Ивана на видео повик му кажа на Стојанче што ќе направи, тој рече: „не се убива, не умира“, кажа сведокот Мартин Саздов

t

По паузата, во Кривичниот суд сведокот Мартин Саздов кажуваше што се случило два часа пред трагичниот настан каде Ивана и Катја починаа со пад од балкон. Според него, Ивана повикала полиција во близина на Кривичниот суд за да пријави дека Стојанче ја тепа. Полицијата дошла, извршила службен разговор и со Ивана и со Стојанче, а потоа рекле „да си го решат проблемот“. На Ивана и рекле дека ако уште еднаш Ивана пријави, ќе добиела кривична пријава за кривично дело „лажно пријавување“.

Саздов сведочеше дека во една ситуација и тој самиот отишол во полициска станица да пријави дека Стојанче ја напаѓа Ивана, но таму му рекле „кој си ти да пријавуваш“. Кажа дека Ивана немала пари, односно дека обвинетиот и ги земал, а ако купела нешто за јадење за Катја, Стојанче го земал јадењето и го фрлал.

Тој во детали раскажуваше што се случило на 1 март, еден ден пред самоубиството, но и на самиот ден, односно на втори март. Низ солзи кажуваше дека Ивана му се јавила на Стојанче на видео повик од терасата и со Катја во рацете го предупредувала Стојанче што ќе направи. На сето ова, како што вели Саздов, му претходело целодневно малтретирање, навредување со зборовите „к…о“ и зборови на обвинетиот Стојанче дека и детето Катја „му е одбивно бидејќи е исто како мајка му“.

„Сакам да кажам што се случуваше неколку дена пред 2 март 2026 година. Не знам дали сте ги виделе разговорите на телефонот, но Ивана цело време ми пишуваше дека ова веќе не може да го издржи, многу ѝ е тешко, не може да го поднесе Стојанче. Беше многу исплашена и психички падната. Се обидував на секој начин да ѝ помогнам. И велев да си оди кај нејзината мајка, се лутев што не оди таму да живее. Си мислев ајде ако се налутам, ќе оди кај мајка ѝ. На 1 март, еден ден пред критичниот ден, вечерта ми пиша Ивана „Мартин те молам не ме оставај, многу ми е тешко, не можам да го издржам ова“. Сум заспал вечерта, не сум вратил. Сабајлето ја прочитав пораката, отидов веднаш на работа кај неа да ја видам. Работното место и беше во близина на училиштето „Нова“. Отидов околу 10 и 30 часот наутро. Ја видов како работи, ја повикав да излезе надвор. Се насмевна и рече ќе дојдам за 2 минути. Кога излезе надвор, разговаравме општо. Ја прашав зошто има заследено на тик-ток некој униформиран полициски службеник, дали бара помош од него. Ми рече „не, другар ми е од порано“. Не верував. И реков може ли да му се јавиме да го прашаме? Му се јави од нејзиниот Инстаграм профил, ја замолив да ми го даде да го прашам. Го прашав дали Ивана му се жалела нешто, но тој одговори негативно, дека си правеле најнормален муабет. Стоевме пред моето возило кое беше паркирано спроти нејзиното работно место. Почнавме да зборуваме да оди кај мајка ѝ. Ја молев да оди кај таму, оти не дај Боже еден ден ќе ја убие. Но Ивана рече „не можам Мартин, не можам да останам на улица со Катја, не можам да го оставам станот, Катја си ја бара собата“, сведочеше Саздов.

Тој не знаел што да направи, па откако и понудил помош, се упатил кон возилото.

„Ја завртев колата да си одам, стигнав до кај маркетот Кипер, не возев ни минута-две, Ивана ми се јави со зборовите „те молам врати се, Стојанче е тука“. Забележав по гласот дека нешто не е во ред, исплашена беше, ја тепал. Кога излегов од автомобилот, Стојанче почна да ја тепа, почнав да го влечам, да го оттргнувам да не ја удира. Тој ми велеше „к…..ата ми кажа дека ти си ме наместил за дрогата“, но Ивана тврдеше дека тоа не е точно и манипулира. Пак ја тепаше. Јас пак го оттргнав и му реков да влезе кај мене во автомобил. Ивана исто се качи на задното седиште, иако ја молев да оди на работа“, рече Саздов.

Стојанче во автомобилот побарал од Мартин да го однесе во суд да се пријави, а Ивана останала на задното седиште.

„Кога стигнав на Партизанска, се сврте со боксови, почна да ја дави. Ја навредуваше „к…о една ќе видиш со кого си фати работа“. Велеше „немој да мислиш дека на Мартин му се плашам“. Со колената се качи на совозачкото седиште и почна да ја удира со боксови и да ја дави Ивана која беше на задното седиште. Таа се онесвести, јас сопрев, се свртев да видам дали е Ивана добра а Стојанче ми рече „остави ја к…..а глуми, ништо не ѝ е, ќе ѝ го земам телефонот од раце да видам со кого комуницира“. Ивана се освести и Стојанче почна да се смее и рече „види ја к…..а како глуми“. Кога стигнавме кај судот, излеговме од возилото. Не се сеќавам дали точно ја удри пред судот, мислам дека на камерите може да се види дали ја удри. Возилото го паркирав позади судот, па и реков на Ивана да земе такси да си оди. Јас и Стојанче тргнавме накај судот. Таа одеше позади нас. Кога стигнавме кај скалите кај судот, Стојанче пак сакаше да ја удри. Му реков „немој ќе те пријави, ќе си направиш проблем“. Ивана тогаш ми се обрати дека Стојанче ме манипулира, дека таа никогаш не кажала оти јас сум го наместил Стојанче за дрога. Јас се свртев, намигнав, зашто знаев дека не кажала такво нешто. Кога влеговме во судот, Стојанче се пријави. Излеговме, Ивана стоеше до возилото и зборуваше на телефон. Кога стигнавме таму, Ивана го избриша разговорот од оној со кого контактирала. Стојанче ја прашуваше со кого зборува а таа одговараше дека зборувала со нејзината мајка. Стојанче инсистираше да види, се посомневал дека Ивана го пријавува во полиција, тука ја навредуваше цело време. Таа не сакаше да му го даде телефонот за да не го скрши, па ми го даде мене телефонот, за му покажам од мои раце дека нема ништо“, рече Саздов.

Сведочеше дека Ивана побарала да разговара со Стојанче на само, а откако тој се тргнал, обвинетиот ја удрил со двете раце одеднаш по главата.

„Ивана побара да разговара со Стојанче на страна, јас се тргнав. Застанав пред автомобилот, тие разговараа. Стојанче ја удри со двете раце одеднаш во пределот на главата. Се затрчав, го тргнав Стојанче, Ивана го зеде телефонот, се јави во полиција на 192 да пријави насилство. Мислам дека цело време телефонот и беше вклучен на 192“, кажа Саздов.

Откако Ивана пријавила во полиција, Стојанче и возвратил со смеење: „к…о една ништо не можеш да ми направиш“.

„Имаше многу навреди додека да дојде полицијата. Кога дојде полицијата ја тргнаа Ивана на страна, разговараа со неа. Потоа го тргнаа и Стојанче на страна, разговараа и со него. Ивана цело време ми велеше, додека Стојанче беше со полицајците, дека таа никогаш не кажала оти јас сум го наместил него за дрогата. Полицајците им ги вратија личните карти и им рекоа на двајцата „решете си го проблемот“, посочи Саздов.

Кажа дека полицијата пак дошла и бидејќи Ивана не сакала да посочи кој ѝ се заканува, добила поука од службениците дека ако уште еднаш добијат повик ќе ѝ напишат пријава за „лажно пријавување кривично дело“. Потоа Саздов застанал кај катната гаража во близина на адвокатската улица, предложувајќи Ивана да си ги земе работите од станот. Таа инсистирала да ја земат Катја од училиште оти без неа не сакала да оди било каде.

„Ја земавме Катја, тргнавме кон станот. Додека се возевме, Стојанче ја навредуваше Ивана пред Катја. И се закануваше со зборовите „к…о една ќе видиш што ќе ти направам, Катја ќе ти ја земам, да се губиш од станот, ништо не ми можете“. Го молев да не зборува пред детето. Се преправав дека наводно разговарам на телефон за да не се караат. Бидејќи сметаше дека е наместен, Стојанче и се закануваше на Ивана. Кога стигнавме пред зградата на улицата Теодосиј Гологанов, сакав да застанам пред зградата, да ги почекам долу. Но, Стојанче бараше да се паркирам со зборовите „не може к…..а да оди сама во мојот стан ќе ме мести нешто“. Предложив да се качат Ивана и Катја сами, но Стојанче не даваше. Рече „нема да ја оставам к…..а сама, ќе се качиме сите заедно“, рече Саздов.

Тој кажа дека Стојанче ги следел Ивана и Катја до станот и цело време ја навредувал.

„Катја ја гушкаше Ивана за ногата. Јас го фатив за рака Стојанче, го повлеков и му реков ќе седиме пред врата јас и ти, викаше „к….а пак ќе ме мести, ќе ми земе нешто од дома. Јас го убедував дека ќе земе едно ранче за Катја, а Ивана ја затвори вратата со внатрешниот клуч, замоли да добие 5 минути. Чекавме пред врата, не се слушнаа никакви гласови, заѕвонев на ѕвончето, до каде си прашав, одговори еве за 5 минути. Ја отвори вратата, ја држеше Катја во раце, рече не сакаме да си одиме од станот, ќе легнеме со Катја да се доспиеме. Му реков на Стојанче ајде да се симнеме, нека се одморат. Додека беше Ивана на врата со Катја гушната во раце, Стојанче ѝ рече на Ивана – „ќе видиш што ќе ти направам к…о една, пак ми правиш к…и работи, ќе ја сменам бравата, ќе ја земам Катја и станот“. Ивана само се насмеа – му рече прави што сакаш ја затвори вратата, ја заклучи. Мислев ќе се предомисли, ќе се симне. Јас и Стојанче се симнавме. Стојанче ми велеше „пак ми прави таа к…и работи“. Се посомневав да не си направи нешто, а тој рече – „таа к…а не се убива, не умира“, сведочеше Саздов.

Според сведокот, кога се симнале пред зградата со Стојанче, Ивана му се јавила на видео повик за да му каже што ќе направи.

„Кога спушти Стојанче, го стави телефонот во џеб, го прашав што зборуваа со Ивана а тој рече дека не ја разбрал. Претпоставувам дека Ивана му кажала што ќе направи, но тој го стави телефонот на тивок режим и во џеб. Му ѕвонела пак, а тој не и кревал. Ми се јави Ивана мене и ми рече да му кажам на Стојанче да и се јави на камера. Ивана заѕвоне кај Стојанче на камера, ѕирнав во телефонот што се случува, ја видов Ивана како стои со Катја во раце на терасата и одма сфатив што ќе направи. Викнав „Ивана немој да си направила глупост“ почнав да трчам накај влезот и само слушнав силен удар. Истрчав да видам што се случи, ја видов Ивана како лежи во крв почнав да трчам назад, мислев Катја е горе. Ми текна дека ја заклучи вратата од внатре. Се вратив назад ја видов и Катја до Ивана и почнав да барам некој да викне брза помош. Кога слушнавме силен тресок Стојанче почна да трча накај главната улица „Теодосиј Гологанов“. Јас истрчав накај Ивана и Катја, сакав да им помогнам, не знам како. Стојанче не отиде ни да ги види“, рече Саздов низ солзи.

Тој сведочеше дека Стојанче не придонесувал за издржувањето на Катја, не плаќал никакви сметки, ниту купувал храна, за се вклучително и за кредитот се грижела Ивана и под присила му го препишала својот дел од станот со фалсификат документ кој го изготвил. Ивана му кажувала на Саздов дека не сака детето Катја да расте со Стојанче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ивана на видео повик му кажа на…

По паузата, во Кривичниот суд сведокот Мартин…

Одложен почетокот на судењето за полицајците обвинети…

Првото рочиште за 13-те полицајци обвинети за…

Стојанче ги тепал Ивана и Катја секоја…

Сведокот Мартин Саздов пред судот посочи дека…

Стојанче ми рече дека Катја му е…

Сведокот во предметот и поранешен пријател на…

Обвинителите вчера добиле допис од МВР за…

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал…