Контрадикторни изјави во Бугарија за Ива: „Легално“ ја поминала границата, ама „не е евидентирана на граничен премин“
Наспроти тврдењето на бегалката од македонската правда Ива Михаилова дека ја поминала македонско-бугарската граница на граничен премин, нема таков запис во системот за погранична контрола на граничните пунктови меѓу двете земји, потврдија и од Софија.
Таквата информација веќе ја испратиле до македонските власти, изјави за тамошната телевизија Нова шефот на Граничната полиција, Антон Златанов.
„Министерот за внатрешни работи веќе нареди проверка. Имам претстава како Михајлова се наоѓа во Бугарија. Не можам да го коментирам тоа, но можам да ја смирам јавноста дека во овој случај нема прекршување на прописите на бугарските гранични премини.
На македонските власти им испративме официјален одговор дека во системот за гранична контрола нема евиденција за преминување на Ива Михајлова преку бугарско-македонските гранични премини. Нема ништо загрижувачко“, изјави главниот комесар Антон Златанов.
Главниот комесар беше категоричен дека не е извршен никаков прекршок од страна на бугарските погранични власти.
Набрзо по појавата на Михаилова во медиумите во Бугарија македонските власти објавија дека таа ја поминала границата нелегално и оти податоците од пограничниот систем покажуваат дека таа последен пат излегла од Македонија во септември 2025 година и се вратила еден месец подоцна.
Михаилова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров за бугарските средства за информирање изјавија дека излегле од Македонија „апсолутно легално“ преку граничен премин, при што таа ја покажала својата македонска лична карта на македонскиот премин, а бугарската на бугарскиот.
Димитров притоа додаде дека македонските погранични полицајци ја препознале неговата клиентка, дури и им посакале успех.
Како воопшто Михаилова излегла од Македонија на граничен премин кон Бугарија со лична карта, а не со задолжителниот пасош, кој патем ѝ е одземен од Судот во Кочани кадешто ѝ се суди за сообраќајна несреќа со еден загинат, ни таа ни нејзиниот правен застапник во Бугарија не објаснија.