Објавено на:

Војче Китановски – Маршал на хуморот, забавата и смеата

t

Војче Китановски! Еден, единствен, оригинален и неповторлив. Хуморист, забавувач, сатиричар, шоу-мен. Им се допаѓаше на сите. На сите нас ни ја кажуваше вистината за животот во очи.Не засмејуваше за сите “врвни достигања“ на комунизмот, ама никогаш не го измејуваше. Уживавме во неговите досетки за “дострелите“ на македонската демократија, ама не ја негираше. Таков беше Нашиот Војче. Војче од Крапа. Војче Китановски – Национале. Полн со живот, и секогаш, ама буквално секогаш не засмејуваше до солзи. Беше театарска сцена 24 часа во движење. Филм за животот, со почеток, а без крај, телевизија што емитува нон-стоп и забавно радио кое вечно зрачи во етерот.

Со Војче се запознавме во далечната 1982 г. И се дружевме и соработувавме се до неговото физичко заминување од овој свет. Се сеќавам на неговите први забави во студентските населби, на студентските вечери, на забавите со акцијашите во Катланово, Битола(Стрежево) и Охрид, во Клубот за меѓународна соработка и сл. Сепак за мене незаменлив беше во забавите што ги организираше за учениците во основните училишта во Македонија, роденденските забави на мојот син Филип(детска игротека “Гринхаус“ и “Куглана“ во спортска сала “Борис Трајковски“), прославите на неговиот роденден во Домот на армијата, Скопје, како и нашите средби-забави во канцаларијата на Буцо(Стојан Толевски) во Филхармонија на Македонија и во ресторанот на Бест Вестерн на ул. Македонија.

Сите го сакавме и почитувавме, ама на децата и младите им беше идол. Со нив се дружеше цели 30 години. Тие најмногу го сакаа и уживаа во дружбите со него. Се сеќавам на една роденденска забава на синот Филип за сите деца обезбедивме книга и це-де од Војче, ама за другарчето Арсо недостасуваше. Детето почна да плаче па моравме да се растрчиме по колите и да донесиме книга и це-де и да ја спасиме ситуацијата. Арсо денес има 22 години и секогаш кога ќе се потсетиме на таа догодовштина со Војче и детско плачење за книга и це-де од него, слатко се смеиме и после толку години. На децата им ја остави “Антологија на 500 вицови за деца“, а со “Енциклопедија за хумор“ преку згоди, незгоди, доживувања и анегдоти ни го раскажа неговиот живот.

Факт е дека како Тито се прослави со неговите имитации по Србија, БИХ, Хрватска(пред десетици илјади гледачи) и пред Владата на Република Македонија(08. 09. 2017г.), ама за мене лично врв достигна на една прослава на неговиот роденден во Домот на армијата во Скопје, кога се собравме 10-15 негови најблиски обожаватели. Ние му го честитавме роденденот, а тој за возврат, со имитацијата на Тито(во маршалски шинел, капа и темни очила за сонце) не засмејуваше до бесвест. Таа забава остана како неповторлива и незаборавна.Во поранешна Југославија го знаеја сите естрадни ѕвезди, а со некои од нив Тома Здравковиќ и Мики Јевремовиќ и соработуваше како учесник на нивните концертни турнеи, задолжен за хумор и забава.

Најмногу го прославија настапите со во Сава центар во Белград и касарните ширум Југославија, каде и кога ги развеселуваше војниците и офицерите на тогашната ЈНА. Со нив другаруваше повеќе од 15 години. Сега веќе култни се и неговите настапи пред акцијашите на работните акции во Југославија(Учесник е на 33 раборни акции и ударник со 11 ударнички значки). Легенда на хуморот го направија и неговите дружења со феријалците, извидниците и стурдентите, како и незаборавните настапи на универзијадите, правнијадите, економијадите и шумаријадите.

За мене од секогаш бил македонскиот “Граѓанинот Покорен!“(Мија Алексиќ – Цуле Покорни) и “Камионџијата“(Миодраг Петровиќ – Чкаља) – две во едно. Не беше актер како нив, ама ете како дипломиран шумарски анжињер, лиценциран туристички водич и изнедрен од обичниот народ, подеднакво како нив не забавуваше со политичка сатира и како вешт “Камионџија“ управуваше низ политичките гафови на нашите политичари, ги коментираше “политичките моменти“(кога Бранко на баскет му соопштил на Фрчо дека повеќе не е министер, кога Љубчо во премиерскиот кабинет му соопштува на Циле дека нема да биде заеднички претседателски кандидат како што беше однапред договорено, кога Глигоров им соопштил на “мангупите од СДСМ“ дека знае за нивните прекршувања на ембаргото, кога Гошев го убедил Љубчо да апстинираат од вториот парламентарен круг 1994-та и сл.), при што никој не му приговараше, па така израсна во наш Граѓанин Непокорни.

Ете, затоа сум горд сум на него, на неговата личност и на карактерот што го одликуваше. Секогаш позитивен, ведар и насмеан. Од секоја обична и нормална ситуација тој правеше “стенд-ап комедија“ и за мене тој е пионерот на тој вид на забава. Позитивната енергија просто бликаше од него, забавата и смеата беа негови заштитни знаци, а хуморот негово животно кредо – вјеруј во смислата на животот и егзитенцијата.Беше способен ништо да не каже, само да тепогледне, а ти да пукнеш од смеа. Гение!Лек за срце и душа.Легенда на хуморот. Крал на смеата.
Можевме да немаме многу нешта во животот, ама го имамвме Војче.За мене тој секогаш беше и ќе остане последниот национален јунак – човек од народот. Ни подари толку многу хумор и смеа, што за секогаш ќе остане во нашите сеќавања. Неговите имитации на Младен Делиќ, Милка Бабович, Никола Солдатов, Ѓоко Георгиев, Зоран Михајлов, Ивко Панговски, Златко Калински, Азнавур, Ѓорѓе Марјановиќ, Мики Јевремовиќ и многу други, сега веќе се легендарни. А оригиналната имитација или поточно влегувањето во ликот на Тито го направи Маршал, маршал на хуморот, забавата, имитацијата и смеата.

Знам дека замина на некое подобро место. Сигурен сум дека ги развеселува сите наши луѓе што се таму, заедно со ангелите. Тука, кај нас ние сеуште немаме замена за Војче, а богами и никогаш нема да ја имаме. Таков човек се раѓа само еднаш. Му благодарам што не развеселуваше, забававуваше и смееше до бесвест. Така не правеше среќни и задоволни.
Нека му е вечна слава и благодарност.

Сотир Костов

П.С.

Се обидов нешто да напишам за Војче кога почина, ама не успеав. Истото ми се случи и за 40 дена од неговото заминување, ама и тогаш не ми одеше. Еве, сега кога акцијашите му оддаваат достојна почит, некако смогнав сили и успеав. Драг Војче, многу е тешко да се пишува за Тебе во минато време.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Пожарот кај Смолево е локализиран, но сѐ…

Регионалниот ЦУК Битола известува дека Екипите од…

Денеска се празнува Преподобен Сисој Велики

Родум Египќанин и ученик на свети Антониј.…

Претпладне 40 степени, попладне невреме со силен…

Ог УХМР јавуваат дека времето денеска ќе…

(Видео) ЖЕСТОКА ТЕПАЧКА ВЕЧЕРВА ВО БЕЛГРАД –…

Масовна тепачка вечерва се случила во Белград.…