Во брзање да го донесат буџетот пред да стане Марин Ле Пен претседател на Франција, европските лидери се скараа
Иако нема да почне да се применува до 2028 година, лидерите сакаат да постигнат договор за нацрт-буџетот до крајот на годинава, бидејќи Франција, Италија, Полска, Грција, Естонија, Финска и Словачка следната година ќе имаат избори, што би можело дополнително да ги комплицира преговорите. Во четвртокот, состанокот на кој требаше да се подготви терен за тој буџет заврши без договор, со побуна на седуммина лидери
Франција и Германија сакаат Европската Унија идниот месец да постигне договор за буџетот за периодот од 2028 до 2034 година, како и за финансирањето на Украина, пред серијата избори што ќе се одржат низ Унијата во 2027 година. Но, лидерите влегоа во жестока расправа и досега постигнаа многу мал напредок.
Иако нема да почне да се применува тој буџет до 2028 година, лидерите сакаат да постигнат договор до крајот на годинава, бидејќи Франција, Италија, Полска, Грција, Естонија, Финска и Словачка ќе одржат избори следната година, што би можело дополнително да ги комплицира преговорите за новиот буџет, од кој се финансираат сите клучни политики на ЕУ, пишува „Ројтерс“.
Можноста француската крајно десничарска политичарка Марин Ле Пен, која води на анкетите, да стане претседател по изборите што ќе се одржат во април и мај, ги забрза напорите за постигнување договор. Ле Пен вети дека ќе ја прекине финансиската помош за Украина и дека ќе го намали француското плаќање кон буџетот на ЕУ.
– По 31 декември, повеќе нема да бидам во политичка или демократска позиција повторно да ја отворам дебатата за буџетот и да ја доведам докрај, бидејќи ќе влеземе во период што ќе биде премногу блиску до претседателските избори во Франција – рече францускиот претседател, Емануел Макрон.
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, исто така, го спомена крајот на 2026 година како рок лидерите да постигнат договор. Причина за брзањето е тоа што, како што наведува „Гардијан“, во 2027 година ЕУ влегува во изборен „суперциклус“ што би можел да ги потресе самите темели на европскиот проект. Следуваат избори во четири од петте најголеми земји членки, а подемот на националистичките и на евроскептичните партии ја отвора можноста Брисел да остане без политичката поддршка потребна за спроведување на неговите најважни одлуки. Од Франција и Шпанија до Полска и Италија, се очекува изборите следната година да доведат до подем на партиите што бараат поголем суверенитет за земјите членки. „Гардијан“ предупредува дека новата рамнотежа на моќ би можела да го парализира Брисел, а помошта за Украина ќе биде првата што ќе биде погодена. Можноста за доаѓање на Марин Ле Пен на власт се смета за најголем предизвик за ЕУ. Нејзината политичка програма бара намалување на придонесот на Франција во европскиот буџет за 11 милијарди евра, како и референдум за да се утврди дали има францускиот закон предност пред европскиот закон. За разлика од помалите држави чии лидери ги оспоруваат политиките на Брисел, Франција има политичка и економска тежина што би им дала сосема поинаква сила на таквите барања, појаснува „Гардијан“.
В недела, прва на тест е Шпанија. На изборите на актуелната социјалистичка коалиција на Педро Санчес ѝ се спротивставуваат десничарската Народна партија и Вокс. Претседателските и парламентарните избори во Франција се закажани за напролет, додека Полска и Италија ќе гласаат подоцна во текот на годината.
Но, и сега работите околу постигнување договор за долгорочниот буџет на ЕУ не стојат добро. Вонредниот самит, кој требаше да подготви терен за договор за буџетот вреден речиси 200 милијарди евра, за периодот 2008-2034 година, почна во четвртокот и заврши минатата ноќ нешто по 12:00 часот, без договор, иако требаше да трае два дена. Како што објави „Политико“, седум земји: Данска, Германија, Холандија, Австрија, Финска, Шведска и Белгија се побуниле против пристапот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кон преговорите. Тоа се земјите што се залагаат за помал европски буџет и за ограничување на заедничкото трошење. Еден дипломат изјави дека биле бесни нивните лидери. Дека и на 17 декември, за кога е закажано да почне продолжението на тој состанок, ќе биде тешко да се постигне некаква согласност, покажува податокот дека неколку национални делегации веќе резервирале дополнително ноќевање во хотелите во Брисел, во очекување преговорите да траат значително подолго од планираните два дена.
За да се донесе повеќегодишниот буџет, потребна е согласност од сите 27 земји членки.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во брзање да го донесат буџетот пред…
Иако нема да почне да се применува…
Чупиќ: Со лидерите од регионот, кои присуствуваа…
Претседателката на Македонија е од академскиот свет.…
Луѓето на Трамп се селат во воени…
Високи функционери од администрацијата на Доналд Трамп…
ДЕЈАН БОДИРОГА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ПРАТЕНИЧКАТА ФУНКЦИЈА:…
Легендарниот српски кошаркар и актуелен претседател на…
Зеленски го нападна Трамп: Путин е агресор…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го изрази своето…