Клековски најави реформи во Брзата помош: Централен диспечерски центар и нови возила

t

Формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, воведување национални стандарди за тријажа, централен диспечерски систем и набавка на нови возила се дел од мерките за подобрување на функционирањето на Итната медицинска помош, информира министерот за здравство Сашо Клековски.

По реакциите на граѓаните за долгото чекање на Брзата помош, недостигот од екипи и случаи во кои пациентите наводно биле одбивани поради возраста или здравствената состојба, Клековски посочува дека се работи на реформи во системот.

Владата ја усвоила информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје, кој ќе има сопствено раководство, буџет и планирање, наместо да функционира во рамките на поголема здравствена установа. Проектот е замислен како пилот-модел кој би можел да се прошири и во другите градови.

Една од најавените мерки е воведување национални стандарди за тријажа, со кои ќе се утврдува степенот на итност на секој повик според јасни и транспарентни критериуми. Според министерот, одлуката за тоа кој повик е итен не треба да зависи од лицето кое се јавува, туку од унифицирани правила што ќе важат низ целата држава.

Предвидено е и формирање национален диспечерски центар во кој ќе се евидентираат повиците и екипите на Итната медицинска помош, а на интервенција ќе се упатува најблискиот расположлив тим. За секој повик ќе има евиденција кога е примен, каква одлука е донесена и врз основа на кои критериуми.

Во однос на возниот парк, Клековски информира дека се набавени 100 нови возила за Итната помош, со кои во земјата ќе има функционални 200 возила. Дополнителни 50 возила се очекуваат преку ИПА 3 програмата на Европската Унија.

Недостигот од медицински кадар останува еден од најголемите предизвици. Според најавите, повеќе од 300 вработени во Итната медицинска помош треба да заминат во пензија до 2030 година. Во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување нов профил – парамедик, кој ќе биде обучен за пружање медицинска помош и грижа за пациентите за време на транспортот.

Паралелно. се реконструира Ургентниот хируршки центар, а се оформува и Ургентниот интернистички центар во Клиничкиот центар во Скопје.

Клековски признава дека сè уште не се решени сите проблеми, меѓу кои и бројот на екипи по смена, особено во Скопје, како и прашањето кој ќе помогне при транспорт на пациент кој е неподвижен, а дома нема лице што може да го подигне.

Министерот посочува дека резултатите од реформите нема да се мерат преку соопштенија и најави, туку преку времето што граѓаните ќе го чекаат од моментот кога ќе се јават на бројот 194 до пристигнувањето на медицинската екипа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Клековски најави реформи во Брзата помош: Централен…

Формирање самостоен Центар за итна медицинска помош…

Продолжува специјалната војна: Бугарите сега тврдат дека…

Министерството за внатрешни работи презело мерки против…

Иран одбива преговори со САД сè додека…

Главниот преговарач на Иран и претседател на…

Скепса во Берлин за Студентската листа –…

Шефовите на држави и влади на Европската…

Британските фирми што ја снабдуваат Украина предупредени…

Британските компании што обезбедуваат воени резерви за…