Објавено на:

Кои се опциите на Западот ако Путин навистина фрли нуклеарна бомба?

t

Зачестија шпекулациите за тоа дали Владимир Путин ќе користи нуклеарно оружје, а последиците би можеле да бидат катастрофални и за Западот, и за рускиот претседател. Забавувањето на руската инвазија и нападот на Украина на мостот на Крим придонесоа за зголемена загриженост дека Путин би можел да ескалира од конвенционално оружје во тактички нуклеарен напад, пишува Sky News.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека светот е најблиску до „Армагедон“ од Кубанската ракетна криза. НАТО вели дека таквиот потег најверојатно ќе доведе до „физички одговор“ од Украина, нејзините сојузници, па дури и од самото НАТО.

Се верува дека секоја употреба на нуклеарно оружје би имала „невидени последици“ и дека Москва ги користи нуклеарните закани главно за да ги одврати НАТО и другите земји директно да интервенираат во Украина.

Какви мерки може да преземе Западот ако Путин посегне по нуклеарно оружје?

Поранешниот украински министер за одбрана Андриј Загородњук рече дека НАТО има неколку опции доколку Путин донесе „ужасна“ одлука.

„Копнена операција можеби дури и не е потребна. Западната коалиција може да му каже на Кремљ дека ќе ги таргетира руските воени капацитети со директни ракетни и воздушни напади, уништувајќи ги нивните капацитети и онеспособувајќи ја Црноморската флота. Тоа може да се закани дека ќе ги прекине сите комуникации со електронско војување и организирање целосно сајбер затемнување на руската армија“, напиша Загородниук за Foreign Affairs.

Тој додаде дека „кршењето на нуклеарното табу“ може да предизвика и реперкусии од Кина и Индија, што би било уште еден удар за Кремљ.

Дали Западот прави нешто за да спречи нуклеарен напад?

Професорот Мајкл Кларк, поранешен генерален директор на Royal United Services Institute, рече дека Кремљ веќе бил предупреден за последиците од ескалацијата.

„Кога се појавија закани за тактичко нуклеарно оружје пред неколку недели, САД и неколку други членки на НАТО ја контактираа Русија за да ја пренесат пораката: „Не ни помислувајте на тоа“. Тие нема да ни кажат што точно рекоа, ниту треба да ни кажат, бидејќи мора да има одредена несигурност за одвраќање на Русија, но изгледа дека им е кажано дека нема да бидат пасивни“, рече Кларк, продолжувајќи:

„Второ, тие ѝ рекоа на Русија дека нема да одговорат нуклеарно, туку конвенционално и дека постои конвенционална способност да ја погоди целата руска нуклеарна инфраструктура и објекти. И уште нешто, нападот може да биде превентивен, штом се појави информација дека почнале руските подготовки“.

Дали Западот треба да направи повеќе?

Александар Габујев, висок соработник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, рече дека најновите руски ракетни напади во Украина се „тажен потсетник дека најстрашните страници од оваа грда војна допрва доаѓаат“.

„Одговорот на Кремљ станува сè почуден, непропорционален и деструктивен“, рече Габујев.

Зборувајќи за реакцијата на Русија на експлозијата на мостот на Крим – клучна рута од Русија до Крим – Габујев рече дека тоа покажува дека Русија „сè уште има огромна алатка за ескалација“.

„Со оглед на високите влогови и емоции, прозорецот за дипломатија веројатно ќе се отвори во најдраматичниот момент. На пример, кога Путин ќе почне да го распакува својот нуклеарен арсенал, кој ќе биде видлив за НАТО и ќе вклучува многу сигнали од Москва. Дури тогаш украинскиот а западната јавност би можела да се увери дека има итна потреба од преговори“, изјави Габујев за Sky News.

Тој додаде дека американскиот претседател Бајден ќе мора да биде вклучен во преговорите „бидејќи Кремљ го смета за единствен вистински шеф на спротивставената коалиција“ и колку побрзо тие почнат, толку подобро.

Што мислат Украинците?

Нуклеарниот напад не би променил ништо во решителноста на украинскиот народ да се бори, изјави пратеничката на украинскиот парламент Елизавета Јаско.

„Путин повеќе не се однесува логично. Путин повеќе не може да се оправдува. Разбираме дека тој е во последната битка од својот живот, каде што сака да му докаже на целиот свет дека може да прави што сака, вклучително и преземање на земјата , убивајќи илјадници луѓе и уништувајќи ја инфраструктурата. Ја разбираме нуклеарната закана и дека нападот е многу можен, но тоа нема да промени многу на украинската страна“, објасни Јаско и додаде:

„Се разбира, тоа би било катастрофа. Голема трагедија е да се видат илјадници убиени, ранети, уништени животи. Но, тоа нема да ја промени решеноста на украинскиот народ да ја врати правдата и да го врати нашиот територијален суверенитет.“

Зошто Западот треба да престане да звучи толку исплашен од евентуален нуклеарен напад?

Иан Бонд од Центарот за европски реформи вели дека Западот треба да престане да звучи како да се плаши од нуклеарен напад.

„Ништо не е попровокативно за Путин од слабоста, така што колку повеќе Западот вели дека се плаши дека Русија може да користи нуклеарно оружје, толку е поголема веројатноста дека Путин ќе продолжи да се заканува дека ќе користи нуклеарно оружје. Тој дури може да користи бомба или две за да покаже дека навистина го мисли тоа“, рече Бонд.

Бонд вели дека пораката до Русија, која би можела да биде доставена приватно, треба да гласи: „Ве молиме разберете дека ако почнете со нуклеарно оружје, сметајте дека коцката е фрлена“.

Признавајќи дека не може апсолутно да се исклучи Русија да користи нуклеарно оружје, тој додаде: „Треба да престанеме да се плашиме дека ако Украинците ги истераат од нивната земја, Русите ќе прибегнат кон нуклеарно оружје“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во гранатирање почина потпретседателката на парламентот на…

Потпретседателката на парламентот на непризнатата проруска Донецка…

Тројца кандидати во трка за директор на…

Емилија Шопар-Јованова, Ненад Савески и Наташа Габер-Демјановска…

(Видео) Хаос во Северна Митровица: Пронајдена бомба…

Екипата за деминирање на косовската полиција неутрализираше…

Полска го прифаќа предлогот на Германија: Распоредува…

Полскиот министер за одбрана денеска најави дека…

Курти за инцидентите во Косово: Ќе обезбедиме…

Косовскиот премиер Албин Курти најави дека Владата…