(Видео) КОД: Марихуаната шверцувана во Србија како прилепски перници за Манчестер, шверц-приколката „изгорела“ кај Нови Сад, возачот по откривањето на 5T канабис летнал за Италија

t

Транспортот требало да го реализира фирма од Радовиш. Возач на камионот го зел товарот со квалитетни и лесни македонски перници и тргнал кон север, кон дестинацијата од царинската декларација за извоз.

Печатот на царинската декларација е ставен на царински терминал во Прилеп и таму е извршена шпедицијата со така запечатен товар со перници тргнува на пат.

Мали кривини на македонската канабис експедиција

Ама наместо директно кон границата и преминот Табановце, возачот со камионот се упатил кон Светиниколкско и застанал на паркинг пред селската црква во Сарамзалино. На паркинг плацот требало да се најдат со друг камион.

Повеќе други товарни и патнички возила тргнале од Скопје, од фабриката за производство на марихуана „Алфафарм Груп“ во кругот на фабриката Охис.

Овие возила ги организира второосомничениот кому му е одреден притвор. Станува збор за лицето Д.С. од Кочани и тој всушност е претходница на пратката затоа што е утврдено дека неколку пати одел за Србија и се враќал, поради организацијата на транспортот.

Во возилата имало марихуана, но немало полициско обзебедување и придружба како што налага законот туку едно службено возило на фирмата Алафафарм. Од ОХИС преку булевар Србија, тој товар за шверц излегол од Скопје, а неговото движење е утврдено и преку камерите од сејф сити на локациите каде е поставен системот.

Товарот марихуана бил спакуван во 200 кутии тешки по 6 килограми (некои од сведоците изјавиле дека кутиите тежат по 10 килограми). Во кутиите биле кесите со марихуаната.

Истрагата открила и дека на овој транспорт имало двојно најлонско пакување на канабисот. Според сознанија на КОД, марихуаната првин била пакувана во помали најлонски кеси, а потоа дополнително тие биле ставани во друга голема и подебела најлонска пластична кеса за амбалажа и затворени во кутијата. На тој начин,се намалува мирисот на цветот на марихуана за да не предизвика внимание на кучиња трагачи или на царински службеници.

Планот за шверц почнал да се реализира лани

Од обвинителството објавија дека операцијата за шверцот почнала уште лани. Во декември 2025-та вработените добиле наредба од газдата на Алфафарм груп да спакуваат 8.832 килограми канабис во кутии. Тој канабис бил донесен од струмичките фабрики, поголем дел од ЦБД Метплант Ново Село , но имало и од Лифе плант. Работниците за две недели и ја завршиле задачата и за да го намали притисокот и да ги тргне сведоците, вработените во Алфафарм биле пратени на колективен одмор.

Денот на операцијата бил 13-ти јануари. Одлуката ја донеле Иван Драгниќ и Предраг Брковиќ, двајцата косопственици на Алфафарм груп, првиот е притворен и осомничен во Србија, а Брковиќ сега е осомничен во Македонија. Главниот на групата, Александар Мијаловиќ е во бегство во Србија и е осомничен таму. Преку белградската фирма Био натуралс има сопственички удел во валандовската Гринлајф која исто така има лиценца за производство на медицински канабис.

Спакуваниот канабис, тргнал од ОХИС, па по излезот на Автокоманда се упатил кон Свети Николе, кон осамен паркинг плац. Таму биле истоварени кутиите. Двапати бил организиран таков транспорт.

Перници за Манчестер VIA Сарамзалино

За да ја скријат трагата, во Сарамзалино, перниците биле извадени од камионот кој веќе ги поминал шпедитерските формалности и имал декларации за извоз на перници во Англија. Перниците биле претоварени во друг камион и однесени. Празниот камион го продолжил патот кон локацијата со марихуана. Возачот пак во прилепската текстилна фирма чиј товар носел, пријавил дека има мал дефект и треба да застане на неколку часа во Радовиш за поправка. Краткиот сервис бил алиби за замената на перници со канабис, но возачот не свртел кон Радовиш туку кон Сарамзалино.

Според сознанија на КОД, возач на камионот од Прилеп до Сарамзалино бил Александар Ивановски кој сега е во притвор како осомничен. Тој камион со шоферот Ивановски биле главниот транспорт на канабисот. Празен, без перници тргнал и стигнал во Свети Николе на скриен паркинг плац.

Таму во камионот биле натоварени кутиите со марихуани. Луѓето кои биле ангажирани за утовар биле ангажирани и за истовар во Србија. Тие биле со автомобил и се движеле како претходница на камионот.

Транспортот бил на Стара Нова година

Ивановски и уште еден осомничен се возеле со камионот, кој мазно ја поминал границата и царината. Никој не го намирисал мирисот на марихуаната спакувана во дупли најлонски кеси. Камионот не поминал низ детална проверка на македонската страна од границата, но и на срспката страна. Бил регистриран излез и транзит на перници, а во камионот имало марихуана.

Аргатите од Свети Николе тргнале и за Коњух, приколката изгоре празна ама божем со перници

Во Србија влегле и камионот со дрогата и автомобилот со аргатите кои во Свети Николе утоварале, а требало да истовараат и во Коњух.

Терминот за премин на границата е избран да биде на 13-ти кон 14-ти јануари, ден кој не е на официјалните календарски ознаки за празник- но познат како Стара или православна Нова Година. Прослава која масовно се слави во Србија, па дури и на нивните гранични премини. Македонската канабис експедиција ја искористила ноќта за својот шверц.

Од преминот Прешево до селото Коњух, каде е најден складот со 5 тона марихуана, има околу 250 километри или 2 и пол часа возење. Доцна во ноќта, камионот стигнал до крајната дестинација.

Македонското обвинителство досега од српските колеги не ги добило снимките од српската страна на границата и српската царина како камионот влегол во Србија ниту пак документите за влез во таа држава.

Во 3:41 на 14-ти јануари, камионот со марихуана се исклучил од автопатот кон Белград и тргнал на запад кон Коњух каде стигнале рано наутро и заеднички македонски и српски државјани ја истовариле дрогата во складот каде се најдени 5-те тона.

Во истоварот на дрогата учествувале и македонските осомничени, но и повеќе луѓе од Србија. Канабисот бил распореден во складот, дел изваден за полесно распространување, дел во кутиите.

Ноќ подоцна на српските веб портали за вести беше објавена вест и слика.

-Во потполност изгоре камионската прикола на автопат од правец на Белград кон Нови Сад по исклучувањето за Бешка. На лице место се наоѓаат две возила од пожарникарско-спасувачкиот батаљон на Нови Сада како и едно возило од пожарникарско-спасувачката служба на Инѓија, објави 193ns.rs на 15.01.2026.

Всушност изгорената приколка била приколката од транспортот на канабис. Се запалила петнаесетина часови по завршувањето на истоварот на марихуаната кај Крушевац. Од складот во Коњух до местото каде изгорела приколката која претходната вечер била полна со шверцуван канабис, има над 270 километри и се поминува за околу 3 часа возење.

Приколката изгорела, возачот кога видел пожар успеал да ја тргне камионската глава и да ги извади каблите кои ги поврзуваат. Возачот Александар Ивановски се спасил и јавил на сопствениците на камионот, транспортно претпријатие од Радовиш дека се случил пожарот и дека изгорел товарот, прилепските перници кои патувале за англиски Манчестер.

Првичните анализи се дека пожарот почнал во делот на гумите и на задните лагери на приколката. По завршените увидни активности, камионот и возачот се пропуштени и тој се враќа назад.

Со пожарот се уништени сите потенцијални траги и докази останати во приколката за транспорт на марихуана. Таков бил и планот, сценариото на групата која го организирала шверцот. Со приколката наводно изгорел и товарот, перниците наменети за Англија кои претходно веќе биле претоварени во Сарамзалино.

Радовишка транспортна фирма и шоферот кој заминал за Италија

КОД зборуваше со сопственик на транспортната фирма во која бил ангажиран сега притворениот возач. Седиштето на фирмата е во Радовиш, постои од 1991-ва, а еден од браќата сосптвеници починал пред повеќе од половина година. Сопственикот со кого разговаравме телефонски ни раскажадека целиот случај ги погодил како гром од ведро небо и дека тие немаат никаква врска со случајот. Возачот Александар им се јавил среде ноќ кога изгорела приколката во Србија. Бил вознемирен. Штетата од случувањата ми е 100 илјади евра, а имам и кредити за бизнисот, ни изјави сопственикот на фирмата со чиј камион е пренесен канабисот кон Србија. Бил посетен од македонските истражни органи за случајот.

На 29-ти јануари во Србија е пронајден складот со 5 тони марихуана и наредниот ден беше соопштено дека е поврзана со Македонија. КОД во минатата емисија објави зошто дрогата веднаш е поврзана со нашата држава. При претресите во Коњух, најдени се оригинален печат на Алфафарм Груп и тефтер со пратките марихуана, а во него имало записи и за Македонија.

Веднаш по откритието Александар Ивановски во придружба на едно лице заминал од Македонија, во Италија. Наводно на посета за да се види со пријатели. Но, како што истрагата ги одмотувала замрсените конци на македонската канабис експедиција така кругот се стеснувал околу името на Александар. Тој сепак одлучил да се врати во татковината.

Перниците не ги запалиле во Македонија веднаш

Неговото враќање се погодило истиот ден кога премиерот Мицкоски во придружба на министерот Тошковски и оперативниот врв на полицијата ја посети тајната локација на која се наоѓа полициски хангар со околу 40 тони марихуана запленета во три фабрики за медицински канабис. Таа истрага е почната по откритието во Коњух.

Истиот ден, на 10-ти февруари, од Италија со авион доаѓа и возачот на транспортот. На еродромот го чека полицијата. Во првичниот исказ објаснувал дека по влегувањето на српска територија, камионот бил пресретнат и грабнат од вооружени луѓе. Но, потоа едноставно се брани со молк, велат изворите на КОД запознаени со текот на истрагата. Пријавил дека стоката, перниците и приколката изгореле, не веднаш туку два дена по инцидентот кај Бешка. Но сето тоа бил негирано со истрагата на македонските и српските обвинителства и полиции. Сепак истрагата не го задржала.

Во меѓувреме,полицијата успеала да влезе во трага на прилепските перници. Првичната идеја била да се уништат перниците и да се скријат трагите бидејќи по сценариото, тој товар всушност е уништен во пожар на приколката во Србија. Тие што требало да ја исполнат таа задача наместо да ги запалат ги сокриле на неколку локации со цел подоцна да ги продадат. Но, по избивањето на аферата, од една локација биле изнесени и уништувани на пусти плацеви далеку од патишта додека некои кои ги криеле одлучиле да ги задржат и покрај ризикот, па полицијата успеала да ги најде и да ги поврзе со шверцот.

Во вторникот на 18-ти февруари, возачот Ивановски, како и главниот логистичар Д.С. од Кочани кој го возел автомобилот со македонските истоварачи на марихуана за Коњух се уапсени и притворени. Два дена подоцна беа осомничени вкупно 10 лица во Македонија. Четворица соработувале со обвинителството и објасниле како биле повикани да товарат камиони во Скопје.

Осомничен е и косопственикот на Алфафарм груп Предраг Брковиќ.

Останатите осомничени дале детали за својата улога во македонската канабис експедиција кон Србија. Со истрагата, ама во Србија е опфатен и еден од сопствениците на Алфафарм Груп, Иван Драгниќ кој е во притвор во нашиот северен сосед.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) КОД: Марихуаната шверцувана во Србија како…

Транспортот требало да го реализира фирма од…

Српскиот режисер Горан Марковиќ е шокиран од…

„Не можам да верувам дека сега ја…

Нова закана од Трамп: Сите земји кои…

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес остро…

Со новиот Закон нема да се укинуваат…

Министерството за образование и наука не е…

(Видео) Се шират снимки од нападот на…

Во текот на ноќта, дронови ја нападнаа…