Историско соочување: Македонското прашање е борба и тоа беспоштедна, макотрпна и истрајна, против Османлиите, Бугарија, Србија
Историско соочување: Македонија и Бугарија, вчера, денес и утре(3.)
Историската вистина за народносната и идентитетската суштина на борбата на македонскиот народ за слобода и државност
Професорката Наташа Котлар-Трајкова ги разобличува бугарските лаги и фалсификати за македонското прашање и ни го претставува македонскиот историски наратив научно фундиран.
Денес збор-два повеќе и нешто поконкретно за “Македонското прашање – појава, особености и развојни фази(низ призмата на македонско-бугарските односи)“, научен труд понесен од Д-р Наташа Котлар-Трајкова, на научниот собир на тема “Македонија и Бугарија меѓу минатото и сегашноста“, одржан на 26 април 2022г, во организација на Социјалистичката партија на Македонија.
Д-р Котлар-Трајкова уште на самиот почеток на трудот нагласува дека во суштина се работи за борбата на македонскиот народ за јазично, духовно, културно, народносно и политичко самостојно изразување и профилирање пред властите на Отоманската империја, од една страна, и пред/против антимакедонската пропаганда на Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија, кои очајнички се обидуваа духовно да ги потчинат Македонците во 19-от и 20-от век.
Историскиот контекст од страна на авторот на трудот е определен во 50-тите години од 19-от век, а во некои аспекти и порано, уште од укинувањето на Охридската архиепископија од 1767 година. На тој план, авторот ги посочува и социјално-економските состојби и промените на истите, како и надворешно-политичките влијанија, од пропагандите на Србија, Грција и Бугарија и односот и влијанијата на големите сили(Русија, Австрија, Прусија, подоцна и Франција, Велика Британија и Германија) изразени преку Источното прашање, Цариградската конференција, Кримската војна, Рајштатска спогодба, Берлинскиот мировен конгрес и договор.
Мора да се истакне дека тоа е холистички приод и третирање на македонското прашање, и констатираме дека тоа е единствениот соодветен приод и најдобриот метод за проучување и презентирање на предметната тема.
Д-р Котлар-Трајкова со право забележува дека денес во третата деценија на 21-от век, е логички апсурдно, историски неоправдано, правно неиздржано и политички погрешно да се негира македонскиот народ, македонскиот јазик, црквата наша, културата што не одликува и по која се разликуваме од соседите, како традицијата што со векови сме ја создавале.
За Охридската архиепископија истакна дека низ векови била столб на духовноста, писменоста и културната традиција на македонскиот народ, и дека тоа е факт, кој не може да се оспорува и негира. Со тоа во трудот проф. д-р Котлар-Трајкова, на преден план е истакната комплексноста на македонското прашање, во вид на една појмовна целост(во која има и социолошки објаснувања), која низ целиот 19-ти век еволуира во кон сплотена и организирана акција, во вид на колективна народна сила.
Понатаму во трудот македонското прашање е претставено како концепти и објави, во вид на етничко, јазично и културно прашање, поставено и водено од организирани македонски сили и субјекти пред Османлиската власт и пред државните пропаганди на соседите на Македонија. Најнапред е истакната борбата против елинизацијата на Македонците, која во тоа време заземала широк фронт.
Претставен е и првичниот успех – потиснувањето на грчкиот јазик од училиштата и негова замена со “живиот народен(македонски) јазик“, како и воведувањето во црковната богослужба на црковнословенскиот јазик и се почесто ангажирање во црквите на свештеници од автохтоно македонско потекло. Тоа била бескомпромисна битка против грчките свештеници, учители, картографи, статистичари и дипломатски претставници. Подоцна борбата на македонскиот народ продолжила против неговата бугаризација од страна на Бугарската егзархија и сиот агресивен и асимилаторски бугарски колорит составен од бугарски книги, читалишта, дружини, списанија, свештеници, трговци. Професорката во тој контекст особено јасно и концизно, но и аргументирано и научно засновано ја претставува различноста на Македонците и Бугарите од аспект на народност, јазик, култура и црква.
На тој план ги истакнува значајната улога и големите заслуги на македонските преродбеници Димитар Миладинов, архимандритот Партение Зографски, Константин Миладинов, Венјамин Манчуковски, Ѓорги Пулевски, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и др. Исто така ни ја претставува и значајната улога на организираните македонски општини од 19-от век, со посебен осврт на активноста на Кукуш, Воден, Охрид, Велес и Солун(во кој дејствувала познатата “тројка“, Димитар Паунчев, Петар Шумков и Насте Стојков), кои со учебници на македонско наречје воделе битка против напред посочените странски влијанија и пропаганди.
На тој план најзначајни биле конкретните акции, уште од 1872г. на Ѓорги Пулевски и Венјамин Манчуковски, кои настапиле со барања за посебен македонски јазик и посебна македонска националност. Професорката не заборава да не потсети за македонските револуционери и борци за слобода и македонска држава, Ѓорги Пулевски, Димитар Трифунов Цветков, Иљо Малешевски, Ѓорги Огнанов, Иван Робев, кои покрај што се бореле во македонски востанија, учествувале и во борбите за ослободување на соседните држави и народи, за што биле и одликувани со воени ордени за храброст.
Сумарно, според професорката, македонското прашање се профилирало низ повеќе идејни објави, како што таа пишува, најпрвин во словенофилски, потоа во компромисни, а на крајот како јасни и чисти македонистички, кои константно имале јазични, етнички и културни одредници.
Значи, македонското прашање е борба и тоа беспоштедна, макотрпна и истрајна, против османлиското владеење, против патријаршиската и егзархиската духовна власт и против целокупната државна пропаганда на Кнежевството Бугарија, Кралствата Грција и Србија, во вид на народно и ослободително движење, изведувано преку преродбеници, учебникари, просветители, списанија(“Лоза“, “Македонија“, Вардар“, “Македонски глас“ и др.), и преку дејци, револуционери, комити и војводи на Македонската револуционерна организација((МРО/ТМОРО/БМОРО), Устави, Правила, Лиги и Влади, и со востанија – Македонско(Кресненско) и Илинденското востание и Крушевската Република. Тоа е еден целосен мозаик на територијално-етничка и политичка содржина на македонското прашање со историска, именска, народносна и идентитетска есенција.
Овој научен труд е вистинска поучна историска поука за младите македонски генерации, но и историско четиво кое треба да го прочитат и научат бугарските историчари со заробен ум од политичките налози на нивните државни налогодавци.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Работник Ром го пријавил шефот Албанец дека…
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…
Во Хрватска е уапсен е градежен работник…
Хрватската полиција поднесе кривична пријава против 54-годишен…
360 степени: (Не)скриени актери во Македонија потпалуваат…
Повеќе интернет-портали и фејсбук-страници на македонски јазик…
Сиљановска: Убедени сме дека Македонија има многу…
Билатералните односи меѓу Македонија и Индија да…
Мицкоски за инвестициите во дата центри: Ние…
Се обидуваме да ја развиваме државата, да…