Објавено на:

Ернесто Че Гевара – револуционер, легенда и мит

t

Портрети: Великани на светската историја(2.)

Икона на револуционерите
Легенда меѓу младите генерации
Харизматичен лидер

Годинава навршуваат 94 години од раѓањето и 55 години од загинувањето(убиствито) на Ернесто Гевара де ла Серна – легердарниот револуционер, герилец и лидер Че Гевара. Во време кога имаме дефицит на лидерство на светско ниво се присеќаваме на незаборавниот и неповторлив Че. Луѓето кои ќе се обидат да придвижат планини и да го промената светот, без разлика на извојуваните победи или претрпените порази, заминуваат во легенди. Останува прашањето како тој човек – Ернесто Че Гевара – со нежна конституција, со кревко здравје, утопист според животната филозофија, револуционер и герилец во дејствувањето, маченик во смртта, израсна во легенда во светски размери. Че не беше ниту обичен револуционер смртник, ниту пак само прекален, познат и славен. Историјата е полна со револуционери кои се калеа како челик и одеа во борба со Маркс во главата и пушка во раката. Че беше нешто друго. Нешто поинакво. Нешто многу повеќе. Не беше само човек на своето и нашето време. Тој меѓу нас дојде од некои минати векови, а им припаѓа на столетијата кои допрва ќе дојдат. Перманентен и тотален револуционер. Иако комунизмот одамна го изгуби својот сјај, тој, славниот Че, големиот El komandante, остана и до денес актуелен и продолжи да биде моќен симбол на бунтовноста и рволуцијата. Затоа: Само еден е Че!

Како и многу други бренд приказни, и оваа, приказната за Че Гевара, започнува со авантура на младиот аргентински лекар кој ја напушти професијата, и родната земја – Аргентина – со цел да се бори за правата на сиромашните и обесправените на латиноамериканскиот континент, кој во тоа турбулентно време – време на 60тите години од 20от век – стенкаше од суровоста, и лелекаше од ѕверствата на диктаторските режими. Но, судбината спојува двајца млади луѓе – Че Гевара и Фидел Кастро – кои во Мексико прават план да извршат воен напад на Куба, со единствена цел да го соборат диктаторот Батиста. Според непишани правила, на почетокот таа невозможна мисија, со тек на време се развива во вистинска револуција, која го стресе целиот американски континент.

Че Гевара не беше гладен за власт, ниту зависен од неа. Ниту пак беше лаком за богатство и пари. Комфорот и материјалното не го привлекуваа. Тој со Фидел Кастро беше револуционерен другар, но не и канцаларијски соработник. После успешно изведената Кубанска револуција, тој во Куба беше директор на националната банка, министер за индустрија, еден од првите заповедници на војската на Куба, и пред се и над се, прв теоретичар и практичар на револуцијата. Неговите книги, статии и говори, важеа за задолжителна литература и појдовна основа за кубанските идејни и програмски определувања и престројувања. На тој начин Гевара станал морален гуру, гуру кој проповеда дека револуцијата создала луѓе со нов лик, луѓе алтруисти, и луѓе кои мислата на другите и им помагаат.

Револуционерен по дух, но и страствен по природа, направил се, револуцијата да успее, барем во Куба, така што се борел против тиранијата и репресивните мерки до својот последен здив. Но, за кратко време, Че ја напушта удобната канцеларија, се откажува од сите функции, му напиша писмо на Фидел, во кое му соопштува дека дошло време да се разделат и заминува од Куба. Дипломатската активност ја замени со герилскиот фронт. Му се врати на револуционерниот ентузијазам, на идеите за социјална правда и на борбата за систем со вистински човечки лик. Тоа можеше да го направи само револуционер со вечна револуција во срцето. Тој не можеше да го замисли својот живот во функционерска фотеља на подолг период. Не ги сакаше конференциите и службените ручоци со важните личности на светската политика. Не беше воодушевен од водење политика ‘’во ракавици’’ и од сета хипокризија која оди со таа и таква политика. Умееше тој многу успешно да ги застапува своите политички ставови и да биде нивни гласноговорник.
Но за него не беше доволно само да се залага за нешто. Имаше потреба и да се бори за тоа за што се залага. Кога нешто се случува и кога некој нешто придвижува, тој секогаш сакаше за тоа да има акција. Дури и во ретките моменти на одмор, тој секогаш нешто пишуваше, планираше и сањалачки беше загледан во далечината, каков што е случајот со најпозната негова фотографија, направена од Алберто Корда, која до ден денес го обиколува светот и е нај печатената и нај аплицираната фотографија на светот за сите времиња. На неа најдобро се забележува неговиот дух на дивовски романтичар од револуционерен ков. Но, може да се виде и Че како авантурист со бунтовен дух. Не постои друга фотографија како оваа.

Дали постои друга фотографија прифатена толку масовно?

Че Гевара стана бренд, а лого на тој бренд е токму таа слика, чија порака е промената. Стана икона на поинакво мислење, бунт, отпор, револуционерност, на кое и да е ниво и во кој и да е контекст. Дали и како е можно тоа? Да, можно е, сите ние сме сведоци, дека е така. А така е бидејќи, меѓу другото, таа фотографија ја отсликува и неговата единствена непосредност и срдечност, физичката маркантност и машкото сериозно држење, што се под едно име е познато како харизма. Токму таа негова харизма допринесе тој да стане икона на младоста, бунтот и спротивставувањето, кои беа основата на космополитичкото движење од шеесетите и седумдесетите години од 20от век, движење кое се протегаше од станиците на метро во Токио, па преку улиците на Париз, плоштадите на Лондон и целата планета, се до булеварите во Холивуд, на западниот брег во САД.

Тој со неговата неконвенционалност, бунтовност, храброст и револуционерност, ја освојуваше светската младина, која очајнички повикуваше и посакуваше некој поинаков од дотогаш видените лидери со познатите матрици. Беше и немирен дух, кој не молчеше пред големите авторитети. Напротив. Остро го критикуваше социјалистичкиот блок на земји предводен од СССР. Неговата главна забелешка беше дека сите тие се претворени во империјализам од втора рака. Затоа одлучи да дејствува сам и на своја рака. Повторно се фокусираше на основните револуционерни идеали и се обиде да ја прелее револуцијата од Куба, во Гватемала, Венецуела, Перу, Колумбија, Аргентина, Домениканската Република. Но, не успеа целосно.

Беше прогонуван без малку од сите режими во Латинска Америка и од ЦИА. На 09 октомври 1967 година, најпрвин предаден, потоа ранет и заробен, на крајот крвнички е стрелан, а неговите посмртни останки закопани на непознато место. Егзекуцијата на овој револуционер, само ја зголеми неговата митска големина. Неговите последни зборови: ‘’Пукај, кукавице, зашто само ќе убиеш човек’’, се непобитно сведоштво за неговата бестрашност. Стрелањето и убивањето на Че оддекна како експлозија на неутронска бомба, во истиот миг кога беше објавена на страниците на светскиот печат. Младите од сите континенти тоа го доживеаја како пукање во нив и во нивната верба во поинаква и посветла иднина. На улиците во Буенос Аирес, во Богота, Мексико Сити и Хавана, младите ја оплакуваа смртта на славниот герилец. А во Париз, Милано, и Њујорк, спонтано почнаа да се појавуваат постери со неговиот лик. Младите од универзитетските градови во Европа се обединија, излегоа на плоштадите и на светскиот политички ештаблишмент му порачаа: ‘’Че е жив!’’.

Така, ‘’че’’-манијата можеше да почне. Младите ги следеа неговите идеи, интелектуалците ги величаа идеалите за кои се бореше и загина, а писателите и поетите, за него напишаа есеи, поеми, книги, биографии и песни, во кои ги објаснуваа вредностите врз кои се темелеа политичките теории кои тој ги пропагираше и револуционерните дејствија и акции што ги спроведуваше во дело. Можеби нај активни беа новинарите, кои пренесуваа и пишуваа буквално се за неговиот живот, револуционерна борба и храброто загинување. Неговиот лик беше присутен буквално насекаде: на телевизиите, во новините и списанијата, испечатен на знамиња, маици и постери. Молневито прерасна во симбол на левичарските движења на целата планета, но и не само нивен. Сликата на човекот со хипи фризура, имиџ на брадест револуционер и решителен поглед, присутна е и денес во колективната меморија на многу генерации млади и стари, и служи како совршено постмодернистичко потсетување за неконформизмот, бурните 60ти и бунтовничката природа. Факт е дека тој – Ернесто Че гевара – и понатаму е популартен меѓу младите, кои се поистоветуваат со него и со неговите морални начела, барајќи спас и излез од светот полн со лицемерие и цинизам, алчен интерес и неконтролиран консумеризам.

(продолжува)

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

“Обединети за Македонија” за рамковната прослава: Со…

Како што велат оттаму, тие отсекогаш сметале…

(Видео) Грчки борбен авион пресретна либански цивилен…

Грчки борбен авион пресретнал либански цивилен авион!…

Политиката против правдата – кој го штити…

Арафат Муареми, директорот на Финансовата полиција, се…

Електричните автомобили ќе чинат загуба на стотици…

Секој голем производител на автомобили сега го…

Полјански за воената операција на Русија: Можеме…

Полјански за специјалната операција: Може да биде…