Вајц: Северна Македонија не може повторно да преговара за уставните измени
„Уставните промени се непреговарачки услов. Доколку овие критериуми и услови не се исполнети, нема да има напредок на патот кон пристапување. Имам многу јасна комуникација со владата на Северна Македонија дека овој услов мора да се исполни и дека не е преговарачки.“
Ова го изјави европратеникот и известувач за Северна Македонија, Томас Вајц, во интервју за БГНЕС.
„Уставните промени се услов. Ова не е предмет на преговори. Доколку овие критериуми и услови не се исполнети, нема да има напредок на патот кон пристапување. Би ми било многу жал за ова и сите сме на иста позиција. Имам многу јасна комуникација со владата на Северна Македонија дека овој услов мора да се исполни и дека не е предмет на преговори“, посочува европратеникот, известувач за напредокот на Македонија во процесот за членство во ЕУ.
Вајц нагласува дека уставните промени треба да се гледаат како услов поврзан со европското acquis, законодавството што секоја земја мора да го спроведе и почитува.
„Почитувањето на малцинствата и заедниците е фундаментален елемент за секоја земја што сака да стане членка на ЕУ. Во оваа смисла, ова е многу важна тема. Гледам дека не се очекуваат избори во Северна Македонија следната година. Мислам дека ова ни дава можност да видиме одреден напредок. Се надевам дека ќе видиме напредок бидејќи ова е основен услов и додека не се спроведат овие уставни промени, за жал не можеме да започнеме ефикасни преговори за пристапување. Ова е многу јасно. Ова се заклучоците на Советот и ова е дел од барањата што Северна Македонија мора да ги исполни“, појаснува Томас Вајц.
На прашање за корупцијата која останува хроничен проблем за целиот регион на Западен Балкан, европратеникот вели „корупцијата е проблем што го споделуваат многу држави во ЕУ и надвор од ЕУ, во различна мера.
„Таа им штети на интересите на граѓаните во целата Европска Унија и сметам дека сите треба да се стремиме да се бориме против корупцијата на секој можен начин. Извештајот јасно наведува дека се потребни дополнителни напори за спротивставување на корупцијата. Во него исто така се наведува дека е потребен поголем напредок во однос на владеењето на правото, за да се гарантира пристап до правда и да се исполнат Копенхашките критериуми. Извештајот детално ги разгледува и слободата на медиумите и слободата на граѓанското општество, како и прашањата поврзани со животната средина. Се надевам дека нацртот веќе ги посочува најважните насоки, но преку процесот на амандмани извештајот ќе биде дополнет со нови формулации и дополнителни параграфи кои сè уште треба да бидат договорени“ вели тој.
На инсистирањето на новинарот на БГНЕС зошто во последната верзија на извештајот за Македонија го нема предупредувањето што претходно го нотираше Вајц за српското, кинеското и руското влијание во Северна Македонија, Вајц вели „ништо не е отстрането“.
„Во оваа смисла, гледам дека владата разбира дека обединувањето во овие тешки геополитички времиња за европските нации е клучно. Ако не го сториме ова, ќе бидеме отворени за други влијанија. За жал, гледаме надворешни влијанија, а понекогаш и злонамерни надворешни влијанија, низ целата Европска Унија. Ги имаме и во мојата земја, Австрија. Видовме влијанија и за време на претседателските избори во Романија. Ова мора да се одбие. Го гледаме низ целиот Балкански регион. Потребна е силна посветеност од Европската Унија за да го поддржи регионот на неговиот пат кон пристапување и да ги исполниме нашите ветувања, бидејќи ако не го сториме ова, им дозволуваме на другите актери да се етаблираат во овие земји“, рече Вајц во интервјуто за бугарската агенција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
БТА: Белгија планира да испрати затвореници во…
Белгиските власти го прошируваат списокот на земји…
Средната возраст на населението во Македонија е…
Средната возраст на населението во земјава е…
Македонскиот „Караман“ на чекор до светска афирмација
Генералниот комитет на светска федерација на кинолошки…
ОЈО ГОКК: Сѐ уште трае акцијата за…
Во рамките на опсежната акција што се…
Гранати од Првата светска војна пронајдени при…
По пријава од физичко лице, екипа на…