ЕВН повеќе не смее да издава паушални сметки, стапија во сила измените во Законот за енергетика

Инженери на Македонија соопшти дека со влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, снабдувачот со електрична енергија (ЕВН) е должен фактурите да ги издава исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка.
-Секое паушално фактурирање е дозволено само ако мерењето не е можно поради техничка неисправност на мерниот уред. Во сите останати случаи, особено кога струјомерот е исправен, ваквата практика е незаконска и спротивна на член 185 од новиот закон, велат од здружението.
ИНРМ до Регулаторната комисија за енергетика поднесе претставка со барање веднаш да се укине членот 31 од Правилата за снабдување и да се спроведе вонреден надзор над ЕВН, пишува во соопштението.
Во продолжение е интегралното барање на Инжинери на Македонија:
Од Регулаторната комисија за енергетика бараме:
1) Веднаш да го укине членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, поради негова директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика кој влегува во сила денес на 29 мај 2025 година. Од денес неговата примена е правно недозволива. Истовремено, бараме постапката за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, започната на 20 март 2025 година веднаш да заврши со формална одлука за укинување на овој член;
2) Да спроведе вонреден надзор над работењето на ЕВН, како оператор на електродистрибутивниот систем и снабдувач со електрична енергија, со цел утврдување дали и по стапувањето во сила на новиот закон се применува незаконската пракса на фактурирање врз основа на проценета потрошувачка.
3) Да објави јавен повик до потрошувачите со кој ќе ги повика да пријавуваат фактури што не се засноваат на реално измерена потрошувачка, во согласност со член 32 од Законот за заштита на потрошувачите.
Согласно новиот Закон за енергетика, од денес сите сметки за електрична енергија мора да се базираат исклучиво на реални податоци од мерниот уред. Секое паушално фактурирање без технички утврдена причина за неисправност на мерниот уред ќе се смета за незаконско.
4) Да го повика ЕВН на јавна одговорност, поради систематско непочитување на законските и договорните обврски за квалитет на услугите, особено во однос на мерењето, редовното отчитување, точното фактурирање и транспарентноста при утврдување на цените за снабдување со електрична енергија.
Доколку се утврди дека се работи за суштинска и континуирана повреда на овие обврски, бараме Регулаторната комисија да покрене иницијатива за раскинување на договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, склучен со ЕВН Австрија во 2006 година.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Со влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, снабдувачот со електрична енергија е обврзан фактурите до потрошувачите да ги издава исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Ова значи дека фактурирањето мора да се заснова на реално извршено мерење, односно на податоци прибрани од мерниот уред преку отчитување од страна на операторот. Ова е експлицитно утврдено во член 185 став 1, според кој мерењето се врши преку мерен уред, а отчитувањето го врши операторот на системот. Според ставот 2 од истиот член, доколку мерењето не е можно, фактурата може да се издаде врз основа на претпоставена вредност, но само ако не е можно мерењето.
Членовите 167, 185 и 189 од Законот за енергетика го дефинираат мерењето како активност што мора да резултира со реален и точен податок добиен преку мерен уред. При тоа мора да се има предвид дека „мерење“ значи технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред кој е стандардизиран и проверен, а „отчитување на мерен уред“ е акцијата на прибирање на измерените податоци од мерниот уред од страна на операторот (рачно или автоматски), која потоа служи како основа за фактурирање. Исклучоци кои го оправдуваат издавањето на фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога мерењето не може да се изврши поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она кое произлегува од субјективни причини како неотчитување, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставуваат дозволен основ за паушално фактурирање, велат меѓу другото од Инженери на Македонија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема повеќе пушење ни на тераса –…
Министерството за здравство подготвува нова стратегија за…
ЕВН повеќе не смее да издава паушални…
Инженери на Македонија соопшти дека со влегувањето…
(Видео) Божиновска: Многу неправилности во енергетскиот сектор
Состојбата со енергетскиот сектор е катастрофална, истакна…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
ЕУ да соработува за да избегне енергетска…
Економски истражувачи од различни земји ја повикаа…