Голем сајбернапад врз Европската комисија: Можно е да се компромитирани лични податоци на вработените

t

Европската комисија била цел на голем сајбернапад во кој потенцијално биле компромитирани големи количества лични податоци, а дел од вработените повеќе од десет дена имале проблеми со користењето на интерните системи, објави „Политико“.

Инцидентот предизвикал прекини во работата на повеќе дигитални платформи, вклучително и системите за плати, барања за отсуство и медицински надоместоци. Според функционер на ЕУ, кој зборувал анонимно поради чувствителноста на случајот, Комисијата смета дека го ставила нападот под контрола во најголем дел, но сè уште не е познат целосниот обем на можната штета.

„Системите можеби повторно се враќаат во функција. Одговорите доаѓаат малку побавно“, изјавил изворот за „Политико“.

Нападот со помош на алатка за вештачка интелигенција

Според информациите на „Политико“, сајбербезбедносната служба на институциите на ЕУ, CERT-EU, претходно овој месец открила дека хакери користеле ARTEX – јавно достапна алатка заснована на вештачка интелигенција, наменета за откривање слабости во информатичките системи.

„Некои актери ги злоупотребуваат ваквите алатки и ја нападнаа Комисијата“, изјавил функционерот.

Како превентивна мерка, неколку апликации биле привремено исклучени, а пристапот до повеќето од нив во меѓувреме бил обновен.

Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењие, потврдил дека институцијата презела мерки по откривањето на сајберкампањата.

„Европската комисија ги презеде неопходните чекори како одговор на откриената сајберкампања. Беа цел на напади одделни системи и, согласно нашата вообичаена практика, ги информиравме засегнатите“, изјавил Рењие.

Сè уште се утврдува дали биле украдени или компромитирани податоци на вработените. Токму поради таа неизвесност, Комисијата засега има ограничена комуникација со персоналот.

Прекини во работата повеќе од десет дена

Меѓу погодените системи е и „Сиспер“ (Sysper), платформата што ја користат вработените за пристап до платните листи, евиденција на работното време и поднесување барања за отсуство. Проблеми имал и „Мај ПМО“ (MyPMO), системот за медицински надоместоци.

Двете платформи биле повторно ставени во функција претходно оваа недела, но „Сиспер“ повторно накратко паднал во текот на вчерашниот ден. Биле погодени и услугите за превод.

Иако платите на вработените биле исплатени вообичаено, дел од нив не можеле да ги внесат работните часови или да поднесат барања за отсуство. Неколку функционери се пожалиле и на недоволно информирање за причините за прекините.

Случајот стигнал до највисокото раководство

Поради сериозноста на инцидентот, највисокото внатрешно тело за управување со кризите во Комисијата, Одборот за корпоративно управување, одржало итен состанок за тековните сајберинциденти.

Одделот за дигитални услуги наредил засилени безбедносни проверки, а еврокомесарката за технолошки прашања, Хена Виркунен, ги информирала колегите за преземените мерки на состанокот на Колегиумот на комесари.

Нападот врз Европската комисија се случува во период на серија големи сајберинциденти и прекини во работата на дигитални услуги ширум светот, меѓу кои и проблеми што ги погодија „Мајкрософт“, големи американски банки и американската Агенција за национална безбедност, како и напади врз веб-страниците на „Ер Франс“, Би-Би-Си и „Зум“.

Засега нема конечна потврда за тоа колкав број податоци биле изложени или дали напаѓачите успеале да украдат чувствителни информации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Напад на бомбаш-самоубиец, најмалку 14 загинати…

Најмалку 14 лица, меѓу кои и полицајци,…

(Видео) Нападнат е Иран, одекнуваат експлозии во…

Израел започна воздушни напади врз централен и…

Деветмина загинати во израелски воздушен напад над…

Во денешните израелските воздушни напади врз јужен…

Нарачал производи, па го ограбил и натепал…

На 05.06.2026 во 22:30 часот во СВР…

Саудиска Арабија го осуди иранскиот напад врз…

Саудиска Арабија го осуди утринскиот ирански напад…