Објавено на:

Германија гради 99 дата центри: Берлин сака да ја намали зависноста од САД и Кина

t

Германија се подготвува за најголемиот бран на изградба на центри за податоци во својата историја, со 99 планирани нови објекти низ земјата, од кои 41 веќе се во изградба. Новата инфраструктура треба да обезбеди поголема компјутерска моќ за развојот на вештачката интелигенција, индустриската автоматизација, услугите во облак и современата јавна администрација.

Според истражување на германските медиуми NDR и „Зидојче цајтунг“, засновано на податоци собрани од повеќе невладини организации, Германија во следните години планира значително да го зголеми капацитетот на своите центри за податоци.

Дел од новите комплекси ќе бидат значително поголеми од досегашните германски објекти. Додека центар со приклучна моќност од 5 до 10 мегавати претходно се сметал за голем, некои од новите проекти се планираат со капацитет од 200 до 500 мегавати. Најголемите би можеле да надминат и еден гигават.

Германската влада во март ја објави националната стратегија за центри за податоци, со цел нивниот вкупен капацитет во земјата да се удвои до 2030 година. Министерот за дигитализација Карстен Вилдбергер ја опиша новата инфраструктура како „нов извор на моќ – компјутерска моќ“.

Германија на овој начин се обидува да ја намали зависноста од технолошката инфраструктура во САД и Кина. Центрите за податоци се клучни за тренирање на модели на вештачка интелигенција, обработка на индустриски податоци, функционирање на платформите во облак и складирање на податоците на компаниите и институциите.

Сепак, разликата во капацитетот со САД и Кина и натаму е огромна. Според здружението „Битком“, САД во 2024 година располагале со капацитет од 48 гигавати, Кина со 38 гигавати, додека Германија во 2025 година имала околу 3 гигавати.

Германските компании минатата година инвестирале рекордни 12 милијарди евра во сервери и друга информатичка опрема, како и уште 3,5 милијарди евра во објекти и техничка инфраструктура. До 2030 година вкупниот капацитет во Германија треба да надмине 5 гигавати, додека капацитетите наменети за вештачка интелигенција би можеле речиси четирикратно да се зголемат.

Голем дел од новата инфраструктура, сепак, ќе биде во сопственост на странски компании. Од 99 планирани центри, 36 ги развиваат компании надвор од Европската Унија, а околу две третини од нив се американски. Меѓу инвеститорите се „Амазон“, „Гугл“, „Мајкрософт“ и „ЕџКонекс“.

Главен центар за оваа индустрија во Германија останува Франкфурт, каде што се наоѓа DE-CIX, еден од најголемите светски јазли за интернет-сообраќај. Само во поширокиот регион се планираат нови капацитети со вкупна моќност од над 1.800 мегавати.

Паралелно со Франкфурт, се развиваат и кластери во Берлин и Бранденбург, како и во Шлезвиг-Холштајн, Долна Саксонија и Мекленбург-Предна Померанија, каде што има повеќе простор и подобар пристап до обновлива енергија.

Голем предизвик за експанзијата е потрошувачката на електрична енергија. Германските центри за податоци во 2025 година потрошиле околу 21,3 милијарди киловат-часови, а до крајот на деценијата се очекува потрошувачката да достигне околу 30 милијарди киловат-часови.

Дополнителен проблем е водата што се користи за ладење на опремата. Околу една четвртина од новите центри се планирани во области кои веќе се соочуваат со недостиг од вода. Како можни решенија се наведуваат затворени системи за ладење, директно ладење на чиповите и искористување на отпадната топлина за загревање на домовите.

Германската групација „Шварц“, сопственик на „Лидл“, веќе најави инвестиција до 5,6 милијарди евра во центар кај Росток. Објектот треба да користи обновлива енергија и затворен систем за ладење, а отпадната топлина би можела да се користи во градската топлификациска мрежа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Германија гради 99 дата центри: Берлин сака…

Германија се подготвува за најголемиот бран на…

Иран подготвува атентат врз Барон? Нетанјаху го…

Секретарот на Високиот совет за национална безбедност…

За Непал да се воздигне од урнатините,…

На Непал му се потребни четири до…

Во Србија се отвори првата фабрика за…

Во Шабац денеска е отворена првата фабрика…

Невреме на Кипар – еден повреден од…

Еден повреден од удар на гром, поплавени…