(Видео) Протести го тресат Сараево: граѓаните ја бараат снимката од трамвајската несреќа

t

Веќе шести ден по ред граѓаните протестираат во Сараево поради стравичната трамвајска несреќа што ја потресе Босна и Херцеговина, а студентите бараат објавување на снимката од моментот на несреќата, објави „Дневни аваз“.

Стар трамвај, возило што со децении се движело по истите шини, излета од колосек и ја покоси постојката. Во несреќата загина 23-годишно момче, уште помлада девојка остана без нога, а има и други повредени.

Граѓаните се собраа на протест кај Националниот музеј на Босна и Херцеговина, каде што студентите и средношколците побараа целосна и транспарентна информација за истрагата, вклучително и податоци за сервисирањето на трамваите и видеоснимка од камерата што го регистрирала трамвајот во моментот на несреќата.

Демонстрантите бараат и оставки од сите одговорни во целиот синџир на системот за јавен превоз, како и воспоставување квалитетен и безбеден јавен превоз и целосно запирање на приватизацијата во овој сектор.

Министерот за транспорт, Аднан Штета, во вторникот изјави дека сите стари чешки трамваи се повлечени од сообраќај и дека нема да бидат вратени во употреба додека не се извршат сите проверки. Тој вети дека резултатите од контролите и сервисирањето ќе бидат јавно објавени пред нивното повторно пуштање во сообраќај.

Оваа несреќа доведе до сериозна политичка дестабилизација. Премиерот на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, во неделата поднесе оставка, со што падна целата кантонална влада. Оставка поднесе и директорот на јавното сообраќајно претпријатие ГРАС, Сенад Мујагиќ.

— Ниеден трамвај нема да биде пуштен во сообраќај додека јавноста не ги види резултатите од анализата и сертификацијата на сите возила. Јавноста ќе биде информирана за сè. Доколку некој се обиде да го спречи тоа, повторно ќе ја известиме јавноста. Новата структура на управување мора да овозможи целосна истрага и соработка со Обвинителството во врска со оваа трагедија. Конечно, мора да се воспостават процеси што ќе гарантираат ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори — порача Ук.

Обвинителството на Сараевскиот кантон во понеделникот соопшти дека видеоснимката од камерата во трамвајот, која се анализира по наредба на обвинителите, претставува доказен материјал и дека нејзиното јавно објавување може да ѝ наштети на истражната постапка поради сложеноста на случајот.

Истовремено, Обвинителството чека судска наредба за обезбедување и за изземање на снимките од видео-надзорот на други објекти блиску на местото на несреќата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Протести го тресат Сараево: граѓаните ја…

Веќе шести ден по ред граѓаните протестираат…

(Видео) Герила акција во срцето на Скопје:…

Активисти и граѓани попладнево се собраа на…

Алиу: Лековите за пациентите со ретки болести…

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави…

Опозицијата бара повлекување на предлог-законот за високо…

Во одговорот до пратеничката Костадиновска-Стојчевска, министерката додаде…

Мејл за закопани девојки ја отвори новата…

Полицијата во Ново Мексико ги истражува тврдењата…