Енергетска кризa

t

Градењето на конкурентската предност, на малите економии покрај во нивната отвореност, треба да почива и на нивната флексибилност, можност за брза адаптација на пазарните услови, како и на ефикасна државна администрација која што ќе има капацитет за ефикасно планирање и предвидување на настаните.

Неспособноста да се гради државата врз база на овие постулати во Македонија, создава силен впечаток во јавноста за „распадната држава“ која што ги остава сопствените граѓани да се чувствуваат беспомошни и препуштени сами на себе.

Типичен пример е здравствена криза во којашто државата речиси и да не презема никакви мерки за да го заштити стандардот на граѓаните. Така на пример за разлика од останатите Европски земји во коишто тестирањето беше бесплатно, само за Новогодишните и Божиќните празници дневно граѓаните трошеле по повеќе од 100.000 Евра за тестирање во приватните здравствени установи. Ова секако не е европски пристап, ниту е во насока на ветувањето за бесплатно здравство. Доколку кон ова го додадеме и континуираното покачување на цените и инфлацијата, ветувањата за зголемување на минималната плата и 500 евра просечна плата, звучат како сол на рана врз маката на осиромашениот граѓанин. Наспроти најавите за еднаквост и социјална правда, секојдневно го гледаме процесот на забрзаното општествено раслојување и осиромашување на граѓаните во изминатите 5 години.
Да биде ситуацијата уште посложена, иако од почетокот на годината беше сосема јасно дека покрај здравствената криза ни претстои и енергентска криза, по инерција како и со се останато, повторно бевме „изненадени“ од развојот на настаните .

Еден од основните постулати на градење на економска а со тоа и на политичка самостојност на една држава е обезбедување на нејзината енергетска безбедност. Токму прашањето на енергијата и енергетските коридори има централно место во современата геополитика.

За разлика од нормалните држави кои го проектираат својот развој за временски период од неколку декади, грижејќи се за сопствениот економскиот развој и благосостојба на сопствените граѓани, кратката ретроспектива на состојба во енергетиката во Македонија е следна:

Наместо благовремено да се работи на стимулирање на домашното производство на енергија, за да може да се заштити стандардот на граѓаните, ние се доведовме во ситуација да главниот енергетски капацитет РЕК Битола биде оставен без јаглен за да може да функционира, додека речиси ништо не беше направено за активирање и на останатите енергетски капацитети во земјава, како на пример ТЕЦ Неготино.

За да се изменаџира целокупната состојба од владиниот ПР најпрвин стигнаа смирувачки изјави дека цената на струјата нема да се покачи, дека нема да има рестрикции на електрична енергија и дека се обезбедени доволно средства од буџетот за набавка на електрична енергија. Се разбира овие цени се неколкукратно повисоки, што креира дополнителни проблеми со финансирање на буџетскиот дефицит, кој минатата година изнесуваше над 5%, додека јавниот долг е веќе подолго време над 60% што не прави високо задолжена земја. Неблаговремено дејствување на „надлежните“, ќе ја чини државата и граѓаните стотици милиони евра или најмалку една Еврообврзница.

Се разбира дека во меѓувреме дадените гаранции на Владата паднаа во вода и од 1- ви Јануари имаме покачување на цената на електричната енергија, а наместо рестрикции граѓаните добија навистина иновативно решение наречено „ладен радијатор“.

Со оглед на фактот дека енергетската криза ја погоди и Европа, се наметнува прашањето што направија останатите поорганизирани европски држави и на кој начин истите се справуваат со последиците од зголемите цени на енергијата. Така на пример Владата во Франција ги објави плановите за еднократна исплата од 100 евра за 5,8 милиони домаќинства кои добија ваучери за покривање трошоци за енергија, беше направено ограничување на цената на гасот до април 2022 година, воведе нова формула што ќе се користи за пресметување на тарифите на главниот снабдувач на електрична енергија, обезбеди повластена куповна цена за алтернативни производители на електрична енергија, додека со вкупниот пакет на мерки во вредност од 3,8 милјарди евра ќе бидат опфатени речиси 38 милони луѓе или 57% од вкупната популација на земјата.

Наспроти европските практики Владата на Македонија, најави пакет во вкупна вредност од 60.000.000 денари (околу 975,000 евра) за парична помош од 600 денари, исклучиво за неколку целни групи. Објективно се наметнува прашањето што со останатите граѓани, што како резултат на „успешно“ спроведените економски политики и мерки во изминатиот период, зголемите цени, недостатокот од странски инвестиции и намалениот животен стандард одамна според сите европски стандарди можеме да ги подведеме во категоријата „маргинална група„, а такви се 90% ?

Доколку сакаме да бидеме нормална држава под итно ни се неопходни одговорни и ефикасни државни институции, кои што ќе имаат капацитет за стратешко планирање и имплементација на тоа што е испланирано, кои ќе бидат проактивни, наместо реактивни, кои што ќе се справуваат со проблемите, наместо да ја префрлаат одговорноста.

Др. Кирил Миноски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Норвешка заработи 31 милијарда долари поради конфликтот…

Зголемените цени на енергијата поради недостигот на…

Мудис: Загрозена економската иднина на Израел

 Војната со палестинската милитантна група Хамас го…

Расте „стапката на смртност“ на бизнисите во…

Отворањата на нови компании исто така бележат…

Премиерот на Баварија: Германија е во „сериозна…

Владата на канцеларот Олаф Шолц е „целосно…

Македонските пензии најниски во регионот

Пакетот антикризни мерки кој помпезно се најавува…