Зошто Украина е загрижена од мостот меѓу Русија и Северна Кореја?
На рускиот Далечен Исток, надвор од фокусот на светските настани, Русија и Северна Кореја ја градат првата патна врска меѓу двете земји, пренесува Дојче Веле. Во Украина, оддалечена 10.000 километри, тоа предизвикува загриженост. Зошто?
Долго време Хасан беше едно од најзафрлените места во Русија. Во оваа населба на Далечниот Исток, на крајниот југоисточен раб на огромната руска држава, живеат помалку од 500 жители. Тука, повеќе од 9.000 километри по копнен пат од Москва, Русија има граница со Северна Кореја долга само 17 километри, а Хасан е единствената руска населба долж овој граничен појас.
Од 1959 година, „Железничкиот мост на корејско-руското пријателство“ ја премостува граничната река Тумен; досега тоа беше единствената копнена врска меѓу Русија и Северна Кореја.
Меѓутоа, веќе неколку години двете држави градат патен мост кој се протега паралелно со него, на само неколку стотици метри оддалеченост. Фактот што мостот сега е пред завршување порано од планираното предизвикува загриженост во далечниот Киев. Причината е стравувањето дека Русија би можела да го користи мостот не само за размена на трговска стока, туку пред сè за таен транспорт на севернокорејски војници до фронтот во Украина.
Од почетокот на војната во Украина во 2022 година, Русија и Северна Кореја сè повеќе се приближуваат една кон друга. Двете држави ги поврзува фактот што се погодени од сеопфатни западни санкции и што во голема мерка се надворешнополитички изолирани.
Во јуни 2024 година, двајцата шефови на држави, Владимир Путин и Ким Јонг Ун, потпишаа договор за стратешко партнерство. Неговиот најважен резултат беше продлабочувањето на воената соработка. Таа, пред сè, опфати големи испораки на оружје, но и испраќање севернокорејски војници за руската војна во Украина. Паралелно со тоа, двете страни донесоа одлука за изградба на нов патен мост.
„Отворањето на новиот мост ќе ја поттикне меѓусебната трговија, ќе ја оптимизира логистиката, ќе ги зајакне културните врски и ќе ги претвори пограничните подрачја во центри со динамичен економски раст“, изјави во соопштение рускиот министер за транспорт Андреј Никитин.
И американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) пишува: „Темпото со кое напредува изградбата на патниот мост и постојано високото ниво на железнички сообраќај на претходно неактивните ранжирни станици се јасни показатели за значењето и проширувањето на трговијата меѓу двете земји за време на војната што Русија ја води против Украина.“
Проект за трговија и туризам?
Меѓутоа, според британскиот „Гардијан“, постојат сериозни сомнежи дека цивилните и економските цели навистина се главните причини за овој градежен проект.
Според официјалните податоци, вкупната трговска размена меѓу Русија и Северна Кореја во текот на 2024 година изнесувала само 34 милиони американски долари. Само трошоците за изградба на мостот и придружната инфраструктура се проценуваат на околу 100 милиони долари, што е речиси трипати повеќе од вкупниот обем на трговијата. На сателитските снимки од градилиштето се гледа дека се градат големи складишни и царински објекти, паркинг-простори за камиони, како и хелиодром.
Украинската организација за заштита на човековите права Трут Хаундс (Truth Hounds), која исто така ја следи изградбата на мостот, не верува ниту дека тој ќе доведе до процут на туризмот. Мостот се гради на дури 125 часа возење со автомобил од Москва и уште четири часа од Владивосток. „Туризмот во Северна Кореја е под строги ограничувања и поради затвореноста на земјата не може брзо да расте“, се наведува во нивната анализа.
Дури и ако некој планира одмор во таа земја, не би го поминал во нејзиниот зафрлен и туристички целосно неразвиен североисток, туку во главниот град Пјонгјанг. Тој, меѓутоа, се наоѓа стотици километри од границата, па затоа, според оценката на украинските активисти, „малкумина ќе сакаат да ја поминат таа далечина со автомобил“.
Покрај тоа, Русија веќе подолго време безуспешно се обидува да привлече туристи со директни летови од Москва до Пјонгјанг, кои ги субвенционира со милионски суми. Авионите, сепак, остануваат практично празни; во текот на целата 2025 година во Северна Кореја отпатувале вкупно помалку од 10.000 руски државјани.
Мост за прикриени воени транспорти?
Поради тоа, аналитичарите на организацијата Трут Хаундс заклучуваат дека вистинската причина за изградбата на мостот е продлабочувањето на воената соработка. Пред сè, би можело да станува збор за префрлање севернокорејски војници и оружје за војната против Украина.
Во средината на минатата година, според неофицијални информации од Јужна Кореја, Украина и Соединетите Американски Држави, Северна Кореја испратила меѓу 14.000 и 15.000 свои државјани во војната. Тие главно биле ангажирани во руската Курска област, која Украина во меѓувреме привремено ја зазела. Освен тоа, Северна Кореја и претходно ја снабдувала Русија со оружје.
Превозот на трупи, сметаат аналитичарите на Трут Хаундс, сателитите би можеле многу потешко да го следат на патиштата отколку на железницата. Возовите можат да сообраќаат само по ограничен број колосеци, а товарењето и растоварувањето на вагоните е можно само во одредени железнички јазли. Камионите, од друга страна, можат практично каде било да бидат натоварени и истоварени, додека разгранетата патна мрежа речиси целосно го оневозможува сеопфатниот сателитски надзор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред само неколку дена предупреди на мрежата Икс дека Русија би можела да ангажира уште до 30.000 севернокорејски војници во војната против Украина.
Знаење и искуство за Северна Кореја
Зеленски во истата објава наведе дека и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун би можел да профитира од продлабочувањето на воената соработка со Русија. Новиот мост не би служел само за неприметен транспорт на ресурси. „Русија ѝ помага на Северна Кореја да научи како се води војна, да го унапреди своето вооружување и да стекне вистинско борбено искуство“, напиша украинскиот претседател.
Покрај тоа, „се претпоставува дека Северна Кореја своето ангажирање го наплатува со руска нуклеарна технологија“, неодамна оцени политикологот Улрих Шмид од Универзитетот во Сент Гален во прилог на швајцарската телевизија СРФ.
Сето тоа, според објавата на Володимир Зеленски на мрежата Икс, претставува „опасност за секој човек во Азија што се наоѓа во дострелот на севернокорејските ракети“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зошто Украина е загрижена од мостот меѓу…
На рускиот Далечен Исток, надвор од фокусот…
Шпанија: Околу 70.000 мигранти ја напуштиле Сеута,…
Речиси 70.000 мигранти ја напуштиле шпанската енклава…
„Еј-би-си њуз“: Трамп седум пати се закани…
мериканскиот претседател Доналд Трамп најмалку седум пати…
Дел од ракета на „Спејс Икс“ денес…
Дел од ракетата Falcon 9 на SpaceX,…
Уапсена снаа од Кавадарци, се заканувала на…
Синоќа во 22:00 часот, полициски службеници од…