго време, но истовремено и една од најенигматичните е Калата. Градот имал огромно стратегиско значење, сообраќајна важност и богати рудни наоѓалишта на злато, сребро и бакар во блиската околина, за кои сведочат огромните купишта на згура надвор од градските ѕидини. За таквото значење на градот и ден-денес сведочат масивните одбранбени заштитни ѕидови, дебели и до три метри, изѕидани со малтер од вар. Во градот постоел рудник на калај и злато. Загревани се карпи кои имаат златоносни жици и со помош на длета тие жици се вадени па претопувани. Највисоката точка од некогашниот град е на 200 метри од дното на Калиманска Река. Тука се наоѓа зарамнето плато кое и денес се издига над површината на езерото, а до каде пристап постои само од северната страна. Таа страна е пресечена со одбранбен ров издлабен во карпа. Одбранбените ѕидини околу затвораат површина од 345 метри со 80 метри. Се распознаваат контури на три градски порти и остатоци од бројни градби. Постоеле и тајни тунели за напуштање на градот. Еден од нив водел до Големиот вир – вртлог сместен меѓу повисоки карпи. Тој служел за тајно снабдување на градот со вода во кризни времиња, кои во минатото биле доста чести. Летно време, Калата се снабдувала со млеко на оригинален начин – со млековод направен од керамички ќунци. Млеководот започнувал од Сива Кобила, од најубавите и пространи пасишта, долг десет километри. Во центарот се наоѓал плоштад, обиколен со аристократски палати и храмови украсени со мермерни статуи. Улиците биле поплочени, со канализација, а имало и многу трговски и занаетчиски дуќани. Уште една исклучителна мистерија за градот е дека гробовите биле со керамички плочи поставени во правец север-југ. Во гробниците се пронајдени богати прилози на покојникот, бронзено оружје, монети, керамички садови, бронзени двоколки, меч и други ритуални предмети. Но, да се навратам на приказната.

Во најубавата куќа во градот живеел златар со сопругата и трите ќерки. Сите биле која од која поубави. Го носеле генот на убавината што се пренесувал во нивното семејство: руса коса, небесно сини очи, светол тен, мил глас. Младите момчиња барале начин да го освојат срцето на некоја од сестрите. Кај златарот во дуќанот работел Давус, кого златарот го засакал како свое дете. Нему, пак, убавата Бела му ги мачела мислите со денови. Родителите одлучиле дека Давус најдобро може да се грижи за нивното чедо, но и за одржувањето на златарата. Направиле голема веселба, притоа не слушајќи ги чекорите на варварите. Ни големите порти ни стражарите не успеале да ги спасат градот и Бела од грабежи. Таа била однесена со целото богатство кое тие можеле да го земат со себе. Златарот, за да ги спаси другите две ќерки, ги испратил во селото Дулица. Тие таму основале свои семејства. Иако приказните се веќе заборавени, она што ме импресионира е што сите девојки и жени кои имаат потекло по мајка од Дулица – изгледаат исто како Бела.

Малото островче сѐ уште ни претставува потсетник за животот во овие краишта. Иако не е економски испатливо златото и калајот да бидат експлоатирани од дното на езерото, земјоделците во потрага по плодна и обработлива површина сѐ уште наоѓаат остатоци од тој период, кои се вистинско мало богатство за жителите на Македонска Каменица.

Текст и фотографија на средношколката Нела Јовановска од Делчево (под менторство на професорката Билјана Ивановска).

Приказнава е за еден накит, скриен длабоко под тешката земја, обвиткан со годините на одамна заборавеното време. Скриен таму некаде, во едно мало село близу Делчево, далеку од очите на луѓето. Накит пронајден во гробница, кој во својата срж умешно и тивко низ вековите ја излива приказната закопана во тишина, приказната за убавата девојка. Таа приказна пронижена во само деветнаесет години, беше дел од минатото што никој не смееше да го оживее со зборови, или поточно несакаше. Приказна која навира солзи во очите кои јасно се гледаат во одразот на темниот метал. Метал претворен во умешност со восхитувачки детали.

Еден прекрасен пролетен ден, малото планинско село Драмче ги отвори портите за својот нов жител – се роди девојче во добро познатата богата фамилија и го доби името Хелена. Иако богати, тие кај луѓето беа познати по својата скромност и широката секојдневна насмевка на лицето. Како фамилија беа работливи, не стравуваа од глад, но сепак сите стануваа рано наутро да отидат на работа. Мајката на Хелена беше умешна домаќинка, од утро до вечер работеше и никогаш не се жалеше. Татко ѝ беше трговец па многу често беше на пат далеку од дома, додека брат ѝ имаше своја продавница за накит. Таа се наоѓаше на крајот од селото, а покрај неа минуваше познатиот Римски пат. Накитот го изработуваше рачно, својата замисла ја оживуваше во бронзениот накит, нежно создавајќи чуда со секој допир. По неколку години, кога порасна Хелена во едно убаво, воспитано девојче, нејзиното потскокнување стана секојдневие по селските патишта. Од мали нозе уживаше во природните убавини, непрестајно одеше во најблиската шума да ги гледа дрвјата, а навечер ги посетуваше полињата и им се восхитуваше на светулките. Како омилена активност секогаш го издвојуваше лежењето на тревата, да ја гали ветрецот додека таа ги набљудува ѕвездите. Освен тоа, таа го посетуваше и братот во продавницата, седеше по неколку часа таму и гледаше како работи. Таа беше девојче кое не бара многу, уживаше во мали работи, но сепак големи во нејзините детски очи. Хелена беше препознатлива по својата долга руса коса, која секој ден беше уредена на различен начин. Таа најмногу сакаше да ја украсува со природни цветови, па затоа за својот десети роденден како подарок од брат ѝ доби бронзено венче со мал лист од ловор на крајот. Од тој ден таа постојано на главата го носеше подарокот што неизмерно добро ѝ стоеше на нејзината коса. Светлината во металот се претопуваше со нејзиното свилено влакно. Потоа тоа како да стана традиција – за секој следен роденден таа добиваше нов посветен поклон, кој беше со љубов изработен од нејзиниот брат. Нејзината облека ја китеше бронзената фибула, појасот стамено стоеше на нејзината витка половина закитен со бронзена алка. Едната рака, иако тенка и многу кревка, сепак достоинствено се носеше со тежината на масивната бронзена нараквица со вкрстени краеви, а другата рака не помалку се величеше со спирално извитканата бронзена нараквица. Така годините се лееја низ нивниот живот; милостиво го обликуваа секој миг. Интересите на Хелена ни по толку години не се променија; сѐ уште ја сакаше топлината што ѝ ја пружа околината кога ќе го напушти домот. Својот мир таа го наоѓаше во сонцето и најдобро ги слушаше своите мисли на места непознати за другите. Поголемиот дел од денот седеше сама, иако не беше осамена. Секогаш до неа беше нејзиниот брат, внимателен слушател на сите нејзини авантури. Секој ден му го доверуваше она што ја инспирира. Но, неочекувано животот на фамилијата го покри црнило. Тоа беше денот кога Хелена не се врати дома да ги искаже своите импресии. Тој ден Хелена истрча да го поздрави сонцето, но не се врати дома. Нејзиното тело беше пронајдено во големото житно поле каснато од змија. Токму таму каде што за првпат зачекори. Во нејзина чест телото заедно со целиот накит беше погребано во гробницата.

Иако премногу кратко, таа го живееше животот на свој, единствен начин, исполнет со она што најмногу го сака, со голем број упадливи детали што ја красат неа како личност, карактер и надворешна убавина.

Создадов слика токму онаква како што доликува на едно дамнешно време, поткрепена со вистински луѓе.

Текст и фотографија на средношколката Јована Димитровска од Делчево (под менторство на професорката Билјана Ивановска).

Во длабочината на времето, кога човекот сè уште учеше да ја смири земјата и да ѝ даде облик, во една ридска населба над денешното село Град, живееше млада вешта грнчарка по име Кала. Токму таа доби задача од старешината од глина да изработи пехар којшто ќе сведочи за храброста и истрајноста на еден народ.

Истиот ден, глината ја ископа пред зајдисонце од изворот на подножјето на ридот, каде водата тивко течеше меѓу камењата. Малку време ѝ беше потребно за да обликува совршена фигура со две рачки кои ја симболизираа рамнотежата меѓу силата и разумот, а по неговото тело исцрта криви линии кои го оцртуваа текот на животот. Додека пехарот се печеше во огнот, Калa шепотеше молитва, оставајќи вечен благослов и немир во глината.

Пехарот со години беше срце на Годишните борби на честа – суров обред, наменет само за најиздржливите. Целта на борбите не беше забава туку докажување на племето пред луѓето и боговите. Првиот испит беше „Преминот на огнот“, каде натпреварувачите требаше боси да поминат патека од жар носејќи тежок камен на градите. Потоа следуваше „Испитот на тишината“ – ноќ помината во шумата, без обезбеден оган и заштита. Многумина од храбрите не се враќаа назад. Третиот, најнемилосредниот испит, познат како „Судирот на неповрат“ – претставен со борба на тесна карпа, каде еден погрешен чекор значеше смрт. До финалната борба стигнуваа само двајца. Таа секогаш се завршуваше со тишина – еден заминуваше засекогаш, а еден остануваше. Овојпат тоа беа Борил, кој беше тежок и моќен како планина и Ликар, тивок по природа, но со остар ум и трпение.

Пред судирот пехарот беше поставен на камен столб близу арената. Сонцето полека го достигнуваше врвот, противниците се подготвуваа, а народот полека се собираше околу карпата. Одеднаш едно момче истрча и ја соопшти запрепастувачката вест: „Пехарот исчезна!“ Без двоумење, сите почнаа да трагаат по него. Тогаш Борил и Ликар забележаа траги во влажната земја и, без збор да разменат, почнаа да ги следат, оставајќи ја арената зад себе. Додека ја следеа трагата во густата шума, земјата под нивните нозе одеднаш се одрони. Ликар, полесен и побрз, успеа да застане, но Борил се лизна и почна да паѓа кон длабоката јама. Без размислување, Ликар го фрли оружјето и со двете раце го фати Борил за подлактицата. За миг, животот на Борил висеше на туѓа сила. После долг напор, Ликар успеа да го извлече. Двајцата задишани, со кал на лицата и тишина меѓу нив, лежеа на земјата. По кратката пауза тие станаа и го продолжија својот пат. Во далечината го здогледаа Зармен кој годинава не успеа да се пласира меѓу избраните. Лицето му беше искривено од љубомора, а рацете му трепереа од гнев. Тој призна дека го украл пехарот, надевајќи се дека борбите нема да се одржат, а со тоа никој да не ја добие славата што тој ја посакуваше за себе. Не сакал да го скрши пехарот, но во бегството му паднал од раце и напукнал. Ликар и Борил се вратија назад во арената носејќи го пехарот, а Зармен го предадоа на старешините. Тие не побараа никаква казна за него бидејќи сочувствуваа со неговата состојба.

Конечно застанаа во арената за финалната борба со пехарот меѓу нив. Ударите на Борил не беа со силата што тој ја поседуваше, па Ликар лесно ги избегнуваше. Борбата траеше додека телата не им се предадоа. Рацете им трепереа, нозете им откажаа, а здивот им беше пресечен. Со спуштено оружје, двајцата паднаа на колена. Победата стоеше меѓу нив, но никој не посегна по неа. Борил знаеше дека не може да го убие човекот што му го спаси животот. Ликар, од друга страна, не можеше да зададе удар врз оној што одбра да го поштеди.

Тишината што настана беше потешка од секој удар. Немиот и напуканиот пехар стоеше како сведок на изборот што го направија. За првпат после толкугодишна традиција, старешината не прогласи победа, сфаќајќи дека обредот ја изгуби смислата.

Пехарот беше закопан во земјата со цел да го чува моментот кога животот и разумот ја победија суровоста. Со векови подоцна пехарот сведочи за мигот кога човекот ја победи смрта и тоа без оружје, без крв, само со еден едноставен избор.

Текст и фотографија на средношколката Ена Крстеска од Битола (под менторство на професорот м-р Филип Марковски).

Во тишината на денешната Хераклеа Линкестис, камените остатоци не се неми. Тие сведочат. Не со глас, туку со тишина што тежи повеќе од збор. Со секоја пукнатина во каменот, со секој излитен раб што го преживеал времето, тие нè повикуваат да застанеме и да слушаме. Меѓу нив, најсилно како да зборува Портикот, некогашниот величествен трем пред влезот во судницата, каде што секојдневно се кршеле човечките судбини. Денес, кога застанувам овде, во овој простор, ме обзема бран од измешани чувства – тишина што боли, сеќавања што шепотат и тежок, неименуван копнеж. Под нозете – студен камен, а околу мене – постаменти што некогаш носеле статуи на моќници, врежани натписи што и по векови одбиваат да замолкнат. Во тие зборови и траги не гледам само мермер и варовник, туку човечки животи, пресуди и избори. Секој чекор низ овој простор ми изгледа како чекор низ туѓа судбина, а секој здив – како ехо од нечија надеж или страв.

За миг ми се причини дека се наоѓам под високите камени столбови, во еден обичен ден од античкото секојдневие на Хераклеа, каде што чекаат двајца луѓе. Воздухот меѓу нив е тежок од исчекување, а тишината е прекинувана само од тивки чекори и забрзани срца што чекаат да им се пресуди иднината. Едниот е сиромав занаетчија, со раце испукани од работа и лице на кое времето оставило длабоки траги. Другиот е богат трговец, познат на агората, човек како оние чии имиња ги среќаваме низ почесните натписи во градот, можеби Тит Флавиј Орест, чиј глас имал тежина и чие присуство предизвикувало почит кај минувачите. На плоштадот, овие двајца им припаѓаат на различни светови. Богатиот чекори во фино ткаена облека, додека сиромавиот е само дел од бучната толпа. Но, под сенката на Портикот, разликите исчезнуваат. Студениот мермер не ги препознава социјалните класи, а исчекувањето на пресудата ги става рамо до рамо, како двајца смртници кои ја очекуваат истата вистина. Во тој миг, времето ја губи својата моќ, а судбината ги соблекува луѓето од нивните општествени улоги и ги остава само со нивната совест. Тука, пред прагот на правдата, и моќниот и немоќниот се само луѓе со ист немир во градите. Додека чекаат, очите на двајцата неизбежно паѓаат врз натписот посветен на божицата Немеса. Таа била божицата на правдата и одмаздата, неуморната чуварка на светската рамнотежа. Нејзиниот камен поглед како да ги предупредува дека богатството е минлива илузија, а гревот е вечен товар. Сиромавиот во неа гледа последна надеж дека правдата е можна дури и кога луѓето се слепи за неа. Богатиот, пак, во овие моменти чувствува вознемиреност, потсетен дека дури и најголемата моќ има свои граници пред божествениот суд. Веднаш до неа, врежани во камен за да ги читаат генерациите, стојат стиховите на поетот Хесиод од неговото дело „Дела и дни“: „Правољубивите луѓе не ги стига никогаш гладта… зашто со мака си работат вредно.“ [*] Овие зборови не се случајно поставени токму на влезот во судницата. Тие служат како морален патоказ. На занаетчијата му даваат сила и потврда дека неговиот трудољубив живот има вредност што ја надминува неговата сиромаштија. На трговецот му порачуваат дека вистинскиот просперитет не доаѓа од алчноста, туку од праведноста кон заедницата. И иако статуата на Зевс денес ја нема, неговото отсуство на овој постамент е најсилниот симбол. Како во древните легенди за Тројанската војна, кога Зевс одбил да пресуди во спорот со златното јаболко за да не предизвика гнев, неговото отсуство тука симболизира една голема порака: правдата не смее да биде само божествена помош, туку одговорност на самите луѓе.

Денес, додека чекориме низ остатоците на Хераклеа, низ урнатините на термите и театарот, Портикот сè уште ја чува својата посебна енергија. Тој е вечен потсетник дека институциите се само ѕидови, но некои вечни вредности како Правдата сè уште се тука и не избледуваат. Хераклеа не нè учи само на археологија, таа нè учи дека стремежот за правда и правичност не е само историски миг на една цивилизација што веќе ја нема. Таа нè потсетува дека, и по два милениума, пред лицето на вистината сите копнееме да бидеме еднакви, како што веројатно копнееле и оние два призраци од другото време. Правољубивоста останува единствениот штит што може да нè заштити од „гладта“ на неправдата, онаа внатрешна чума што го разјадува секое општество кое ќе го заборави гласот на својата совест.

[*] Стихови 230–231: οὐδέ ποτ᾽ ἰθυδίκῃσι μετ᾽ ἀνδράσι λιμὸς ὀπηδεῖ / οὐδ᾽ ἄτη, θαλίῃς δὲ μεμηλότα ἔργα νέμονται.

Текст и фотографија на средношколката Лина Имери од Скопје (под менторство на професорот Бесарт Емини).

Се наоѓам во еден амфитеатар, во самото срце на Охрид. Сама стојам на место изградено за стотици. Тишината преовладува, но на секој чекор слушам како камењата шепотат.

Од сцената погледнав кон публиката, потоа одозгора погледнав кон сцената. Којзнае на што сѐ бил сведок низ вековите… Некогаш на уметноста, потоа на гладијаторските борби, а денес на музика и фестивали. Самата глетка те внесува во имагинација, самото место буди чувство што те тера да мислиш дека ги доживуваш настаните од минатото.

Во мислите оживеав сцена над времињата. Таму се одвиваше пресметка меѓу Војната и Мирот. Не знаев кој ќе победи. Ѕвездите ги зазедоа своите места во амфитеатарот и сите заедно ја следевме нивната борба. Војната беше бесна, Мирот лебдеше со насмевка. Едната страна црна, другата бела. Војната проговори: „Без мене ти си ништо.“ – му рече на Мирот. Мирот се насмевна: „Токму за тоа што постојам јас, постоиш и ти.“ Во тој миг, како да одекна гласот на Хамлет: „Да се биде или да не се биде – во тоа е целото прашање.“ Токму за тоа се расправаа и двајцата. Кој ќе ја добиеше оваа пресуда?

„Ти си црвен“ – му рече Мирот на Војната. „Ненаситен си, како земјата што никогаш не се заситува.“ Војната се сврте кон Мирот: „Ти си син“, рече, “како ова езеро. Со твојот сон многу животи се удавиле.“

Не знаев кој е во право. Дури и ѕвездите беа збунети во тој миг. Но, која сум јас да судам? Сама сум пред место кое не можело да избере, но ги преживеало двете.

Хамлет се приближи: „Направете натпревар“, рече. „Победникот нека ја владее земјата!“ Мирот зеде вода од езерото и ја фрли врз Војната. Сè се претвори во сино. Војната зеде грст земја, дувна кон небото. Сè стана прашина, но, водата ја победи. Прашината не можеше да се издигне, зашто Мирот ја натопи секоја површина. Војната беше збунета: „Јас владеев овде низ сите цивилизации“, рече. „Кој си ти да ме запреш?“ Тогаш проговори Мирот: „Треба да се заштити водата. Ако го заштитиме мирот, нема да има потреба од војни. Во основата има вода – и во земјата, и во човекот. Изгледа слаба, но се провлекува, навлегува меѓу камењата. Ние сме мирот. Ако ја зачуваме водата, ти нема да бидеш потребен. Дури и тебе јас те оживувам.“ Фрли уште малку вода. Во средината на сцената никна дрво. На гранките – маслинки. Откина една гранка и ѝ ја подаде на Војната. Војната ја наведна главата.

Пред таа сцена почнав да аплаудирам од возбуда. Со мене аплаудираа и ѕвездите. Звукот се издигна од дното на амфитеатарот кон небото. Одекна низ целиот свет. И на крајот… Мирот го опфати светот.

Еден лесен ветер ме врати во реалноста, но мислата како ова место опстанало затоа што се прилагодило – не ми излегува од ум. Денес на ова место се развива уметноста, особено од нас, младите. Постојано има концерти, фестивали, претстави, различни гласови и лица кои и ден-денес се обидуваат да покажaт дека уметноста е најубавата форма на мирот.

Текст и фотографија на средношколката Теодора Коваческа од Струга (под менторство на професорката Ирена Чакареска).

Камче – сјај од бела светлина, камче – црвена врела воздишка, камче – сноп сончевина скриена во око на еребица, камче – приказна за Маркус и Јулија (Marcus et Iulia).

Летната пладневина нашироко се распослала на високиот каменест рид, правејќи ја омарнината неиздржливо сурова. Маркус, младиот мозаичар, внимателно ги одбира камените коцкички, а тие се тркалаат низ неговите правливи дланки и се мешаат со потта што капе од целото тело. Но, тоа не му е маката. Тој мора да ги најде најубавите, вистинските, оние што ќе сјаат како неговата Јулија и ќе ѝ прилегаат на нејзината убавина. Ѝ вети дека мигот на љубовта ќе го преточи во вечност. Бело, црно, сиво, окер…

– Ајде, време е! Ќе се исуши малтерот, не може на нов слој! – го препна татковиот глас отспротива, со нишка на загриженост во изразот.

Маркус веднаш се исправи и тргна гледајќи го старецот како едвај чекори, небаре на нозете го носи сето бреме на светот, уште повеќе што врвките од обувките му ја засекле кожата и крвта измешана со прав и пот ги вжарила стапалата. Но, татковата мудрост и љубовта кон чедото не дозволуваат болката да излета низ уста. Лелекот е само внатре и пригушен, зашто крајот е многу повреден. Ех, тој татков поглед, го проникнал Маркусовото срце, го запознал неговиот копнеж. Затоа нема време за болка. Со исплатата за мозаикот ќе ја направи женидбата на синот.

До зајдисонце, кога небото во пурпур расцвета, Маркус грижливо и прецизно, со голема трпеливост и око на уметник, ги нижеше обоените коцкички. Ја сликаше својата Јулија, својата сиво-бела еребица и покрај неа себе си, во нежно милување. А кога ноќта ја беше послала својата ѕвездена прекривка, тргна по калдрмата за дома. Минувајќи покрај куќата на Јулија, крај прозорецот ѝ остави две кафено-црвени камчиња. Камчиња за птичјите клунови што лирска песна леат и ткаат гнездо со тенки нишки, каде времето и просторот запираат во вечност. Знае тој дека Јулија ќе ги најде и ќе разбере. Зашто разбира само тој што умее да сака.

Со секој нов миг се раѓа и новото време, а со утринското румени мило протече и звукот создаден од метал врз камен, нерамноправна борба нужна за зародиш на уметничката авантура. И ова утро Маркус поминува фрлајќи поглед на прозорецот. Камчињата ги нема, но има тазе испечен колач (crustulum). Насмевка му го мие лицето и со брзи чекори оди да ја земе, небаре друг ќе го претекне. Ја допира до градите како прегратка, ја мириса како воздухот во пролет, ја бакнува како сонцето животот. Тој ден го завршува мозаикот, ја завршува и последната слика, сликата со двете миловни птици. Го составува и последниот ред камчиња и пее:

„Моја црноока еребице,
на лице ти заспало сонцето,
на крилја ти сраснале ридјето,
за мене в преграб да ме зачуваш
со птичји пој да ме радуваш!“

Човечка сенка се исцрта на плочникот и ја прекина песната. Маркус молскавично се сврте, а пред него Јулија во нова копринена руба стои покрај мајка си, а со врвот од окото скришум го загледува. Погледот ѝ запира на мозаикот, на тие мали камченца вглобени во сликата, создавајќи целост и единство, нераскинливо поврзани и надоврзани, каква што е и нивната љубов. Нежен провев си поигра во мигот и трепетно го одвеа тенкото шамиче од прстите на Јулија. Слета токму пред Маркус, кој сѐ уште наведнат веднаш го дофати. Го одвитка и очите му застанаа на двете птици навезени со свилен конец во самото средиште.

И ако некогаш, ти ненамерен патнику, поминеш покрај мозаикот, застани, добро погледни и слушни! Ќе ја чуеш приказната за Маркус и Јулија, зашто оваа праисториска уметност ја победи минливоста на времето со љубовта која делчињата ги спои во едно.

Текст и фотографија на средношколката Теодора Танаскоска од Струга (под менторство на професорката Ирена Чакареска).

Во едно далечнo време, блиску длабокото езеро се наоѓа градот на светлината, Лихнидос. Каде Сонцето изгрева и каде на исто место заоѓа – е сместена оваа убавина – каде блиското езеро е полно со златни риби и скриени богатства, во чие езеро младите и убави рибари никогаш не е биле видени доколку останале да ловат риби до после зајдисонце.

Градот Лихнидос е домот на еден човек по име Луциус, кому името му било дадено бидејќи се родил во златните мугри, [*] но и затоа што токму на тој ден Сонцето светело најблескаво и го обоило целото небесно сино езеро во својата златна раскошна боја. Додека се шетал по убавиот град, тој се сретнал со еден стар, немоќен и изморен рибар. Луциус ја знаел легендата за езерото до кое живеел па затоа решил да го праша искусниот и стар рибар. Рибарот му кажал дека со години млади рибари исчезнувале кога ќе ловеле риба до по зајдисонце, но тој којшто ќе успее да остане жив до следното утро додека ловел риба ќе стане еден од најмоќните Богови и ќе го има најголемото богатсво. Луциус го заинтересирало ова и решил и тој самиот да проба. Иако не бил толку вешт рибар тој сепак одлучил дека сака дастане еден од Боговите и да владее со волјата на другите смртници и уште следниот ден ќе пробал да го стори токму ова. Луциус не го зел предвид тоа дека ќе може и тој да стане еден од тие млади изгубени рибари – бидејќи бил цврст како камен и силен како карпа, тој не се плашел од непознатото туку сакал намерно да го разоткрие. Следната вечер, тој седнал во кајчето и почнал да весла што подалеку од брегот. Кога стигнал до средината на длабокото езеро, тој ја фрлил мрежата што ја имал сплетено од сребрен конец. Луциус одлучил да го чека изгрејсонцето на средината од езерото, но бидјќи бил единствениот на езерото во црната ноќ, него му паднало чудно тоа што слушал гласови како мелодично пеат во длабочината на езерото. Кога се свртил, пред кајчето видел едно женско тело, заплеткано во сребрената мрежа, како виси на површината од длабокото езеро. Луциус за првпат гледал олку убава девојка. Оваа езерска нимфа имала коса црвена како ружа, лице бело како снег и тело скулптирано како на божицата на љубовта, Венера. Луциус бил воодушевен од нејзината безвременска убавина и решил да ја извлече од водата. Откако го извлекол ова божествено битие од водата, таа ги отворила очите и веднаш со нејзините остри заби го каснала на неговата рака и скокнала назад во водата. Одеднаш на Луциус почнало да му се лоши и студени морници му поминувале по телото. Низ неговите вени почнала да тече светлина. Во тој момент сфатил дека девојката не била обичен смртник туку само едно чудовиште од езерото полно со скриени тајни. Сирената уште еднаш излегла на површината од езерото и со својот волшебен глас почнала да го маѓепсува Луциус да влезе во водата. Маѓепсаниот рибар ја послушал и почнал да се движи кон неа, но зад себе ја криел сребрената мрежа која ја беше отплеткал додека го спасувал ова езерско суштество. Кога ѝ се доближил доволно, пак ја фрлил мрежата и таа се заплеткала во неа, но наместо да ја зароби, сирената почнала сребрената мрежа да ја влече надолу во длабоките води на езерото. Луциус сѐ уште под магија на сирената скокнал во водата и почнал да тоне. Ги отворил очите и околу себе видел сирени кои биле подготвени да го раскинат на парчиња, меѓутоа тие сите не му се доближувале. Во паника, тој фатил една од сирените и со ножот кој што го криел ѝ ја исекол главата. Сирeните се налутиле и го проколнале да стане крап со зборовите: ,,Кој во ноќта бара божествена моќ, во каменот ќе го најде својот вечен дом. Твојот поглед нека стане мермер, твојот здив нека стане тишина, а твојот лик нека биде мозаик на кој Сонцето вечно ќе му се восхитува, но никогаш нема да го стопли.“

Од тој момент Луциус никогаш повеќе не го видел ниту Сонцето ниту својот мил град Лихнидос. Ниту жив меѓу луѓето, ниту мртов меѓу сенките. Останал ладен камен во прегратките на светлиот град Лихнидос.

[*] Латинското име Lucius (што Римјаните го изговарале Лукиус) е во врска со именката lux, lucis (f) „светлина, ден, зора…“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вучиќ објави фотографија од болничка соба со…

„Дарко нескршлив“, напиша Вучиќ во објавата на…

Маж врежал фотографија од Цеца на свој…

Зоран Бркиќ од Варварин ги изненади сите…

Случајот со изживувањето над штркот не е…

Вознемирувачките фотографии од повреден и крвав штрк…

Фризерка со кармин напишала порака на споменик…

Жена во Бразил доби казна затвор од…

Факултетско студентско собрание на Филозофскиот факултет при…

Независно Студентско Собрание при УКИМ соопшти дека…