ЕУ и НАТО најавија пожесток одговор кон Русија по новата ескалација со случајот на аеродромот во Лајпциг
Лидерите на Европската Унија и на НАТО ветија пожесток одговор и поголем притисок врз Москва поради, како што, го нарекоа сè понеодговорното однесување на Русија кон Европа. Нивната реакција, доаѓа еден ден откако Германија официјално ја обвини Русија за неуспешен напад со беспилотно летало на аеродромот во Лајпциг минатиот месец. Ваквиот потег на Москва челниците на ЕУ и Алијансата го оценија како „новото нормално“, на кое, треба да се одговори, пренесоа светските медиуми.
Лајпциг претставува нова ескалација на територијата на Европската Унија што директно ѝ се припишува на Русија. Мора да го засилиме нашиот ангажман, а тоа значи да бидеме подготвени да одговориме побрзо и подобро на руската неодговорност“,рече претседателката на Европската комисија.
Руте: НАТО стои со Германија
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пак, изјави дека целиот сојуз, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, целосно се солидаризираат со Германија во конкретниот случај.
Од друга друга страна, Русија ги отфрли германските обвинувања и бара докази од Берлин за наводите дека Москва стои зад случајот.
Германската влада вчера објави дека полициската истрага и разузнавањето ја потврдиле одговорноста на Русија за инцидентот.
Имено, Берлин ја обвини Русија дека стои зад инцидентот на аеродромот Лајпциг-Хале на 4 август, кога во безбедносната зона, во близина на јужната писта, беше пронајден дрон со експлозив. На местото беше испратен робот за деактивирање бомби, а детонаторот беше отстранет.
Министерот за внатрешни работи на земјата Александар Добриндт објасни дека конфигурацијата на дронот, неговите компоненти, експлозивите и детонаторот веќе биле познати од други руски хибридни операции. Истрагата за нападот, наводно, идентификувала и двајца осомничени. Станува збор за Белорусин со руски пасош кој влегол со туристичка виза и лице со латвиски и руски пасош кое пристигнало во Берлин со авион и заминало два дена пред нападот.
Реакции од Москва
Како одговор, Берлин објави затворање на рускиот конзулат во Бон и културната институција „Руски дом“ во Берлин, за кои се сомнева дека служат како пропаганден медиум за Кремљ. Руското министерство за надворешни работи, пак, објави реципрочни мерки и тврди дека Берлин не понудил докази за своите обвинувања. Германскиот вршител на должноста амбасадор Бернд Финке беше повикан во Москва, каде што руските претставници му рекле дека целосно ги отфрлаат неоснованите обвинувања.
Рускиот претседател, Владимир Путин ги оцени германските мерки како сериозна грешка, оценувајќи дека тие се спротивни на интересите на германскиот народ. На прашањето дали Москва е подготвена да ги прекине односите со Берлин, рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко одговори „можеби“, но додаде дека засега ѝ даваат шанса на дипломатијата.
Критичарите во Германија веруваат дека одговорот на Берлин е релативно благ, но германската влада нагласува дека се стреми кон координиран одговор со своите сојузници.
Проширување на санкциите на ЕУ кон Русија
Тој координиран одговор вклучува проширување на санкциите на ЕУ и ограничувањата за влез за руски државјани. Фон дер Лајен јасно стави до знаење дека нападот во Лајпциг вклучувал воен материјал и бил извршен од руски оперативци на територијата на Европската Унија. „
„Ние нема да го толерираме тоа“,рече таа.
Додека таа имаше средба со Руте во Брисел, министрите за надворешни работи на Европската Унија одржаа состанок во Ирска. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро рече дека може да се преземат мерки на европско ниво против руската флота во сенка, односно бродови што транспортираат нафта и друг товар за да ги избегнат санкциите. Баро и неговите колеги од Белгија и Холандија потврдија дека ги повикале руските амбасадори за да вложат протест.
Литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис рече оти е јасно дека Русија не чувствува политички последици за своите хибридни операции. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека се работи на заострување на спроведувањето на постојните санкции, додавајќи дека има широка поддршка за воведување забрана за визи за поранешни руски борци и построги ограничувања за руските туристи.
Неколку земји, вклучувајќи ги Шведска, Холандија, Полска и Шпанија, бараат повеќе од 193 милијарди евра замрзнати руски средства да се искористат за помош на Украина, идеја која првпат беше изнесена кон крајот на 2025 година, но беше одбиена од Белгија, каде што се наоѓаат парите, поради загриженост за правна и финансиска одговорност.
Фон дер Лајен изјави дека нападот во Лајпциг е дел од поширок модел на сè поопасни инциденти, вклучувајќи беспилотни летала и нарушување на критичната инфраструктура на Европската Унија. Марк Руте додаде дека Европејците се изложени на поголем ризик од беспилотни летала и ракети што преминуваат во земјите на источното крило на Алијансата, како и од „злонамерни активности директно на наша територија“. Тој ги наведе пожарите во фабриките за одбранбена опрема за Украина и хибридниот напад во Лајпциг како примери.
Шефицата на Европската комисија рече дека санкциите веќе послужиле за одвраќање на Русија, а министрите за надворешни работи сега разговараат за нови начини за, како што кажа, понатамошно празнење на воениот ковчег на Русија. ЕУ веќе одобри заем од 90 милијарди евра за Украина, а Фон дер Лајен изјави дека Киев побарал дополнителни милијарди за купување на противвоздушни ракети PAC-3. Таа, исто така, спомена дека веќе е во тек заедничкиот европско-украински проект за антибалистичка ракетна одбрана.
Таа вети дека Европа и НАТО нема само да продолжат со притисокот врз Москва, туку дека ќе го зголемат.
„Ќе го зголемиме и нема да застанеме додека Русија не престане со бомбардирањето и убивањето невини деца и луѓе во Украина“,подвлече таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ и НАТО најавија пожесток одговор кон…
Лидерите на Европската Унија и на НАТО…
Екс шефот на ЦИА го предупреди Западот:…
Дејвид Петреус, пензиониран генерал на американската армија…
Градоначалникот на Лондон казнет за неплаќање данок…
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, е прогласен…
(Видео) Германија тестира моќна балистичка ракета сред…
Германија успешно тестираше балистичка ракета произведена во…
(Видео) Го прашаа Путин дали Русија ќе…
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи,…