Вештакот Марковски на судењето за „Пулс“: Објектот бил безбеден во 2012 година, а барањето за пренамена е обврска на сопственикот
На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во фокусот на вкрстеното испрашување беше вештакот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје. Прашањата отворија дилеми околу пренамената на објектот од производствен погон во дискотека и обврските при изведувањето на промените.
Адвокатката на сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, се обиде да ја поткрепи тезата дека објектот во 2012 година, кога бил даден под закуп на Дејан Јованов, бил во исправна и безбедна состојба.
Марковски потврди дека тогашниот производствен погон за лесна индустрија ги исполнувал условите од аспект на носивоста и противпожарната заштита.
На прашањето дали тоа значи дека во 2012 година објектот не претставувал опасност од пожар и дека неговата тогашна состојба не била причина за трагедијата на 16 март 2025 година, вештакот одговори потврдно.
Во продолжение, адвокатката го праша Марковски дали сопственикот бил консултиран од закупецот за реновирањето и измените направени при претворањето на производствениот погон во дискотека, вклучително и за материјалите што биле користени.
“Не бил прашан“, одговори вештакот.
Овој одговор предизвика реакција од адвокатот на првообвинетиот Дејан Јованов.
Сепак, во продолжението на испрашувањето, Марковски даде и одговор кој се однесува на законската постапка за пренамена на објектот. Тој посочи дека, согласно Законот за градење, барањето за пренамена го поднесува сопственикот на објектот, што во конкретниот случај е Гроздан Милковски.
Вештакот истакна дека меѓусебните усни или писмени договори меѓу сопственикот и закупецот не можат да ги заменат законските обврски предвидени со Законот за градење.
Испрашувањето на Марковски продолжува, а неговиот исказ е меѓу доказите на кои особено внимание посветуваат обвинителството и одбраната.
За пожарот во „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година, обвинети се 34 лица. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, додека повеќе од 200 беа повредени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вештакот Марковски на судењето за „Пулс“: Објектот…
На денешното рочиште за пожарот во дискотеката…
Клековски: Се работи на решавање на дефектот…
Министерот за здравство Сашо Клековски во објава…
Новата учебна година со 300 паралелки помалку…
Македонските училишта во новата учебна година ќе…
Напади, карање и викање: Полицијата интервенирала во…
Повеќе случаи на нарушување на јавниот ред…
Шест активни пожари низ Македонија
На ден 25.08.2026 година, до 13:00 часот,…