Зошто ЛИДЛ купил земјиште од кумот на Максим Димитриевски за 600.000 евра
Неодамна на Инфомакс читавте како со 2.500 евра се купуваат станови од 8 милиони денари во Куманово, а денес ќе прочитате како можете да ќарите 600.000 евра од инвеститор.
Погодувате, повторно пишуваме за кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, а овојпат прашуваме дали Димитриевски добил 600.000 евра од ЛИДЛ Македонија за да „заврши работа“ за јавно наддавање за купување на земјиште во Куманово.
Да почнеме со ред.
Се сеќавате на првите најави дека ЛИДЛ ќе инвестира во Македонија? Набрзо потоа видовме и средба на еден градоначалник со претставници на ЛИДЛ, но тоа не беше кумановскиот градоначалник, туку градоначалникот на Кисела Вода, кој објави дека ЛИДЛ се интересира за локација во Кисела Вода и дека првиот маркет ќе биде токму во оваа општина. Така би, ама после неколку месеци видовме дека ЛИДЛ го одбра Куманово, наместо Кисела Вода. Нивно право нели? Веројатно имаат сопствени причини зошто да инвестираат таму и тоа не се доведува во прашање.
Она што ние на почеток би сакале да го отвориме како дилема е дали кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, индиректно, доби 600.000 евра од ЛИДЛ, за да „заврши работа“ при утврдување на условите за јавното наддавање за купување на земјиштето на кое сега ќе се гради ЛИДЛ?
Што значи „да се заврши работа“?
На 13.10 2022 година, на средба на претставници на ЛИДЛ со претставници на Владата беше соопштено дека „Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 м2 и се наоѓа во Општина Куманово. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања. Во оваа фаза на подготовка, „Лидл“ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители. Компанијата организираше извоз на македонски земјоделски производи во мрежата „Лидл“ во соседните земји. И ова е само еден пример од целокупното партнерство на „Лидл“ со добавувачите и производителите кое е насочено кон докажување на секојдневната поддршка и соработка како доверлив партнер во бизнисот.
Општина Куманово, ја спроведува постапката за отуѓување на градежно земјиште по пат на електронско јавно наддавње, со намена Г4-стоваришта и складови на локација во новата индустриска развојна зона во Горно Коњаре, м.в. Новине и м.в.Речица. Оттука, општината е таа која ги утврдува условите за учество на јавното наддавање, па градоначалникот може да помогне одредена компанија да може, или да не може да се пријави на јавното наддавање преку утврдување на условите за учество во истото.
На пример, градоначалникот би можел да влијае на процесот на утврдување на условите со кои ретко која компанија ќе може да се пријави на јавното наддавање, со цел една компанија да ги исполни условите, па откако јавното наддавање ќе се заврши успешно, градоначалникот да добиее соодветна „благодарност“ за тоа.
Специфични услови имало и јавното наддавање за земјиштето кое ЛИДЛ го купува за да инвестира во Куманово, а на наддавањето се пријавиле тројца понудувачи.
Иако, технички се е во согласност со Законот, она што веднаш пага во очи додека ја читате објавата за отуѓување на градежното земјиште е невообичаено високата банкарска гарнција која е услов за компаниите да учествуваат на наддавањето.
Банкарската гаранција која се бара е 500% од почетната цена на градежното земјиште, односно околу 900.000 евра, со што на повикот можат да учествуваат само гиганти, а не и обични компании, особено не помали локални компании.
И, ако претходно една компанија била договорена да го купи земјиштето по одредена цена, пазарот се изјаловил, бидејќи еден од пријавените понудувачи ја крева цената на земјиштето до неверојатни 1906 денари за еден метар квадратен, или вкупно 325.920.015,00 денари, односно 5,3 милилиони евра.
Сепак, ЛИДЛ на крај го купува земјиштето, иако за многу повисока цена од првично планираната. Но градоначалникот делумно си ја завршил работата, па би требало за тоа да добие соодветна награда, малку помала од првичниот договор, но и да не остане без ништо…
Наградата
Компанија не може да даде пари во кеш, не може ниту без причина да извади поголема сума на пари од својата сметка, но би можела да купи нешто од некого, за многу повисока цена од вистинската вредност, па така секој да биде задоволен со добиеното.
Таткото и чичкото на Максим Димитриевски, на ден 26.09.2013 година добиваат решение од Комисијата за одлучување по барањата за денационализација, со која земјиште со површина од 1240 метри квадратни им се враќа во нивна сопстеност, откако претходно им било одземено од државата.
Земијштето се наоѓа на влезот на Куманово, веднаш до автопат и до бензинската пумпа на „Макпетрол“. Точната локација ја нагласуваме затоа што тоа ја определува и намената, а со тоа и вредноста на земјиштето, кое е определено да биде тампон зона меѓу населеното место и автопатот, па со самото тоа земјиштето и нема некоја вредност бидејќи не може да се урбанизира, таму треба да има зеленило. Земјиштето спаѓа во реон три, каде вредноста е утврдена на 5-6.000 денари, односно вреди околу 3.720.000 денари.
На ден 27.11.2023 година помеѓу Д. Димитриевски и М. Димитриевска од Куманово, родители на градоначалникот Максим Димитриевски и Драган Митевски (кој се појави и во претходниот текст, да потсетиме на фактот дека Димитриевски му е кум на Митевски, а братот на Митевски е советник во Советот на Општина Куманово) е склучен договор за купопродажба на една идеална половина од земјиштето предмет на денационализација за купопродажна цена од 15.252.000 денари или 248.000 евра.
За неполн месец подоцна, Митевски склучува преддоговор за продажба на истово ова земјише, погодете со кого. Нормално со ЛИДЛ.
Митевски, во својство на продавач, склучува преддоговор со ЛИДЛ Македонија за купопродажба на недвижен имот ОДУ.бр.110/2024 од 26.01.2024 година со кој ЛИДЛ го купува ова земјиште за 600.000 евра. Кешот лесно се дели по договор.
Накратко, земјиште кое е тампон зона, веднаш до автопат, кое не може да се урбанизира, а особено не да се изгради на него било каков индустриски објект, кое вреди нешто над 60.000 евра, Митевски го купува за 248.000 евра, а го продава за два и пол пати поскапо од вредноста за која го купил, или за десет пати поскапо од вистинската вредност на земјиштето.
Да повториме, ние објавуваме документи, со точни суми, датуми, со потписи, со податоци, не тврдиме дека било кој направил било каков криминал, но оваа шема на купување и препродавање на земјишта меѓу Димитриевски и Митевски, па потоа истите да бидат разменети за многу поголема вредност, е втор случај за кој пишуваме.
Претходниот текст објаснуваше како се „купуваат“ два стана за 2.500 евра, иако истите вредат над осум милиони денари. Овојпат истата шема завршува со кеш, кој сега во платниот промет е легален, бидејќи станува збор за договор за купопродажба.
Сепак, обвинителството има право и обврска, да ја провери целата постапка. да ги провери условите во повикот за јавно наддавање и да се утврди дали одредени инвеститори биле дискриминирани, а на други им било дадена предност што резултирала со ќар од 600.000 евра за Димитриевски и Митевски.
Истите луѓе, истата шема, ново полнење на нечиј џеб, можеби ново искористување на службена положба. Ние сме должни, како новинари, пред јавноста да ги претставиме сите факти и информации. Јавноста сама донесува заклучок од изнесените податоци, а ОЈО и МВР имаат уште еден случај за истражување, како на настаните, така и на текот на парите. Па не може секој од нива да ќари 600.000 евра нели?
Пишува: A. Митовски, А. Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Пожарникари спасуваа кумановец кој паднал во…
Денеска, од пред зори имаше неколкучасовно, успешно,…
Зошто ЛИДЛ купил земјиште од кумот на…
Неодамна на Инфомакс читавте како со 2.500…
Обид за убиство во Куманово: Го прободел…
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против Љ.А.(35)…
Претрес на МВР во Куманово: Пронајден кокаин,…
На 02.02.2023 во 19.45 часот, полициски службеници…
Жена физички нападната во Куманово
На 30.12.2022 во 19:10 часот В.К.(54) од…