ЗОШТО Е НЕПРИФАТЛИВ “ПАТОКАЗОТ 5 + 1“?

t

Се шпекулира дека премиерот ќе остане на функција се додека не се отворат преговори со ЕУ, поточно додека не се надмине бугарската блокада. Се смета дека целта е да се потпише тн. „патоказ 5+1“, што никако не смее да се случи. Добро е што опозицијата веќе јасно кажа дека ќе поништи се’ што ќе потпише премиерот во заминување.

„Патоказот“ е подолго време на маса и, иако не е објавена содржината, се спомнува дека има пет точки. Ние треба да дадеме гаранции за: 1) нашето кратко име; 2) говорот на омраза (кај нас); 3) рехабилитација на жртвите од комунизмот (во Македонија); 4) комисијата за историја; 5) немешање во внатрешните работи на Бугарија и додадената точка (+1) – вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

Да почнеме од крајот. Сосема погрешно, кај нас се толкува дека Софија сака да евидентираме бугарско малцинство. Нивната цел е сосема поинаква. Сакаат Бугарите да влезат во нашиот Устав, ама со формулација којашто би требало да биде нешто како семе или корен што, со текот на времето, ќе создаде простор и можност, чекор по чекор, сите да се идентификуваме како „Бугари“. Да се „освестиме“, де, што сме по националност. Не е јасно како е тоа замислено, ама така изгледа. Најверојатно, нашиве „политичари“ не ги разбираат овие крајно софистицирани (не само!) бугарски марифети.

Пред десетина и повеќе години, Софија се залета со барање за бугарско малцинство кај нас, ама набрзо сфатија дека се во замка. Како може да бараат да имаат малцинство ако цело време „докажуваат“ дека и ние сме ти биле „Бугари“? Не оди баш, нели? Ем втора бугарска држава, ем ние „Бугари“, ем бугарско малцинство! За да нема заблуди, пред некој ден се јави и бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангелов, кој рече – „ние никогаш не сме претендирале дека има бугарско малцинство во Македонија“ („Вечер“, од 3/12/2021). Не ја завршил реченицата – кога веќе и вие сите сте „Бугари“!

Во целина, „патоказот“ е – крајно неприфатлив. Тој е целосно спротивен на Резолуцијата донесена од нашето Собрание, на 29/7/2021, според којашто соработката со Бугарија мора да биде на – „рамноправна и принципиелна основа“, а тоа значи НЕ еднострана, НЕ нереципрочна, НЕ со ултимативен бугарски карактер и НЕ без никакви обврски за Софија.

Прво е краткото име на државата. Изгледа дека се бараат некакви наши гаранции дека тоа не го опфаќа и Пиринскиот дел. Веројатно ќе се инсистира со нота да го известиме и целиот свет за тоа. И двете се бесмислици и само нови понижувања на Македонија, кои мора да се одбијат.

Втор е говорот на омраза. За разлика од Бугарија, каде со векови не’ игнорираат како народ, јазик, историја, култура… и постојано не навредуваат и плукаат, во Македонија нема никаква омраза кон нив, иако ја заслужуваат. Ако тоа во Бугарија, не е говор на омраза кон Македонија, тогаш што е? И, место ние од нив да бараме коректно однесување та и извинување, тие го бараат тоа од нас?! Просто е неверојатно на какви срамни гранки ја доведовме меѓународната позиција на Македонија! Најстрашно од се’ е што и ова бугарско барање, никој не го разбира кај нас. Кога Софија зборува за говор на омраза тие мислат на фактот што ние се дефинираме како Македонци а не како „Бугари“. Нашето македонско национално чувство е говорот на нашата омраза. Тоа најмногу ги иритира. Ништо друго. Што и да се случува меѓу двете земји, НЕИЗБЕЖНО, И ПРЕД СЕ’, МОРА да се осуди нивниот говор на омраза кон Македонија, кој максимално се користи во последно време. Мора да се нагласи дека нема поголема омраза од нивното негирање на се’ македонско… Бугарската омраза ја нема во „патоказот“.

Трето е барањето за „рехабилитација на жртвите на комунизмот“. Очигледно е дека Софија мисли на „Бугарите“ во Македонија какви што, според нив, биле жителите на земјава до 1944 година. Тогаш, демек, „интервенирал“ Тито и, окус, покус… тие станале комунистички жртви! Ги претопил! Оваа точка од „патоказот“ не е воопшто случајна. Во „славната“ „тиранска платформа“, и Албанците бараа рехабилитација на нивните жртви од Македонците! Ова е одличен доказ дека и „тиранската“, исто како и „патоказов“, доаѓаат од ист центар, од исти автори, од преку барата. По распадот на Југославија, гледаме дека единствената супер сила, којашто е и наш „стратегиски партнер“, доследно и филигрански ги спроведува своите сценарија, чија главна цел е бришење на македонизмот и дефинитивно затворање на „Македонското прашање“. Во позадината и на оваа небулоза, која не е само бугарска, веројатно се наоѓа и замислата дека со – „рехабилитација на жртвите на комунизмот“, во пракса и формално, иако можеби само индиректно, ќе се осуди „измислувањето“ на македонската нација, од страна на Тито? Сигурно најголемата „жртва на комунизмот“, којашто треба да се рехабилитира, за Софија е „претворањето“ на „Бугарите“ во Македонци. Како треба да се направи тоа, е друго прашање? Се надеваат дека и на тој начин ќе добијат некој поен во докажувањето на нашите „бугарски“ корени. Во никој случај не смее ниту да се разговара за оваа нивна недоветност.

Четврта е заедничката историска комисија. Таа е замислена да биде главна бугарска алатка за докусурување на Македонците. Разбирливо е што сакаат таа да работи според нивните потреби и под итно да ја потврди заедничката историја, како недвосмислен доказ дека сме еден народ. Тие тоа не го кријат иако, според договорот, од комисијата не се бараат итни решенија туку годишни извештаи, што значи дека нивната работа треба да биде долгорочна. Меѓутоа, во светло на бугарските неприфатливи претензии, крајно време е Македонија да го отвори прашањето за функционалноста и потребата од оваа комисија. Ако Софија јасно ни порача дека нивните „историски вистини“ носат политички печат, и ако со декларацијата во Собранието дефинираа дека нашите корени, како и јазикот, се бугарски, и дека од тоа нема отстапување, тогаш која е задачата на комисијата? Да ги потврди бугарските ујдурми? Тие не оставаат простор за никаков договор туку, преку уцени, сакаат само да ги прифатиме нивните ултиматуми. За среќа, нашата Резолуција не го дозволува тоа.

Петто, Софија инсистира да не им се мешаме во внатрешните работи. Во прашање е македонското малцинство, од кое ние треба да се откажеме, иако никој нормален не може да го игнорира неговото постоењето. Во додатната точка (+1), пак, тие инсистираат измислените Бугари во Македонија да влезат во нашиот Устав, што е класично мешање во нашите внатрешни работи, за што ние молчиме! Додека ние треба да се „заколнеме“ дека кај нив нема Македонци, што е веќе и направено со договорот за (не)пријателство, тие ќе ни го кројат Уставот! До каде се дотеравме како држава!? Кај нас нема Бугари, или се бројат во стотици, во што секој лесно може да се увери, а кај нив има бројно македонско малцинство, тотално онеправдано, а коешто е вековно и автохтоно. И, иако е наша уставна обврска да се интересираме за нив, како што е пракса и во бројни други земји, тоа да ти било мешање во нивните внатрешни работи!? Нивната, пак, монструозна измислица за „Бугарите“ кај нас, би требало да биде „европска вредност!? Ако не беше смешно, ќе беше жалосно!

Ако Македонија е навистина суверена и независна држава, ако имаме барем минимално достоинство како народ, на Софија мора одлучно да и се каже дека во меѓувреме, по неодговорното договарање околу „патоказот 5 + 1“, кај нас е изгласана Резолуција во Собранието која не обврзува да се бараат други решенија бидејќи во неа е прецизно одредено дека соработката со Бугарија мора да биде на – „рамноправна и принципиелна основа“, при што мора – „да се почитува меѓународното право, без никакво условување од едната или другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ“. Повеќе е од јасно дека Резолуција на македонското Собрание, не дозволува со Бугарија да потпишеме било каков документ од типот на спомнатиот „патоказ“. Ако некој, сепак, се осмели да преземе таков чекор, нема да одговара само политички туку и кривично бидејќи ги доведува во прашање фундаментални интереси на македонскиот народ.

Единствен излез од ќор-сокакот во кој е доведена Македонија, и со своја вина, е итно откажување на катастрофалниот договор за (не)пријателство, (не)добрососедство и (не)соработка. Ако тоа не се направи, Бугарија нема никогаш да дозволи да влеземе во ЕУ, повикувајќи се токму на наше неисполнување на договорот. Другата опција е да прифатиме дека сме „Бугари“ по род! Трето – нема! Мора да ни биде јасно дека ова прашање за Софија е – сега или никогаш, и затоа нема да попуштат!

Ристо Никовски

Декември, 2021

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Две експлозии, специјалци и сирени во Косово:…

Членови на изборната комисија придружувани од косовската…

Се урна хрватски авион МиГ-21, се трага…

Засега, како што објави Индекс.хр повикувајќи се…

СТАРТНИ СОСТАВИ: Може ли Мароко до нова…

Луис Енрике и Валид Реграгуи, селекторите на…

Милановиќ: ЕУ не е воен сојуз

Европската унија не е одбранбена алијанса, изјави…

(Видео) Од волк на Путин до кученце…

Зошто големиот „патриот“ Ленин Јовановски не го…