Историско соочување: Македонското прашање е борба и тоа беспоштедна, макотрпна и истрајна, против Османлиите, Бугарија, Србија

t

Историско соочување: Македонија и Бугарија, вчера, денес и утре(3.)

Историската вистина за народносната и идентитетската суштина на борбата на македонскиот народ за слобода и државност


Професорката Наташа Котлар-Трајкова ги разобличува бугарските лаги и фалсификати за македонското прашање и ни го претставува македонскиот историски наратив научно фундиран.

Денес збор-два повеќе и нешто поконкретно за “Македонското прашање – појава, особености и развојни фази(низ призмата на македонско-бугарските односи)“, научен труд понесен од Д-р Наташа Котлар-Трајкова, на научниот собир на тема “Македонија и Бугарија меѓу минатото и сегашноста“, одржан на 26 април 2022г, во организација на Социјалистичката партија на Македонија.

Д-р Котлар-Трајкова уште на самиот почеток на трудот нагласува дека во суштина се работи за борбата на македонскиот народ за јазично, духовно, културно, народносно и политичко самостојно изразување и профилирање пред властите на Отоманската империја, од една страна, и пред/против антимакедонската пропаганда на Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија, кои очајнички се обидуваа духовно да ги потчинат Македонците во 19-от и 20-от век.

Историскиот контекст од страна на авторот на трудот е определен во 50-тите години од 19-от век, а во некои аспекти и порано, уште од укинувањето на Охридската архиепископија од 1767 година. На тој план, авторот ги посочува и социјално-економските состојби и промените на истите, како и надворешно-политичките влијанија, од пропагандите на Србија, Грција и Бугарија и односот и влијанијата на големите сили(Русија, Австрија, Прусија, подоцна и Франција, Велика Британија и Германија) изразени преку Источното прашање, Цариградската конференција, Кримската војна, Рајштатска спогодба, Берлинскиот мировен конгрес и договор.

Мора да се истакне дека тоа е холистички приод и третирање на македонското прашање, и констатираме дека тоа е единствениот соодветен приод и најдобриот метод за проучување и презентирање на предметната тема.

Д-р Котлар-Трајкова со право забележува дека денес во третата деценија на 21-от век, е логички апсурдно, историски неоправдано, правно неиздржано и политички погрешно да се негира македонскиот народ, македонскиот јазик, црквата наша, културата што не одликува и по која се разликуваме од соседите, како традицијата што со векови сме ја создавале.

За Охридската архиепископија истакна дека низ векови била столб на духовноста, писменоста и културната традиција на македонскиот народ, и дека тоа е факт, кој не може да се оспорува и негира. Со тоа во трудот проф. д-р Котлар-Трајкова, на преден план е истакната комплексноста на македонското прашање, во вид на една појмовна целост(во која има и социолошки објаснувања), која низ целиот 19-ти век еволуира во  кон сплотена и организирана акција, во вид на колективна народна сила.

Понатаму во трудот македонското прашање е претставено како концепти и објави, во вид на етничко, јазично и културно прашање, поставено и водено од организирани македонски сили и субјекти пред Османлиската власт и пред државните пропаганди на соседите на Македонија. Најнапред е истакната борбата против елинизацијата на Македонците, која во тоа време заземала широк фронт.

Претставен е и првичниот успех – потиснувањето на грчкиот јазик од училиштата и негова замена со “живиот народен(македонски) јазик“, како и воведувањето во црковната богослужба  на црковнословенскиот јазик и се почесто ангажирање во црквите на свештеници од автохтоно македонско потекло. Тоа била бескомпромисна битка против грчките свештеници, учители, картографи, статистичари и дипломатски претставници. Подоцна борбата на македонскиот народ продолжила против неговата бугаризација од страна на Бугарската егзархија и сиот агресивен и асимилаторски бугарски колорит составен од бугарски книги, читалишта, дружини, списанија, свештеници, трговци. Професорката во тој контекст особено јасно и концизно, но и аргументирано и научно засновано ја претставува различноста на Македонците и Бугарите од аспект на народност, јазик, култура и црква.

На тој план ги истакнува значајната улога и големите заслуги на македонските преродбеници Димитар Миладинов, архимандритот Партение Зографски, Константин Миладинов, Венјамин Манчуковски, Ѓорги Пулевски, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и др. Исто така ни ја претставува и значајната улога на организираните македонски општини од 19-от век, со посебен осврт на активноста на Кукуш, Воден, Охрид, Велес и Солун(во кој дејствувала познатата “тројка“, Димитар Паунчев, Петар Шумков и Насте Стојков), кои со учебници на македонско наречје воделе битка против напред посочените странски влијанија и пропаганди.

На тој план најзначајни биле конкретните акции, уште од 1872г. на Ѓорги Пулевски и Венјамин Манчуковски, кои настапиле со барања за посебен македонски јазик и посебна македонска националност. Професорката не заборава да не потсети за македонските револуционери и борци за слобода и македонска држава, Ѓорги Пулевски, Димитар Трифунов Цветков, Иљо Малешевски, Ѓорги Огнанов, Иван Робев, кои покрај што се бореле во македонски востанија, учествувале и во борбите за ослободување на соседните држави и народи, за што биле и одликувани со воени ордени за храброст.

Сумарно, според професорката, македонското прашање се профилирало низ повеќе идејни објави, како што таа пишува, најпрвин во словенофилски, потоа во компромисни, а на крајот како јасни и чисти македонистички, кои константно имале јазични, етнички и културни одредници.

Значи, македонското прашање е борба и тоа беспоштедна, макотрпна и истрајна, против османлиското владеење, против патријаршиската и егзархиската духовна власт и против целокупната државна пропаганда на Кнежевството Бугарија, Кралствата Грција и Србија, во вид на народно и ослободително движење, изведувано преку преродбеници, учебникари, просветители, списанија(“Лоза“, “Македонија“, Вардар“, “Македонски глас“ и др.), и преку дејци, револуционери, комити и војводи на Македонската револуционерна организација((МРО/ТМОРО/БМОРО), Устави, Правила, Лиги и Влади, и со  востанија –  Македонско(Кресненско) и Илинденското востание и Крушевската Република. Тоа е еден целосен мозаик на територијално-етничка и политичка содржина на македонското прашање со историска, именска, народносна и идентитетска есенција.

Овој научен труд е вистинска поучна историска поука за младите македонски генерации, но и историско четиво кое треба да го прочитат и научат бугарските историчари со заробен ум од политичките налози на нивните државни налогодавци.  

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сефте победа на македонските одбојкари за убедлив…

Во својот прв настап одбојкарската репрезентација на…

Дендиас најави нова инвестиција: Грчка компанија ќе…

Економската размена помеѓу Македонија и Грција во…

Пендаровски заинтересиран за Роналдо, ги пофали македонските…

Денеска во Давос, претседателот на Република Македонија,Стево…

Битиќи ја информирал Мелсом: Македонија е вистинска…

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија…

Германија со одлична вест за гастербајтерите, се…

Германскиот министер за здравство, Карл Лаутербах денеска…