„Би-би-си“ го избрка новинарот што известуваше од Кочани — Де Лони објави фото од трагедијата, напиша моќна порака

t

Долгогодишниот новинар на „Би-би-си“, Гај де Лони, кој известуваше за трагедијата во Кочани, објави дека британскиот јавен сервис нема да му го продолжи ангажманот.

Во објава на „Линкдин“, тој како пример за вредноста на ваквите дописници го посочи известувањето од Кочани, неколку часа по ланскиот трагичен пожар во ноќниот клуб „Пулс“, додавајќи дека со малку повеќе од еден ајфон успеал да води главни ТВ-изданија на „Би-би-си“, да прави интервјуа и онлајн содржини.

„Благодарам на сите што ми испратија пораки на поддршка во изминатиот ден. Работев за ‘Би-би-си’ 32 години — од кои 22 како странски дописник со годишен хонорарен договор што постојано се обновуваше“, вели Де Лони.

Тој додава дека тој и четворица колеги биле известени дека „Би-би-си“, поради кратење на трошоците, нема да им ги продолжи договорите по 31 јули, со што „Ворлд њуз контент“ практично престанува да ги ангажира.

„Немаше зборови на благодарност или на признание. Немаше извинување. Немаше предлози како човек треба да ја пополни ненадејната огромна празнина во приходите, со известување од само шест недели.

Како што забележаа и други, навистина изгледа чудно тоа што, ако ‘Би-би-си њуз’ сака да заштеди пари, ги крати токму луѓето што можат да известуваат од каде било, во каков било формат, во секој момент. Со експертско знаење, професионализам и навременост.

Како пример, скриншотот подолу е од Кочани, Северна Македонија, само неколку часа по ланскиот катастрофален пожар во ноќен клуб. Од терен ги водев и раните вечерни вести на ‘Би-би-си’ и вестите во 10 часот, со малку повеќе од ајфон. Интервјуирав и шокирани локални жители и ги вклучив во телевизиски пакет што го најавив во живо. Ги исполнив и сите бројни барања за радио и за онлајн“, посочува новинарот.

Фото: Линкдин / Гај де Лони

Од протестите во Белград до комеморациите во Сребреница

Де Лони оценува дека ваквиот начин на работа бил евтин, но исклучително ефикасен, додавајќи дека во текот на кариерата многупати известувал на сличен начин од различни локации — од големите протести во Белград, преку комеморациите во Сребреница, до финалето на Светското првенство на главниот плоштад во Загреб.

Тој нагласува дека и понатаму сака да работи радио и телевизиски репортажи, а најави дека веќе следната недела ќе подготвува нови содржини од Албанија. Според него, станува збор за специфични професионални вештини, за кои сега треба да одлучи како ќе ги користи во иднина, оставајќи отворена можност за идеи, предлози и понуди.

„Би-би-си“ планира да укине стотици позиции

Објавата доаѓа во период кога „Би-би-си“ спроведува големо кратење на трошоците и на работните места.

Според британски и светски медиуми, јавниот сервис планира да укине стотици позиции во првата фаза од реструктурирањето, а на удар се и новинарските и продукциските тимови.

Дел од програмите ќе бидат затворени или реорганизирани, а ќе се преиспитуваат и одредени уреднички и презентерски позиции.

„Би-би-си“ соопшти дека кратењата се дел од поширок план за заштеда на стотици милиони фунти во следните години, во услови на финансиски притисоци, промени во навиките на публиката и неизвесна иднина на моделот на финансирање преку ТВ-претплата.

Според најавите, вкупниот број на работни места, што би можеле да бидат укинати во следните три години, се движи меѓу 1.800 и 2.000.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Би-би-си“ го избрка новинарот што известуваше од…

Долгогодишниот новинар на „Би-би-си“, Гај де Лони,…

Во Кочани изложба на фудбалски дресови посветена…

Во Центарот за култура „Бели мугри“ во…

Отповикана расправата за 9 полициски службеници обвинети…

Заради интерес на медиумите и невладините организации…

„На Задушница не се заборава“: Се одржа…

На денот на Задушница, семејствата и блиските…

(Видео) Силно невреме во Кочани!

Нестабилното време денеска веќе се чувствува во…