Возот бил полн со Западни дипломати: Борис Џонсон за малку спасил жива глава во руски напад на железничка станица во Украина
Борис Џонсон, според медиумските извештаи, бил во специјален воз што ненадејно бил евакуиран по руски напад со дрон во близина на украинската граница со Полска.
Поранешниот британски премиер се враќал кон Полска по учеството на голема безбедносна конференција во Киев, кога возот запрел околу пет часот наутро поради тревога за дронови.
Според германскиот весник „Шпигел“, кондуктерите ги разбудиле патниците во дел од возот и привремено ги евакуирале откако биле забележани дронови во близина на железничката линија.
Според достапните информации, Џонсон поминал неповреден. Набргу потоа било соопштено дека опасноста поминала, бидејќи не биле забележани дополнителни дронови.
Инцидентот се случил откако друг воз, кој сообраќал на релацијата Киев–Варшава, бил погоден од руски дрон во близина на полската граница.
Била погодена локомотивата, но според украинските железнички власти, никој не бил повреден. Во возот имало 206 лица, кои по нападот биле забележани како трчаат во страв.
Немало индикации дека бил погоден и приватно изнајмениот воз во кој патувал Џонсон.
Во него биле и Гинтер Заутер, еден од најблиските советници на германскиот канцелар Фридрих Мерц за надворешна и безбедносна политика, како и безбедносни советници од Велика Британија, Франција и Италија, германски пратеници, дипломати и претставници на академската заедница.
Џонсон и другите претставници престојувале во Киев по повод годишниот собир на Јалтинската европска стратегија за 2026 година. На оваа меѓународна безбедносна конференција западните претставници разговарале со владата на претседателот Володимир Зеленски за можни мировни преговори со Русија.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјавил дека руски дрон го погодил и граничниот премин Јаходин–Дорохуск, една од најважните врски на земјата со Европската Унија.
На снимките што се ширеле на социјалните мрежи, според сè, се гледале камиони во пламен на преминот, додека украинските медиуми објавиле дека била погодена и бензинска пумпа. Првично немало пријавени жртви, а полската војска го потврдила нападот.
Според украинските железнички претставници, нападот се случил на само два километра од полската граница, предизвикувајќи нова загриженост поради руските удари што се приближуваат до територијата на НАТО.
Руските дронови сè почесто ја напаѓаат украинската железничка инфраструктура, а „Украински железници“ ја обвинува Москва за систематски напади врз мрежата.
Државниот оператор соопштил дека неговиот центар за следење и вработените се „во состојба на зголемена готовност“ по нападите низ земјата. Патниците биле предупредени на можни евакуации, доцнења и пренасочувања.
Робин Вагенер, пратеник од Зелените во германскиот Бундестаг, кој исто така бил во специјалниот воз, го опишал нападот како опасна ескалација.
„Овие напади со дронови се слеп терор врз украинските цивили и опасна ескалација во војната на Путин“, изјавил Вагенер за „Шпигел“.
Пратеникот рекол дека верува оти ударите биле замислени и како предупредување до земјите што ја поддржуваат Украина.
„Русија станува сè побескрупулозна и си игра со оган непосредно на границата на Европската Унија и НАТО. Мора конечно решително да му ставиме крај на овој терор“, побарал Вагенер.
Нападот се случил додека Русија изведувала голем бран удари низ Украина. Украинските власти известиле дека во текот на ноќта биле употребени стотици дронови. Во одделен руски напад со дрон на линијата Киев–Варшава бил оштетен и патнички воз во близина на преминот Јаходин, но немало жртви.
Оваа железничка рута редовно ја користат странски високи претставници што патуваат меѓу Украина и Полска. Поради тоа, инцидентот е особено чувствителен во период кога европските влади ја засилуваат поддршката за Киев.
Руските напади во близина на полската граница предизвикаа зголемена загриженост и во Варшава, а полските власти активираа одбранбени мерки по последните удари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Возот бил полн со Западни дипломати: Борис…
Борис Џонсон, според медиумските извештаи, бил во…
Канада сака да стане дел од Европската…
Отава ги разгледува моделите за продлабочување на…
СЕМЕЈНА ДРАМА: Син си го претепал својот…
На 12 септември 2026 година во 21:00…
Избори во Шведска: Тесна трка меѓу левицата…
Граѓаните на Шведска денеска гласаат на парламентарните…
AfD пред нов тест по историската победа:…
Денес се одржуваат избори во окрузите, градовите…