Објавено на:

Европол: Криминалците од Западен Балкан ги јакнат врските со картелите, регрутираат и деца за трговија со кокаин

t

Европол во најновата проценка на најопасните криминални мрежи предупреди дека криминалните групи од Западен Балкан се меѓу најважните партнери на латиноамериканските картели во меѓународната трговија со кокаин, пренесува „Независне“.

Најновата анализа на Европол покажува дека 731 најопасна криминална мрежа обединува повеќе од 400.000 членови, 118 различни националности и делува во речиси сите области на организираниот криминал – од трговија со дрога, криумчарење мигранти и трговија со луѓе, до киберкриминал, финансиски измами и перење пари.

Според Европол, криминалните мрежи од Западен Балкан во последните години го засилиле своето присуство во Латинска Америка за директно да преговараат со производителите на кокаин и да ги контролираат криумчарските рути кон Европа.

„Некои мрежи со седиште во Европската унија или нејзиното соседство воспоставиле присуство во Латинска Америка за директно да набавуваат кокаин од локални партнери. Тоа особено се однесува на италијанските и на западнобалканските мрежи, кои го прошириле своето учество во трговијата со кокаин и воспоставиле долгорочни деловни односи со латиноамериканските картели“, наведува Европол.

Како пример се наведува случај на криминална мрежа чии координатори биле со потекло од Западен Балкан, а која организирала криумчарење големи количини кокаин од Колумбија, Бразил и од Еквадор преку Западна Африка и Канарските Острови до Белгија, Хрватска, Германија, Италија и до Шпанија.

„Токму меѓународната полициска соработка била клучна за разбивање на таа мрежа“, истакнува Европол.

Организираниот криминал станува сè поотпорен

Во извештајот се наведува дека криминалните организации повеќе не функционираат како затворени кланови, туку како дел од широк меѓународен криминален систем.

„Кога надлежните ќе разбијат една мрежа, други многу брзо се реорганизираат, ја пополнуваат настанатата празнина и продолжуваат со криминалните активности“, предупредува Европол.

Се додава дека намалувањето на бројот на идентификувани најопасни мрежи не значи дека организираниот криминал опаѓа.

Напротив, дури 76 отсто од криминалните мрежи кои во 2024 година биле означени како најопасни денес веќе не се во таа група, но ги замениле повеќе од 500 нови или новоидентификувани организации кои го презеле нивниот простор.

Европол предупредува дека организираниот криминал сè повеќе ги користи слабостите на современото општество.

Во извештајот се нагласува дека 85 отсто од најопасните мрежи користат легални компании за прикривање на криминални активности и на перење пари, додека речиси 80 отсто од нив дејствуваат најмалку три години, а една третина повеќе од една деценија.

Злоупотреба на малолетници

Во извештајот се предупредува и дека околу шест отсто од најопасните криминални мрежи користат малолетници за дистрибуција на дрога, перење пари, заплашување, па дури и за извршување убиства.

Според извештајот, младите најчесто се регрутираат преку социјални мрежи и апликации за комуникација, со ветувања за лесна заработка или преку различни форми на манипулација.

Анализата на Европол покажува и дека организираниот криминал опстојува благодарение на способноста за брзо прилагодување.

Кога полицијата ќе разбие една организација или ќе ги уапси нејзините водачи, други мрежи речиси веднаш ги преземаат нивните активности, логистика и криумчарски рути.

Европол оценува дека идната борба против организираниот криминал не може да се базира исклучиво на апсење на водачите на криминалните групи.

„Криминалните мрежи опстојуваат благодарение на искористување на слабостите на логистичките синџири, финансиските системи, дигиталната инфраструктура и на меѓународната трговија. Ефикасен одговор мора да ги обедини таргетираните полициски активности со системски мерки кои ќе ги отстранат ранливостите што ги користи организираниот криминал“, се заклучува во извештајот.

Најновата проценка покажува дека организираниот криминал во Европа влегува во нова фаза.

Сè помалку зависи од поединечни криминални групи, а сè повеќе функционира како меѓународен криминален екосистем во кој мрежите соработуваат, разменуваат логистика, ја користат легалната економија и новите технологии за да продолжат да остваруваат милијарди евра незаконска добивка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: Колку пари треба Богац да украде,…

Претседателот на СДС, Венко Филипче организирал некаква…

Левица: НАЧАЛНИК ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ ОСИГУРАЛ…

Соопштение на политичката партија Левица: Поранешниот началник…

Спасовски: Отворивме сериозна битка со криминалните структури

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели…

Спасовски: Решени сме да расчистиме со криминални…

Се разговара со многу лица, се обезбедуваат…

Шведска ќе се бори против криминалните банди…

Шведска ќе користи модерна технологија, вклучувајќи беспилотни…