Кој е кој во руската пропагандна мрежа во Македонија што ја откри АНБ
Странска мрежа на медиуми регистрирани во Македонија работела во полза на руски интереси со тоа што ја поткопувала довербата во институциите, поттикнувала етничка омраза и ги нарушувала евроинтегративните процеси на државата. Ова е сижето на денешното соопштение на Агенцијата за национална безбедност, со кое службата документираше обид на Русија да влијае на општествените и политички процеси во земјава.
Под сомнение е еден сторител, за кривичните дела предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, оддавање службена тајна и ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Извршен е претрес во неговиот дом, при што се пронајдени и одземени предмети кои во моментов се предмет на дополнително вештачење.
Детали од соопштението може да прочитате на линкот подолу.
Во обраќањето до медиумите, сепак, АНБ се воздржа од соопштување имиња – и на физички и на правни лица. Тоа е разбирливо, имајќи го предвид карактерот на институцијата и фазата во која се наоѓа постапката. Сепак, преку речникот и описот на настаните се препознава која е мрежата за која Агенцијата смета дека работела во корист на Кремљ.
Москва виа Софија
Денеска објавените активности на македонските служби (АНБ, обвинителството и МВР) не се изолиран случај, туку нешто што се случува во континуитет. Јавно првпат се дозна за таквите активности на 4 март 2026 година, кога АНБ објави дека попречиле хибридни активности на недржавни прокси актери.
„Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи/БЈБ, синхронизирано презедоа организирани мерки и активности за кривичноправен прогон на лица и одземање на пропагандни материјали кои имаат за цел да предизвикуваат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните.
Лицата опфатени во кривичната пријава преку печатење и дистрибуција на пропаганден материјал планирале да поттикнат омраза кон македонската држава и идентитет и да предизвикаат тензии, а преку социјалната мрежа Фејсбук, на страната „Историски податоци за Македонија“ споделувале содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација“, соопшти тогаш АНБ.
Соопштение тогаш објави и обвинителството. Но, тие најавија кривичен прогон само за едно лице и тоа за едно кривично дело – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, од член 394-г од Кривичниот законик.
„Осомничениот, преку посебно креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук, споделувал содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација со што поттикнувал омраза кон македонската држава и идентитет. По претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност, полициски службеници извршија претрес и одзедоа пропаганден материјал што 30-годишниот скопјанец го отпечатил со намера да го дистрибуира во земјава.
На ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство“,
соопштија тогаш од обвинителството.
Медиумите, тогаш, не го објавија името на осомничениот македонски државјанин. Но, го објавија името на поттикнувачот – Виктор Стојанов, претседател на бугарската Фондација „Македонија“ со седиште во Софија. Станува збор за лице кое има забрана за влез во земјава, а неговата активнот е насочена меѓу другото против, како што го нарекува, „македонизмот“.
На 5 јули, пак, порталот „Скопје 1“ објави дека МВР и АНБ истражуваат дваесетина портали и страници на социјалните медуми со цел ширење на говор на омраза во врска со спорот меѓу Македонија и Бугарија. Тоа беше и еден од поводите да ја истражиме темата.
На 23 јули 2026 година го објавивме нашето истражување. Откривме најмалку пет фејсбук-страници на македонски јазик, но управувани од Бугарија, кои се прикажуваат како медиуми. Тие, пак, преземаа вести од пет интернет-страници регистрирани во земјава и една од странство – сите со речиси идентичен дизајн на портал за вести и со идентични написи и објави. Странската веб-страница, покажаа нашите проверки, е и адресно и капитално поврзана со Фондацијата „Македонија“ во Софија.
Зад порталите медиуми регистрирани во земјава, пак, стојат две физички лица. Два портали регистрирал извесен Александар Смиљков, а другите три Асен Петровски. Дел од мејл-адресите за контакт депонирани во МАРНЕТ се, всушност, е-адреси на Фондацијата „Македонија“.
ИМЕ НА ПОРТАЛ РЕГИСТРАНТ КОНТАКТ Е-АДРЕСА
Vestimak.mk Александар Смиљков [email protected]
Vestimk.mk Александар Смиљков [email protected]
24mk.mk Асен Петровски [email protected]
Mk24.mk Асен Петровски [email protected]
Utre.mk Асен Петровски [email protected]
Ако се чита внимателно денешното соопштение на АНБ, во него се опишува начинот на дејствување на осомничениот и групата на која ѝ припаѓал. Речиси целосно се совпаѓа со начинот на кој работат споменатите портали и страници на социјалните мрежи.
„Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, се кријат преку клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домен. Преку овие псевдопортали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост.
Наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за кривичното дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем по член 394-г од Кривичниот законик“,
се вели во денешното соопштение на АНБ.
Единствениот дел од соопштението на АНБ кој не може лесно да се поврзе со јавно експониран настан е сомнежот за кривичното дело оддавање службена тајна.
Порталите, сепак, си работат
Упатени извори за „360 степени“ велат дека лицето за кое станува збор е извесен Александар Смиљковски. Името е слично, но не е идентично со Александар Смиљков – регистраторот на два портали кои се дел од мрежата на Фондација „Македонија“. Можно е да станува збор за грешка, можно е да станува збор за две лица, но можно е да станува збор за исто лице, но со различен податок за презимето во документи од две различни држави – во случајот Македонија и во Бугарија.
Кај осомничениот бил извршен претрес на 18 септември, се вели во соопштението на АНБ. Но, тоа не сменило ништо во функционирањето на порталите и фејсбук-страниците поврзани со нив.
Тие си работат непречено.
По денешното соопштение од АНБ, преку својот ФБ-профил се огласи и Фондацијата „Македонија“. Со тоа, практично потврдија дека станува збор за нивна мрежа:
„АНБ апси независни новинари кои раководат со прозападни медиуми во Скопје, додека јавно тврди дека уапсила ’претставници на руската пропаганда’.
Муцунски лажно тврди дека барањето во францускиот предлог за запирање на говорот на омраза во скопските медиуми претставува ‘цензура на нивните медиуми’.
АНБ одзема телевизиска опрема од независен прозападен медиум и лажно тврди дека тој медиум е поврзан со педофил од Битола. Се испоставува дека педофилот од Битола е пријател на Мицкоски и член на високото раководство на владејачката партија ДПМНЕ.
Владата на Мицкоски официјално обезбедува документирано финансирање за јавни личности во Скопје кои промовираат руска пропаганда во земјата, додека истовремено апси прозападни новинари и ги претставува пред јавноста како ‘претставници на руската пропаганда’ – иако руската пропаганда во земјата е финансирана од државата, односно од владата на Мицкоски.
Ќе ставиме крај на овие гнасни лаги и манипулации. Сега.“
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е кој во руската пропагандна мрежа…
Странска мрежа на медиуми регистрирани во Македонија…
Вангард“ предупредува за Франција: задолжувањето станува сè…
Инвестициската компанија „Вангард“ предупреди на влошување на…
Нов пресврт во случајот „Ферфорд“: Уапсен британско-ирански…
Британската антитерористичка полиција уапси 27-годишен маж со…
Деко останува во затвор?! Отпочната уште една…
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран…
САД трупаат огромна воена сила околу Иран:…
Соединетите Американски Држави продолжуваат со значително засилување…